Saturday, July 14, 2012

Гласот од соседната соба


                                
                Лежеше на креветот како да немаше сила за ништо друго. Рацете ѝ беа изгребани, се познаваше дека сама се обидувала со ноктите да си ја отсрани сопствената кожа, косата ѝ беше разбушавена како да не се чешлала со години, а погледот беше некаде изгубен низ светлината на денот и црнината во нејзината душа. Веќе не знаеше да гледа напред, да чекори, да се бори, не гледаше цел, потреба, надеж, можност. Сè како да умираше во неа, само телото продолжуваше со својата функција. Беше гневна на сè околу себе, сакаше да испокрши сè, да изфрли сè, да се искара со сите и да остане сама. Не ѝ беше потребен никој повеќе, сите кои мислеше дека ја сакаат и секогаш ќе бидат покрај неа ги нема никаде. Оваа соба, оваа адреса за нив изчезна, се избриша од мапата кога се дозна што се случува. Секој си се бранеше себе си од долгата и немилосрдна рака, дури и за најмалиот „предавник“ сега имаше казна . Сепак удобноста во животот беше пред сè и пред секој. Не стануваше овде прашање на правда, на кого му веруваш, подржување на нечија идеологија, замижување пред ситницата за остварување на нешто големо. Не, тоа беа само изговорите кои се користеа, таа добро знаеше, сè беше лична корист. Ниту еден не сакаше да биде казнет бидејќи затропал на нејзината врата, нејзината моќ помина, времето се преврте, повеќе не ја сакаат, сега некој друг ги диктира правилата на игра, оној кој и ја одзеде желбата за живот. Не знаеше кого да обвини, но сите имаа вина, едни бидејќи сториле нешто, други бидејќи не сториле ништо, трети бидејќи молчеа.


                Само мајка ѝ, кутрата жена седеше покрај неа и ја тешеше, и даваше надеж дека сè ќе се среди и еден ден сè ќе биде како порано.  Но таа не сакаше сè да биде како порано, повеќе не ги сакаше луѓето околу неа, не сакаше маски, не сакаше безвредни зборови. Но мајки ѝ тоа не го знаеше, таа зборуваше. Мораше! Не смееше да молчи, мораше да направи барем мал зрак светлина на крајот од тунелот, тоа дете беше нејзиниот живот, нејзиното сè. Го забележуваше празниот поглед, пустата душа и знаеше дека мора да се бори со нешто поголемо од себе. Нејзината ќерка беше паметна и знаеше дека сè ѝ е јасно, но мора да ја излаже, бар за момент. Светот ќе го превртеше за да го врате сјајот во тие невини очи.
                Внимателно ги слушаше зборовите на нејзината мајка, иако сакаше да ѝ верува не можеше. Сакаше да се излаже и самата себе, но тешко беше. Реалноста не дозволуваше. Зборовите кои се слушаа од наредната соба и ја гореа душата, и само уште повеќе ѝ ги отвараа очите.
                -Тоа што било било, не можеме сега ништо да смениме, иако сакам да го задавам тоа копиле со моите сопствени раце нема да го сторам тоа.
                -Оди! Задави го! –вриштеше таа во себе.
                -Нема да ми оди во прилог, сега треба добро да се разгледа ситуацијата и да видиме ова како најдобро ќе се искористи. Ова ќе ни донесе многу поени.

                Нејзината болка, нејзиниот очај, нејзините пресушени очи, повеќе не беа нејзини. Не стануваше повеќе збор за нејзината уништена младост, за изгубената смисла на животот, згаснатата насмевка на една млада девојка. Сè се претвори во игра, во надигрување, во собирање на поени, во корист, лична корист, но не нејзина, туѓа, нечија голема која се криеше зад името идеологија.