Sunday, October 21, 2012

Глупости



             Очите на Нада блескаа од лутина, беше како рис, кој и да ѝ се појавеше на патот ќе му ги забиеше канџите. Овој ден тргна наопаку уште од утрото, всушност овој живот тргна наопаку откако се роди во оваа држава. Првата можност да се спаси од оваа проклето место ќе ја зграпчеше со двете раце и немаше да дозволи така лесно да ѝ се лизне. Овде воздухот секој ден стануваше се позагаден, секој ден се повеќе и повеќе се загушуваше. Нејзиното место не беше овде.
            Во собата влезе целата накисната, со скршен чадор, намокрена коса, растечена маскара и многу бес во очите. Помалата сестра која беше внесена во својата работа не забележа ниту половина од ова. Проблемите на сестрата на Нада беа поважни од Надините, всушност проблемите на сестра ѝ беа слични со оние на Нада, само што сестра ѝ гледаше некакво решение, можеби не многу ветувачко, но барем беше решение, или пак начин.
            -Што правиш ти таму!? – праша Нада сè уште нервозна и со повишен тон.   

        -Реквизити! – одговори сестра ѝ без да го тргне погледот од својата работа. – А што ти е тебе? Зошто си толку лута?

            -Подобро не прашувај. Се колнам дека не можам да издржам повеќе овде, работите од ден на ден стануваат само полоши.

            -За што зборуваш? 

           -Денес морав да отидам да извадам некој докумнет, отидов прва завршив последна. Овој бил братучед, оној колега на жена му, друг пријател, трет комшија, па братучед на братучед му, па школси од праисторијата и така сите влегоа пред мене. Кога конечно завршив таму отидов на интервју за работа. Идиотот само гледаше да ме откачи, местото веќе беше резервирано за внук му. Не ми го ни прочита CV, каков кретен. А знаеш кој му е внук? Еден лузер, не знае колку се два плус два. Најозбилно! Факултетот го заврши благодарение на татко му и тоа со шестка. А јас учев како луда, глупача! Завршив со десетка за да можам да најдам работа и сега еден клошар се сместува во фотеља тукутака, без ниту една капка пот. Кога тргнав дома автобусот доцнеше и како капак на сè внатре го сретнав Зоран колегата. Тој пак каков имбецил е, да не ти се верува, му понудиле работа од соништата, но само ако ја променил партиската книшка и овој одбил. Глупак! Јас сонувам за таква шанса, нема ни да размислувам, сто книшки ќе променам, не една, но ете има секаков народ. Ми доаѓа да избегам од државава и никогаш да не вратам, никогаш!
            -Ајде утре со нас на протест. Ќе протестираме баш против овие уцени. Мора  некој нешто да стори, зарем да дозволиме некој пред очи да нè краде. Мораме да го кренеме гласот, да не дозволиме да газат по нас колку што сакаат и да нè залажуваат со глупости. Работите не можат да останат вакви, време е за промени. Ние не сме ниту играчки, ниту глупаци, не сме ниту слепи, ниту прости. Ако сакаат да ги земаат нашите пари треба и да ги заслужат. Ова ги помина сите граници, време е за промени! Време е за промени! – викна сестра ѝ најгласно што можеше.


            -Што трескаш мори ти! – ја прекина Нада. –Какви промени, какви протести? Кој ќе протестира, ти и уште педесет глупаци? Нему му е гајле што имаш ти да кажеш и што ти мислиш. Целата држава функционира така и тоа ќе го промениш баш ти. И место да чкрташ тука некои глупости излези, можеби ќе најдеш некој моќен и богат пријател. Прави нешто од што ќе имаш корист, а не нешто што ќе ти го отежни животот. Идеали, промени, глупости...            Сестра ѝ ја погледа со бес. Таа веруваше во она што го правеше и сакаше да ѝ покаже на Нада дека греши, дека размислува погрешно. Таа е млада, а на младите останува светот, тие ако не се борат нема кој друг. Точно државата ни функционира така, но додека младите размислуваат на овој начин, така и ќе остане, нема ништо да се промени. Младите мора да ги отворат своите умови, да ја увидат својата моќ, да ја искористат својата младост, сила и памет. Ние сами го кроиме светот во кој ќе живеат нашите деца. Можеби е виновен оној што краде, но најголем виновник е оној кој дозволува да биде ограбен. Кога ја отвори устата сето ова да ѝ го каже на Нада и да ја разубеди се сети на илјадниците разговори кои ги почнуваше со иста надеж, но ги завршуваше без успех и затоа премолче. Зеде воздух, се обиде да се смири малку и потоа само кратко искоментира.
            -Знаеш што, кога добро ќе размислам ти си створена да заминеш во странство. Те молам оди и не враќај се!


