Monday, March 25, 2013

Ах моја чудесна...


Ја наполнив чантата со надеж и очекувања, ја ставив на рамо и зачекорив задоволно верувајќи во себе, во тебе, во сите нас. По патот насмевки, ведри лица, исполнети срца и чувство на моќ, колку прекрасна улица. Денот е наш, а ние сме вистината, нема никој над тоа. Дури и Сонцето е посветло, им се смешка  на можноста, на она што може да биде, а со него се смеам и јас. И одеднаш ја сретнувам кратковидоста, залутаноста, замаеноста. Ме фати страв, но од чантата пуштив малку надеж и си реков „за мене се работи, пред сѐ“ и продолжив. Се осудувам да ги погледам луѓето во очи , но таа мисија станува се потешка. Им се губи мислата во погледот, визијата им е толку кратка што не стигнува ни до мене. Ми зборуваат на туѓ јазик, за туѓ живот, за некое друго време убедени дека е нашето. Го погледнуваат правот на рамењата и гледаат само полен на утринско Сонце.  Не се осудуваат да дадат чекор повеќе од идеалот на кој му го познаваат името, но не и суштината, се плашат да отворат очи, да побараат одговори. Забрането е, казниво со закон и крајно неморално да се поставиш себе си на прво место на вистинскиот пат.
            Повторно крадам од надежта, воздухот ми е се потежок, очекувањата си одат, останувам сама да се хранам со вербата дека не сум единствената, и тогаш повторно налетувам  на поглед кој ми го гори срцето и ме тера да врескам. Имам толку многу да кажам, но не знам како се разговара со луѓе кои живеат во сосема различен свет, каде свири друга музика, луѓе однапред наоружани  со куршуми кои го гаснат Сонцето во тебе. Гледаат во прашината на недопрената земја и успеваат да видат дека дупката е откопана , водата пронајдена и стравот заборавен, а самите на себе се најголема жед. Додека ја гледаат нивата полна рози на соседот уживаат во трњето кое се посилно им ги боди стапалата. Сакаат да скинат роза, веруваат дека така ќе го внесат мирисот и убавината  и кај нив, но скинатат роза венее, а трњето останува.
            Се загушувам, земам уште една доза надеж за да можам да го преживеам ова. Опколена сум со луѓе со туѓи визии, украдени мисли, позајмени зборови...Завртени со грбот на огледалото, заспиени од приказната... И не е толку страшно туѓото колку убеденоста дека е наше.
            Одам по патот и се поретко сретнувам луѓе, наоколу марионети кои не се противат и уживаат да бидат манипулирани. Воздухот загаден, денот се смрачи, чантата испразнета, очекувањата целосно избледена, а еве и вербата почнува да се предава... 
              Можеш да  подариш око, но само на оној кој е свесен дека му недостига.

Sunday, March 17, 2013

Убави спомени

                             Кога го видов срцето повторно почна да чука како збудалено, си помислив дека времето се врати назад и се е исто како што оставивме во сеќавањата. Застанавме еден спроти друг, погледите повторно ни се сретнаа, душите ни се сплотија.. Старите спомени на лицето ни доведоа насмевки и срцата ни се разнежнија. Се вративме неколку години наназад, на убавините се предадовме, на грешките се насмеавме. Сега бевме посилни, позрели и подготвени за подобра игра. Лошите нешта беа однесени од ветерот и истуркани од оние убавите кои преовладуваа. И повторно дозволивме да не понесе моменталниот занес и побрзавме без да знаеме каде тргнавме. Чекоревме по трњето кое помалку боцкаше бидејќи еднаш веќе поминавме по тој пат, не го чувствувавме бодежот опиени од мирисот на околното цвеќе убедени дека ќе го пронајдеме вистинскиот пат. Но пролетта е само едно годишно време, не и единствено. Почнува и завршува. Стигнавме до крајот на поминатото, на убавите нешта, на прочитаните страници... Требаше да се зачекори повторно и да се стиснат забите, да се издржи болката, да се одбере новиот правец. И спомените одлетаа, нежноста од минатото го заврте грбот и часовникот почна да чука. Ние повторно не знаевме како, и успеавме да го откриеме она коа долго време го чувавме под тепих, ѕирнавме во кутијата. Реалноста тропна на вратата, ја донесе и вистината покрај насмевката. Повторно се покажаа старите лица, истата приказна... Она што е заробено во душата најубаво се негува со тишината, убавите спомени не значат и убава сегашност

