Sunday, April 10, 2016

Мојата улица

                         Го оставив пенкалото на масата и погледнав кон улицата, после толку време работа, после толку време размислување која мисла ќе ја донесе следниот збор ете најдов време да си ја видам улицата. Ни малку не беше иста од последниот пат, години минале низ неа, а јас се уште скриена зад листовите хартија ништо не сум забележала. Намерно. Па секако. Соседката во дворот веќе е спремна да ми раскаже сѐ што сум пропуштила, а знае дека не сакам да ја слушам. Ми зборува за успесите на луѓето со кои како мала играв жмурка, за ниту еден од нив не знам ништо повеќе, па дури и ми е тешко да го спојам ликот со точното име, но сепак некако успевам да ги склопам коцките. Неколку веќе ги нема, си го фатиле патот под нога и во странство, им се остварил ним сонот на младите, некои пак се вратиле од таму, еве и фамилии основале, имало и свадби, само јас не сум ги слушнала трубачите. Многу народ имало, ми кажува соседката, ама не можам да ѝ потврдам, не гледам јас во туѓите дворови па макар имало и коза која по дефолт би требало да ја мразам. И луѓе нови се доселиле, па се отселиле, и нови детски гласови се слушаат, и одеднаш сѐ ми е ново, сѐ освен пенклото на мојата маса, а баш вчера го купив. Баш кога ми дојде идеја да седнам и да го напишам она што ми го кажа соседката, ми додаде дека само јас еве тупкам во место. Не кажа ништо што и не очекував искрено, не ме познаваат луѓето веќе, не ги познавам ни јас, а цели години сме делеле, немам време, којзнае кога последен пат сум пиела кафе со некоја соседка. Искрено ниту пак ме интересира, мојот нос е онаму каде што му е место и добро му е. Седнав на столот и не го зедов пенкалото. Зарем е можно човек да тупка во место со години? Зарем е можно времето да си тече, а ти ниту со прст да не мрднеш? Еве часовите ја донесоа и пролетта, а велат дека пролетта ѝ е прва другарка на љубовта. Тоа најверојатно е љубовта, она што уште ја одржува во живот мојата улица, новите детски гласови што ги слушам, и вревата во дворот кога се игра жмурка. Најверојатно е љубов, си велам. Не можам да кажам со сигурност, бидејќи веќе и самата не знам. Некои умеат да кажат дека сум ја напишала некаде, од моите зборови ја прочитал, некои велат дека е убава, други им се смешкаат како нужно зло, а јас? Јас не знам. Не верувам. Ниту на нејзе ниту на себе. Веќе одамна не верувам. Во овој момент да дојдеш да седнеш покрај мене ниту во твоето присуство не би можела да поверувам. Соседка ми упорно тврди дека постои, дека еве ја гледа секој ден, на мојата улица, и тоа со леснотија да се зачуди човек. Јас илјада прашања ќе поставам, уште повеќе полимики ќе си развијам во главата и пак нема да можам со сигурност да потврдам. Пак ќе се плашам. Лесно е човек да се искачи на највисокиот врв во градот и да изјави дека е заљубен, лесно е да се подаде рака некому, да се даде утешен збор. Тешко е да се дознае до каде може да одиме, да се дознае што е поважно, сопствената или туѓата среќа, и постои ли човек на светот што е поважен од твојата среќа. Што тогаш кога неговата среќа е твојата несреќа? И тоа се нарекува љубов? Дали е можно светот кој те научил да заржиш и на питомото, да умираш и раѓаш секој ден, да крвариш до безмилост да ти покаже дека има и друга страна? Дали ќе се осудите да го погалите кучето кое веќе еднаш ве каснало? Зарем не е лудост да се влезе во устата на лавот. А лавот сум самата јас. И не се плашам повеќе од нив, бидејќи тие веќе ми ја кажаа лекцијата, веќе се плашам од себе, од онаа што го научив. Не верувајќи никому престанав да си верувам и себе си. Гледајќи како љубовта ја споредуваат со надигрување, илузии и празни зборови по социјалните мрежи веќе и не ја гледам никаде. И кога успеаваш од сечиј лик да ја прочиташ вистинската приказна зад тој тежок збор, не го сакаш повеќе ни во сон. Сѐ околу ти делува лажно, што сфаќаш дека си го изгубил и вистинското јас. За да успее човек да љуби треба да се победи прво себе си и веќе нема да има никаков противник. Некои луѓе со себе се борат цел живот. А јас цел живот се борам со сите. Знам дека сум тргнала некаде, не знам каде ќе пристигнам, не знам ни дали можам да одам сама, ни дали можам да поднесам некој да оди со мене. Со времето престануваш да им веруваш на луѓето, а јас треба да научам да почнам да верувам во животот. Додека сите зборуваат дека некој им го скршил срцето, јас не знам дали досега сум го дала некому. Штом забавата заврши и музиката ќе стивне, си го земам палтото и заминувам, без мелодија, секоја танц е мртов. Најчесто јас сум онаа која го претиска копчето за гасење, ама веќе нозете ми се изморени за почнување на танц кој ќе заврши. И се плашам од навика да не посегнам по копчето, да се исплашам дека можеби наредната мелодија нема да ми се допадне, се плашам од себе си, од сите лекции кои сум ги научила. А не би сакала да се борам со себе бидејќи не знам дали можам да се соочам со фактот дека ќе изгубам. А човек кога ќе успее да се победи себе си ќе умее да љуби.