Sunday, June 14, 2015

Претсмртен бакнеж

          Сама во тишина, мирисот од липата ми се краде во собата и ми ја успокојува душава. Не ѝ дозволува да лута, ја држи овде до мене како да знае дека ми е потребна. Сѐ што имам е овде со мене, мислата, душата, разумот и сепак нешто недостасува. Како дупка на сред полјана во која сѐ подлабоко паѓам восхитувајќи се на цвеќињата околу. Храброст ли е да си насмеан од срце додека тониш или лудост. Кого да прашам? На чиј одговор да поверувам?
          Тишината во мене ме турка во фотељата и ме нуди со кафе, јако, силно ко претсмртен бакнеж. Смрт ли е? Нека оди и самата таа по ѓаволите, нема веќе трепет кој ќе разбуди страв. Предолга е редицата таму, којзнае која ќе е по ред, којзнае колку ќе треба да чека.
          Секој некаде појде, секој зачекори во друг правец, изградија светови го обвија со сјај. Среќни ли се? Сјајот ослепува, парата нахранува. Сити ли се? Мирот има ли цена? Кој го продаде? Кој го подели? Никој повеќе не го бара, ко птица пуштена од кафез врзана со мал конец, може да лета, но не онаму каде што сака. Желбите ни избегаа од секојдневието, најдоа мала пукнатина и побрзаа да заминат и тие со сѐ околу.
           Можеш ли нормалните потреби желби да ги наречеш? Сѐ бега, и душава прави план за бегство. Полна куќа празни луѓе дом ли е?  Ни очиве не ти помагаат повеќе, го гледаш она пред што сакаш да замижиш, мижат пред она што треба да се види, свесно го прават тоа, и устата им се восхитува и ги поддржува. Раце наоколу аплаудираат. Зарем е за пофалба премолчена мисла? Колку само тапкања по рамо следуваат по прераскажување туѓи приказни? Туѓиот сон среќа носи ли? Туѓата приказна може ли живот да се нарече? Премногу прокрварени коленици за гордо кренат народ. Лагата ќе успее ли на дѐ спаси? Мртви ли сме? Кој нѐ уби?