            Нада ја погледна чудно својата помала сестра која ги зеде реквизитите и замина да ги заврши последните подготовки и да се бори во она што веруваше, во она во што сите требаше да веруваат ако сакаат подобро утро, додека таа остана дома да го праќа своето CV на огласите свесна дека нема да добие ниту еден одговор бидејќи  нејзиниот вујко не беше владика, а ниту поп.

Ако ме сакате...



            Оставете ме сама да чекорам, вашите раце нема вечно да ја држат мојата. Подобро да паднам додека грижливо ме гледате од страна и ми подавате рака, отколку да паднам и да останам на земја. Сакам да ги раширам крилјата и да полетам. Оставете ме да ја почувствувам моќта, да се вивнам високо и да го освојам светот па макар и за миг. Сакам да треснам на земја, да ги раскрварам  нозете и да го голтам правот околу мене. Поставете ми препреки на патот и не тргајте ги веќе постоечките. Наведнете  ми ја главата за да научам како да ја држам исправена. Удрете ми шлаканица кога ќе заслужам, па дури и кога нема, не жалете го мојот образ.

 Вашиот пиштол секогаш нека биде вперен кон мене, немојте да ми дозволите мирно да спијам. Излажете ме дека Дедо Мраз постои за да можам и јас да излажам некого. Не извинувајте ми се секогаш кога ќе погрешите, всушност не извинувајте ми се воопшто. Секогаш кога ќе подадам некому рака исечете ми прст. Затворете ми ги ушите кога некој ќе раскажува бајки, не дозволувајте ми да гледам филмови со среќни краишта. Зборот верба избришете го од мојот речник. Добрите луѓе држете ги подалеку од мене, можеби се заразни. Научете ме да се плашам од доброто, да бегам од светлината и спокојно да живеам во мракот. Научете ме на сè што не сакате да знам и на сè што не сакате да ми се случи и тогаш ќе знам дека навистина ме сакате и се грижите за мене, но не барајте го истото од мене бидејќи нема да го знам начинот ниту ќе ви верувам вам.

Tuesday, October 9, 2012

Тагата за југот




            Тагата за југот уште не сум ја почувствувала. Топлите денови, „добрите“ луѓе се таму далеку од мене, овде сè е студено, ветришта, дождови, студени погледи и камени срца. А јас? Јас сум иста како порано а не треба да сум. Овде „не“ е како таму, овде сè наликува на една голема темна шума во зима без ниту една скривница, а јас сум сама против сите нејзини дрва. Не знам дали можам, но ќе се обидам, верувам дека сум силна, посилна од ветрот кој сака да ме бутне на земја. Проклет да е оној кој рекол дека лагата е лоша, проклета да сум јас што сум му поверувала. 

Првата битка во оваа глутница на волци во јагнешки кожи ја добив, но чувствувам дека војната уште не е готова, следуваат уште многу. Првиот волк кој се обиде да нападне сè уште ме гледа со лиги на устата и оган во очите, сака да нападне повторно, но не може, нема повеќе сила, му остана само желбата. Нему желбата мене насмевката. Признавам, се плашам малку, можеби малку повеќе од наредната битка, се плашам и од претходната, но стравот е дел од играта. Сепак се смеам, секогаш со насмевка на лицето упатена кон овој студен народ. Постудено од времето овде е народот, не овој овде, туку оние нашиве, придојдениците. А јас и понатаму барам Сонце и насмеано искрено лице, а тагата за југот уште не ме фаќа.