Monday, August 31, 2015

За себе

         Седна на креветот и почна да ги менува програмите,не можеше да најде ништо интересно, немаше програма која можеше да ѝ го задржи вниманието. Ветерот кој удираше во нејзиниот прозорец ја одземаше од светот, ја навраќаше во едно време во кое не сакаше да оди. На крајот стана и го отвори прозорецот,  го пушти ветрот да ѝ прошета низ собата. Не почувствува студ иако беше прилично ладно. Таа беше отрпната од студенилото,ништо не можеше да ѝ го замрзне здивот повеќе. Се наколони на прозорецот и дозволи ноќта да ја одземе, ги затвори очите и тргна кон местото коа се трудеше да го заборави. 
          Тогаш беше лето, пеколно топло лето, со запалени улици под нозе и уште позапаленото срце по него. Беше свесена дека го сака, дека го сака многу и не се плашеше од таа љубов, сакаше само да ужива, и да го гледа насмеан. Тоа лето како и секое друго има свој најтопол ден, оној ден кога сите се дома и уживаат во своите пијалоци полни мраз. За неа беше грев таков ден да помине сама, зеде ладно пиво и се упати кон неговиот дом, знаеше дека ќе го изненади,ако не пивото барем таа. Вратата беше отворена, иако илајда пати го опоменуваше за таа лоша навика сега се израдува што повторно го сторил тоа. Можеше да го гушне одпозади или да го разбуди со бакнеж, се насмеа задоволно во себе. Но кога го даде првиот чекор во таа соба која ѝ беше омилено прибежиште се замре, и насмевката испари во воздухот, животот истече од очите,  љубовта си замина со најсилен врисок. Тој лежеше со друга покрај него, ја гледаше со смирен поглед, како да не ја познаваше, како таа да не беше неговото злато, срце... љубов. Главата ѝ зовре,посака да искрши сѐ околу себе,сакаше да вришти онолку силно колку што ја болеше внатре, но немаше доволно силен глас за тоа. А тој само ја гледаше и како да ѝ се смешкаше, не се ни трудеше да се извини, ни да се оправда, ни да каже било што. Уживаше во нејзината болка , во очајот во нејзините очи, во слабоста нејзина, или барем нејзе така ѝ се чинеше. За миг се изгуби во неговото исмејување и не можеше повеќе да се контролира, а да не дигна раката и искрши сѐ. Знаеше дека го заслужува тоа, и малку ќе му беше за сѐ она што ѝ стори, не мислеше дека ќе си ја извалка раката, не ѝ беше гајле. Но тогаш кога требаше да го стори она што мислеше дека ќе ѝ ја олесни душата, сфати дека може подобро, таа може многу подобро. Полека ја спушти раката и само се насмеа исто онака како што тој ѝ се смееше,и кога ја затвори вратата само си повтори „Не за него,за мене“. Од тој ден, кога најтоплото ѝ стана најстудено, ништо не можеше да ја заледи уште повеќе, излезе од таа соба како мраз и остана таква.  Затоа ја сакаше зимата, го сакаше ветрот, мразот, студенилото... бидејќи знаеше, не ѝ можат веќе ништо, таа е само една од нив.

Friday, August 21, 2015

Сега јас сум тука





           Ме гледаш со очи полни надеж. Да сториле хаос од страсти и воздишки, си велиме и двајцата во мислите. Желбата ни е поделена, ни треба оваа верба дека може да се изгради свет со темели од емоции. Силно веруваме, но не се лажеме. Никој не сака да се даде целосно, никој не сака да го пружи срцето на дланка и да си ги фрли очите на патот. Па и да го сториш тоа нема да го земам. Што ќе ми е? Си имам јас едно во градиве, нема да знам што да му правам, а баш фино изгледа таму кај тебе. Не сум дојдена да ти грабам од телото, но може да те изгребам. Сакам да седиме и да молчиме со часови, секој со својата мисла. И таа пукнатина низ која исплашено ѕирка надежта, сум ја забележала, ама нема да прашам за неа. Штом не знам, значи не треба да знам. И двајцата сме луѓе од резерва, не е до нас, до времето е. Убаво е што пак се смееме, што се обидуваме, убаво е што ја гледаме раната и шепотиме, ќе помине, ќе пече и ќе се умори. Чудаци сме и тоа е добро, искрени сме, така сме научени, од родителте, од животот. Ти сакаш да даваш, ја сакам да земам колку што ми е потребно, ти сакаш да се препуштиш, јас сакам да потонам. Тоа се тие различности што нѐ спојуваат. Копнееме еден на друг да си ја дадеме првата наивна љубов, онаа испишана по илјадници страници, онаа која  секој ден му дава желба за живот на поетот. Но, признаваме дека не можеме, сме ја потрошиле таа, еден примерок ни даваат кога се раѓаме, а ние веруваме дека е пробна верзија. Слатка заблуда. И без да прашам знам дека таму имала некоја, која те опсипувала со љубов, онаа што веќе сум ја потрошила, некоја со која сте сонувала дека и денес таа ќе е овде, а не јас. Можеби и поубаво ќе било така, таа сега да те држи за рака, можеби повеќе ќе те сака од мене, можеби нема да се разфрла со резерви. Сигурно и те сакала повеќе, те чувала ко светот да ѝ зависел од тебе. Ти го зела срцето кога си ѝ подадел, сте си ги замениле. Ама секое срце има само едно тело. И нејзе ја нема повеќе покрај тебе, заминала. Сега јас сум тука. Понекогаш преголемата љубов може да биде загушна, може да искулминира и одеднаш да се тресне од земја. Може да ти го сврти умот и ти
да престанеш да се  љубиш самиот, да ти ги затвори очите и со кофа вода потоа да те разбуди. И тоа е во ред, тоа е вистината што ретко сакаме да ја прифатиме. Сѐ додека се прифаќаме такви здробени од животот, можеме да молчиме заедно и да уживаме. Сите ние имаме некој кој не сакал повеќе, сум имала и јас, но поголема љубов не значи и поголема среќа. Во ред е тоа. Насмевни се!