Tuesday, March 12, 2013

Пламен


                         Огнот од каминот се одсликуваше и во нејзините очи. Таа седеше на подот и гледајќи ги пламените воздивнуваше. На лицето ѝ се читаше блага насмевка предизвикана од неизвесноста која висеше во собата. Желбата зрачеше од начинот на кој си ја местеше косата и прамените кои ѝ ги галеа градите и го привлекуваа погледот. Не размислуваше за ништо, оваа ноќ беше само нејзина и време беше да се опушти и покори. Да стане робинка на копнежот и да си дозволи да биде понесена од пламенот кој ѝ излегуваше од очите. Усните ѝ поцрвенуваа од самата помисла од она што треба да следува и здивот ѝ подзастануваше...
                           Неговиот чекор ѝ го качуваше притисокот, знаеше дека моментот кога нивните желби ќе се сретнат се ближи, но сепак и се чинеше далечен. Тој ѝ ја подаде чашата вино и се насмеа, а таа гледајќи го право во очи ја испи првата голтка и си ги гризна усните сакајќи да му покаже дека доста беше чекање. Таа влезе во играта, тој е на потег....
                            Седна до неа, ги испреплетија нозете, погледите, желбите, мислите... Со прстот ѝ ги тргна прамените кои и ги покриваа убавите цврсти гради сѐ уште гледајќи ја во очи. Таа се наоѓаше на прагот на покорувањето ѝ беше потребно многу малку за толку многу. И неговите усни се разгореа, и неговото тело сакаше да ја згасне жедта која го мамеше. А вратот беше совршен за старт, додека без збор почна да ѝ ги откопчува копчињата од кошулата со усните нежно ѝ го галеше вратот. Со секој негов бакнеж нејзината желба се повеќе растеше и бегаше од границите на контролата, а тој не запираше, понесен од огнот во него нежно ја гризеше за вратот и бараше повеќе, полека со јазикот се спушташе надолу и ја покоруваше нејзината кожа баш како што таа сакаше. Нејзините мисли прекинаа, запре се, разумот, зборот, имаше простор само за копнежот.          Не ѝ преостануваше ништо друго освен да се опушти и да ужива во неговиот начин. Со раката ја приближи до себе и ја бакна како да со години го чекал тој бакнеж, ја бакнуваше како што жеден што пиеше чаша вода, а таа му ги стави нозете на половината и со рацете му поминуваше низ косата. И додека тој ја галеше по нозете, колковите, градите и ја притиснуваше кон себе, таа веќе му ја фрли маицата на подот и со нејзината врелина оставаше траги по неговиот грб. И ја снема кошулата, одлета некаде, а градникот конечно се скина и играта стана поинтересна. Ја подигна и ја легна на подот, сега беше само негова и таа уживаше. Ја бакна и додека неговите усни се лизгаа по нејзиниот врат, кон градите тој веќе ѝ ги откопча фармерките и почна да ја допира. Нејзиното тело веќе беше доволно покорено, го турна и почна таа да си игра со него, со усните се движеше по неговото тело, го бакнуваше по вратот и одеше надолу, успеа да го ослободи од фармерките, немаше пречки, нејзните усни можеа слободно да се движат и да ја водат играта. Од роб сакаше да стане владетел, додека и двајцата веќе беа покорени на моментот....

                  Гореше таа.....гореше и тој.... гореше и огнот.... ах колку прекрасна ноќ за паметeње

Monday, March 11, 2013

Ах само колку ја мразам ноќта..


                        Ноќта долга, црна и темна, никогаш не сум ја сакала ниту кога бевме заедно ниту сега, секогаш е премногу ладна и намуртена, потсетува на црнина. Целата таа тишина во која е обвиена прави да се чувствувам сама. И сега кога со шолја топло кафе стојам покрај прозорецот и го гледам тоа црно платно надвиснато над нас сфаќам дека секогаш сум била сама... Зарем ноќта не е за спомени, не е за да долови насмевки на лицето и покрај солзите? Зошто тогаш не се смеам, не плачам? Зошто во мене носи само празнина? И сакам да ги затворам очите и да заспијам, да го дофатам утрото бидејќи тоа мириса на љубов и таму празнината бледее. Тогаш се сеќавам на цвеќињата, пораките, на сите тие празни нешта со кои си го полнев срцето и вербата. И колку и да се обидувам да се излажам, да ги затворам очите и да отпловам некаде далеку од оваа ноќ, не можам. Срцето не ми дозволува, ми го краде сонот, ме тера да се соочам со ноќта која секогаш ја зборува вистината без глас. Ги затворам очите, но таа вришти силно во мене: „Ти никогаш не беше вистински љубена!“ Ах само колку ја мразам ноќта..

