Monday, September 28, 2015

Што стори татко?



Еве ме, порасната, годините сѐ уште мали за да ми ги надраснат желбите, но почнуваат да натежнуваат. Овде сум некаде на средина, а сепак сум изгубена, како да стојам помеѓу два света, ниту еден од нив мој, ниту еден доволно реален. Излегов од едниот и не можам пак да се вратам назад, не ми доволува чекорот, во другиот се плашам и да помислам на влегување. Ништо од оваа не требаше вака да биде, зборовите кои ми ги даваа насоките сликаа поразлични слики за реалноста. Толку многу зборови кажани со тежина и фрлени во празно. Барем да не ги изговреше татко, понекогаш се прашувам дали подобро ќе беше да ми премолчеше. Од толку многу зборување ме излажа без да знаеш, без да посакаш, а знаеш дека ти верував. Ти така ме учеше зарем не? Да верувам и во себе и во останатите, дека вербата може да го срони секој камен и да ги скрши прангите околу. Сета верба во мене како да се задоми, удирав по камењата со сета сила, без размислување си ги виткав рацете околу прангите без да знам дека можат тие и крв да пуштат, белези да ми напишат по душата. Не умеав да ја убедам ни околината дека не боли, дека само умеам да се смеам, лажењето го убива човекот, така ми велеше. Искрените зборови требаше да се мојот клуч кон вратите на светот, а само ме направија играчка во него, никогаш не дознав како е да си поиграш без да размислиш два пати. Секогаш треба да се размислува два пати. И додека јас мислев луѓето околу мене се шушкаа, и додека јас верував и на себе дека светот можам да го сменам и на ним дека сакаат да бидат дел  од тој свет веќе ме клоцнаа од него. Не сакам назад, бидејќи она што ми велеше дека е бело не можеш да знаеш дали е одблесок на црнината, дали зборот е искрен или завиткан во прекрасна кутија за подароци, дали вербата ќе успее да те свие тебе пред ти да ги скршиш прангите. Барем да молчеше татко, тогаш можеби сама ќе научев дека со чесноста можеш да добиеш и шлаканица, со вербата доаѓа и ножот, и дека ниту една вистина не може да има еден лик. А сега татко погледни ме, ме научи сето она што не требаше да го знам да за успеам, и сега оди одвикни ме од таа вечна навика да му верувам на светот додека гласно кажува сѐ она што мене ми наликува на вистина без малтер. Сега ваква, сосема неспремна на светот каде да тргнам? Ќе успеам ли да продолжам надвор од твојот свет? Убаво е да си го подготвиш чедото за светот во кој сакаш да живее, но тешко е да го предадеш на светот што навистина го чека со раширени канџи. 

Monday, September 21, 2015

Да си заминам!

   Зошто сакаш да си заминеш?
 Бидјеќи не сакам да се плашам повеќе да го доверам животот на мојот лекар, знам дека и од нив сѐ што беше добро го фати патот.
  Зошто сакам да си заминам? 
Можеби не сакам моето дете утре да биде прегазено на сред улица, пешачки премин или на плоштад и од  сето тоа да остане само молк. 
  Зошто сакам да си заминам?
Сум размислувала како би било убаво да можеше да живееш без страв од подредениот, со други можности пред себе, и убава слика е тоа, многу поубава од оваа овде. 
  Зошто ли сакам да си заминам?
Бидејќи јас моето здравје можам да го фрлам и под мост, но да го сторам тоа на своето најблиско не би можела ни да помислам на сопствената прошка.
  Зошто ли сакам да си заминам? 
Зошто не сакам да бидам исплашена дали некој љубеник може да прочита некоја моја реченица и да ја перцепира како грда и непослушна. 
  Зошто сакам да си заминам?
Можеби затоа што сакам да бидам видена како она што сум навистина, наместо бројки и бои да го шараат моето име при секој мој сопствено искажан збор, наместо да ми се бројат пријателите, наместо способностите, наместо умот да ми се гледа јазикот.
  Зошто сакам да си заминам?
 Хм... а зошто би сакала да останам?