Sunday, May 4, 2014

Чекор кон сегашноста

Пред да ја отвори вратата од кафулето длабоко вдиша како да си ги полнеше градите со храброст и потоа вратата зачкрипа. Тоа беше старо кафуле и многу генерации поминаа низ него, некои приказни таму започнаа, други таму завршија, а една, токму нивната, таму и живееше. Таа приказна беше животот на тоа кафуле во тоа време, многумина името на кафулето им беше синоним на нивната љубов. Таму започнаа се, прв пат си разменија љубопитни погледи, прв пат се судрија случајно,таму се роди и љубовта, се случи првиот бакнеж, и првата караница, и молењето, и милувањето, и солзите и прегратките, па и крајот на врската се случи таму. Но приказната не заврши тогаш, кога сите мислеа дека покрај се нема повеќе да се појават во кафулето тие уште почесто доаѓаа, се гледаа како најголеми непријатели и ниту едниот не помислуваше да го отстапи местото на другиот, уште помалку да му покаже дека победил, дека го зел она што беше заедничко. И така со години, најпрво доаѓаа од инат, а потоа од потреба, бидејќи тоа место им ги оживуваше спомените, и им влеваше смиреност и топлина. А таа денес влезе таму токму поради тоа, да си ја стопли душата после толку време студ во неа. Седна на нивната маса порача кафе и гледаше во вратата очекувајќи го. Знаеше дека и тој понекогаш свртува навака, можеби од навика, но доаѓаше и затоа беше убедена дека ќе се појави. Уште не го доби ни кафето што го нарача тој веќе со едната нога беше внатре во кафулето. Се погледнаа како да беа договорени да се најдат таму, и во тој миг како времето да се врати назад, како ништо да не случило, се околу го доби стариот мирис, се вратија старите бои, чувства. Се беше исто, иако косата му беше скратена, стомакот поголем,челото му го красеше некоја брчка,и устата за нијанса му беше потемна за неа изгледаше како кога се запознаа. Го повикуваше со очите и тоа беше доволно, тие двајцата секогаш со поглед се разбираа, и тој појде кон неа исто како да му каже „Дојди, те чекам“.
И кога тргна кон неа таа го забележа тоа прекрасно дете кое чекореше покрај него,и му ја стискаше раката како давеник што ја стиска раката на спасителот и во самиот миг таа го засака тоа дете повеќе и од него, го засака како нејзино, можеби и повеќе, бидејќи имаше моменти кога помислуваше дека него го сака повеќе и од себе си. Веќе наредниот момент го зеде во себе и почна да си играат како да се најдобри другари. Тоа дете беше се она што сакаше да има од него, и беше сега таму со неа, и ја гледаше толку милно што таа не можеше да верува. Со тоа дете животот доби смисла, денот доби светлина, и се веќе беше поинаку, поубаво. А тој молчеше и ги гледаше, двете личности кои најмногу ги сакаше беа заедно, а сепак толку разделени. Немаше збор со кој би почнал разговор, ниту толку силен поглед со кој би го побарал тоа од неа. И колку што уживаше во глетката пред себе толку и го болеше се она што се случуваше.
-Имаш прекрасен син. -му рече таа додека го гушкаше, како да знаеше што се случува во неговиот ум.
-Тој е причината зошто се будам секој ден со насмевка. -Повели. -рече таа и му даде се што имаше во новчаникот. -Ова е за него.
-Не може, тоа е премногу. -рече туркајќи и ја раката. -Не смееш да одбиеш, не е за тебе, земи и купи му што сака. -Никако!
-Ако ме одбиеш тоа е исто како да си одбил вода да му дадеш на жедниот. -Но... премногу е. -Зарем не сфаќаше? Тој е се што јас сакав да имам. Ништо не е премногу. Дури ми се чини дека е премалку. Зарем не сфаќаш. Купи му нешто од мене коа ќе го носи во себе, како јас него.
-Но, сепак.. -Ако не јас заминува. - беше одлучна и тој ги стави парите во џебот. После овие неколку реда разговор, настана тишина. Ретко тие разговараа со зборови, само неколку погледи беа доволни и нештата стануваа јасни. Така беше од секогаш. Гледајќи ги тие очи во кои се уште гореше копнежот за неа, сфати дека изгуби многу од премногу инаетливост, а тој се обидуваше да го избегне погледот кој беше подготвен да му даде се само нему, и ги гризеше усните поради сознанието дека само малку повеќе храброст го делеше до една совршена слика на среќа.
-Знаеш јас..- започна тој -Не знам, ниту сакам знам, подобро е да не знам. -Сепак вистината е.. -Остави ја сега вистината
-Зарем не би се радувала? -Ни најмалку, само повеќе би болело. -Секако боли. -Повеќе не, после денес нема.
-Сега е уште пострашно. -Јас веќе ја прифатив сегашност. -Но, доаѓа иднината. -Иднината не доаѓа сама, ние ја креираме
-Зарем тоа не е одлична можност? -Ни најмалку, цената е превисока за толку ситни души ко нашите, да не грешеме повеќе
-Но и ти самата знаеш.. -Оф, ти реков дека не знам и дека не сакам ни да знам. Го знам она што сакам да го знам и доволно ми е. Убаво ми е
-Зарем би живеела во лага? -Кога вистината би ме натерала на грев дури и би уживала, еве не се жалам. -Но јас сепак сакам да ти кажам!
-Залудно, ти ќе збориш, јас ќе го слушнам она што сакам да го слушнам. -Но јас не сум.. -Престани. Никогаш порано не си ме лажел немој ни сега
-Но верувај ми дека вистина е. Јас навистина не сум.. -Доста, те молам. Знам дека си, јас сум, и тоа во моментот бесконечно
-И јас сум, многу сум среќен. Ете добро ми е. -Гледаш дека е добро. Животот е убав и покрај сите грешки. -ах..-воздивна тешко и ја погледна
Сакаше уште еднаш да и го каже она што и го кажа пред да изусти збор. Дека никогаш нема да си прости што ја изгуби. Но знаеше дека такво нешто не смееше да изговори, и знаеше дека нема уште многу да може да го држи тоа во себе. Го зеде синот силно за рака, како давеник што се држи за спасителот и ја погледна со очи кои вриштеа „Те лажев, не сум среќен без тебе“ , а таа сосема мирно му возврати „Прв во животот се радувам што ме излажа, знаеш она што ние го уништивме тој ќе го изгради повторно и ти мораш да бидеш таму и да бидеш среќен, да му помогнеш,а јас морам да бидам овде за да му го зачувам мирот. Така треба, така и ќе биде“ И повеќе немаше потреба од зборови, ниту од погледот, ниту од кафулето, ниту од спомените, сега таму некаде дишеше прекрасна сегашност.