Thursday, March 7, 2013

Проклето добро....

            Седеше на тарасата и ја допушуваше којзнае која по ред цигара. Ова кафе одеше само со цела кутија. Го направи горко како и што се чувствуваше тогаш, проклето добро кафе. Врелината му се лизгаше низ грлото и се обидуваше да го згасне огнот кој се распали во него утрово. Проклета да е мислата, проклет да е првиот сончев зрак. Проклета да е таа црнина, проклета да е ноќта, проклето да е времето .. проклет да е и тој.
            Го гледаше тој мамлив прозорец како да беше дијамант кој маѓепсува и полека пиеше од проклетото добро кафе и како неискусен тинајџер влечеше од цигарата. Денес не можеше да се познае себе си, посакуваше да залепи една добра шлаканица и да се задави во горчината.

            Не можеше да поверува дека денес такви мисли му поминаа низ глава и си дозволи да ја погледне со други очи. И повеќе не беше малата соседка од спротива не беше финото девојче со наивна насмевка. Нејзините очи блескаа со страст, усните и гореа како на жена во најубавите години и телото и зборуваше повеќе од очите. Косата што и паѓаше на градите заедно со ветрот што ги галеше го бркаа невиното од неа. И само како умешно се движи, нејзиниот совршен од за кој мечтаат вистински дами му го чепна копнежот. И сакаше да ја сопре, да ја покани на кафе, да и свари исто вакво проклето добро црно кафе
            Си го прегриза јазикот, си ги прекори мислите и си удри една силна етичка шлаканица. Таа беше невиното девојче од соседството, што се случи, дали тој полуде? Но девојчињата растат стануваат жени, времето тече а мислењата се менуваат, само вкусот на кафето останува проклето добар.

Saturday, March 2, 2013

Кога од пирејот ќе остане само трње


Опкружена со трње, се чувствувам како центар на некоја трнлива нива заборавена од сите. А трњето ги наострило своите боцки и не ми дозволува да се помрднам, сакам да избегам бидејќи не можам повеќе. Не се издржува, раните болат, но пат нема, при самата помисла на такво нешто ми ги забива боцките колку што може подлабко, а и не сакам да си заминам бидејќи сепак оваа нива е моја, моето срце е нејзино и сепак се надевам дека еден ден некое трње ќе се претвори во цвеќе.
А порано нивата не беше толку трнлива, имаше по некое тесно патче, по некој цвет и многу повеќе живот.Но ете еден ден се појави една чудна трева која ги криеше своите боцки позади невини цветови.Се рашири како чума, со брзината на светлината, ја наполни нивната и ги покажа своите боцки кога веќе преовладувше и му се можеше.И тоа не беше доволно, секогаш беше жедна и стравот дека некој може да удри со мотика по него умно и полека го отстрани. Ги боцна оние кои вечно сонуваа за моќта на трњето ветувајќи им големи и силни боцки, а на оние плашливите само им ја покажа силата. И ним тоа им беше доволно за да ги тргнат листовите и да се облечат во воини, големи и страшни војници. Животот почна да бледее, цветовите го изгубија мирисот и се претопија во целиот тој жбун и тие почнаа да дишат заедно со него.Патовите се затворија, гласот се изгуби, борбата веќе беше одамна умрена, само трњето ја освои мојата нива и остана да живее таму.
Нема ниту надеж дека некој ќе се фати за мотиката и ќе ја искорне бидејќи и мотиките станаа дел од целиот тој добро осмислен план. Може само некој да фрли џкорче и се да се запали, да остане само пепелта спомен од некогашната убавина со цвеќиња.
И ете таму сум на средина каде владее трњето и немам моќ да се помрднам, околу мене се само боцките наострени. И додека тие само алчно влечат не сфаќаат дека и самите се опкружени со истото она што го претставуваат. И ете стојам, изнемоштена, изгребена но не се предавам, не потклекнувам, не се претопувам, не се придружувам. Може да ја преземе нивата, но додека ја имам мислата не може да ми ја зеде душата. И ете стојам опкружена со празнина полна бајки, стојам во мојата нива, во твојата нива, ова е наше, тука некаде си и ти заплеткан меѓу боцките.