Sunday, July 26, 2015

Седи таму, да ти глумам недостижна.



                Мислиш лесно е да глумиш недостижен, па тоа е најтeшката животна улога, а еве не можам да кажам дека не знам да глумам. На секој твој поглед треба да воздивнам со рамнодушност, да пафнам здодевно со устата и да се свртам на другата страна иако би сакала да ги пружам рацете и да те гушнам. Твоите гради се направени за да имам каде да ја наклонам главата, ти не смееш да се потргнеш, ако се потргнеш можам да паднам во безнадежност, и тоа не смееш да го дознаеш. Секогаш кога ќе се понудиш да ме утешиш треба да ти стаавам до знаење дека ти си слабиот, а јас полна моќ што светови руши. Со мене не можеш да си поиграш, ледот во мене зима носи, од мојот оган само јас се греам, оној кој пружа рака да се стопли може и да замрзне, биди внимателен. Твоето место е овде, пред мене, мислам дека ти е доволно јасно, дозволи јас да го направам филмот, да го напишам сценариото, да ги доделам улогите, и везден по нешто да менувам. Нема девојка, која не сонува за машко кое коленичи, нема девојка која не сака да господари. За среќа не можеш да си заминеш, бидејќи некаде прочитав дека си ми суден, дека судбината за мене те скроила. Ветен си ми, јас те ветив, а ветувањата се трудам да ги исполнам. Да се завртиш и да си заминеш, тоа е нешто што не смееш ни да го помислиш. Секој мој замрзнат поглед, сета моја рамнодушност, сето тоа е твое. Зарем би можел да се пожалиш дека не си сакан? Зарем би можел да погледнеш друга? Тие очи се само за мене, за мојот леден поглед, тие раце се за утеха на мојата неискажана тага. Појасно не може да биде. И што е со оваа наведната глава? Што треба да значи тој чекор на назад? Зарем ќе си заминеш? Каде можеш да отидеш, кога подобра од мене не постои. Да те молам да останеш, доволно ли ќе е? Еве колку и да викам залудно е, не можеш ни да ме слушнеш, а срцето вришти. Празнина околу остави, а толку се трудев да те задржам, од мене најлошото го извадив, за да го засакаш, најдоброто го прескокнав. Ме остави или те избркав? Ајде врати се, нема да се налутам, ајде дојди, ќе се насмеам, ајде и срце ќе отворам, ајде... Ќе се вратиш ли? Јас сум ранлива, јас сум слаба, верувај ми, јас глумам.