Sunday, August 9, 2015

Нека им биде

           
      И ти можеби премногу бараш, намали ги критериумите, всушност избриши ги, што ти донесоа тие освен осаменоста. Еве сите околу тебе истото  го тврдат, сестра ти, мајка ти, тетката, соседката. „До тебе е, прибирлива си. Ајде освести се малку, не си повеќе дете да веруваш во бајки, во идеални мажи и љубови. Па што ако немате исти верување, што ако не барате исти работи од животот, барем ќе имате исто дете, тоа нема ли да е доволно? Животот секојдневно ве носи по различни патишта, но сепак завршувате на ист кревет, тоа е најважно. Визиите за утрото ви се неспоиви, погледите спротиставени, но иднината ќе ви биде заедничка.“ А среќна ќе бидам ли тогаш? Никој не сака ниту да ме праша. Или барем да ми каже како се живее со човек кој кога ќе погледне во тебе гледа лага, сопствена замисла на своите очекувања. Како може да се биде среќен со човек што не можеш да го споделиш сонот, со човек што не можеш да легнеш на иста перница, да се скараш и да се простиш со страст, да затрепериш ако за миг го потргне погледот од заедничката иднина? Ти треба ли човек со кој меѓусебно ќе се држите за рака обидувајќи се да ги дофатите соништата, на чие рамо ќе можеш да се наклониш и кој ќе те разбере штом ќе му истуриш од очите кутија со чувства? Ама тоа се неважни прашања, за уште поневажни одговори. Кого го интересираат? Важно е само едно, да не си сам, макар и со погрешен, ама никако сам, така вели општеството, така вели и попот, мора да се поклониме, не мора да се радуваме. Можеш ли да бидеш среќен според нечии критериуми, да се радуваш на нешто што не те исполнува, да се смееш бидејќи мораш? Сите знаат како треба, никој не ја бара повеќе среќата, како да е најдена формулата за неа, стои на сред соба, а околу само тажни лица. Никој не се обидува да посегне по неа, само кукавици кои се красат со крилја на орел, немајќи храброст да си ја видат тагата во огледало. Возможно ли е да навлезеш во веќе создаден свет и да го наречеш свој? Можеш ли да живееш во харем на среќа изграден од туѓ агол? Важно ли е да се осознаеш вистински за да тргнаеш по среќата? Постои ли среќа без осознавање? И што ако се осознаеш после направената грешка, ќе се покаеш ли, ќе си признаеш ли или ќе се трупаш со лаги секое утро? Кој мене може да ми го изгради патот? Има ли некој право да ми ја диктира среќата? Ах тие небитни одговори. Среќата не се дава, за среќата се бори, туку каде време и средства за војна во овие веќе изградени норми по туѓ крој. Ама ајде нека им биде!

Tuesday, August 4, 2015

Другарите на татко ми

Се сеќава ко вчера да беше, јас мала, облечена во летно фустанче заедно со татко ми шетам низ чаршијата. Тој насмеан од уво до уво, јас исто толку напрчена, татината принцеза се шета низ градот. Околу нас многу луѓе кои го отпоздравуваат, некои и подзастануваат, тоа се неговите другари, ќе ме потштипнат по образот и ќе ми дадат нешто, бомбонче, пуканки, било што бидејќи јас сум она помалото и послаткото, само да не знае сестра ми. Тоа беше најголемата тајна која сум ја чувала. Чаршијата е весела, во неа има весели луѓе полни оптимизам, тие знаат дека утре ќе биде подобро иако и сега не е многу лошо. Слатката која ќе му ја купат на малото девојче нема да ѝ скрати од трпезата. Наздравуваат во име на тоа, се смеат, го полнат градот со радост. Животот е убав, велат тие и продолжуваат.

            Еве поминаа години и јас не сум повеќе тоа мало девојче. И ден денес сретнувам дел од тие луѓе по улиците, многу поретко по чаршијата, но не ме застануваат, ретко кој од нив и ме поздравува. Не ме познаваат повеќе, со татко ми не си личиме еден на друг, додека тој е црномурест јас сум бела како сирење, што би рекла тетка ми, од ликот не сум му зела ништо, сум го наследила оној крут карактер и тоа не поврзува повеќе од носење иста боја на очи. И јас им ги имам заборавено имињата, но ми се врзани во спомените, ете го оној што ми кажуваше приказни, тој што ми даваше пуканки, оној што игравме загатки, и така еден куп. Тоа повеќе не се истите луѓе, годините поминале, но животот ги променил. Чекорат со долу наведната глава, некаде се замислени, секој како товар да носи на себе. Се изгубил сјајот во очите, оној оптимизам кој го зрачеа, тие луѓе заборавиле дури и да се смејат. Ретко се поздравуваат на улиците, само млитаво климнуваат со главите и одма се вртат на другата страна. Ниту градот веќе не е весел, ниту чаршијата полна, ниту некој наздравува за животот овде. Свесни се за тоа, одеднаш животот престана да биде толку убав, ги разочара, им го грабна најмилото, ги падна на колениците и им ја спушти главата. Знаат дека утре нема да биде подобро, а знам и јас, но јас не сум ни приближно до нивна врсничка, и тоа боли како мртво срце во младо тело!