Friday, March 16, 2018

Ох, Македонијо!

      Ги слушаш ли мила моја сите лелекања за тебе, тие пролеани солзи? Замолчи ги сите лицемерни викови, избегај им на сите прегратки со ножеви во рацете, сакаат да те дотолчат вака намачена. Само запрашај се, те слуша ли некој мила? Каде беа додека ти го соблекуваа рувото, почнувајќи од ракавицата, па сега кукаат поради долниот веш, каде беа кога те продаваа како ефтина парче месо по скапи хотели. Те соголија низ приказните за љубов, образот пепел ти го сторија, погледот во подот ти го заковаа, па и шамивчето со кое си ги бришеше солзите ти го продадоа. 
    Погледни, крвариш и никој не ти става мелем на раната, не се ни свртуваат да те видат. Никој мила моја. Сама си во рацете на гладни ѕверови од сите родови и бои. Те грабаат за да го изголдаат и последното месо од твоите голи коски. Ти ветуваат слобода, а те пикаат во беда. Ох, моја Македонијо! Твоите полиња се празни, детската врева заоѓа, слепи ли се? Не им се гледа, не им се слуша, нивните сетила ги обвива блескот од соништата. Ох, мила, ти одвај дишиш и се одржуваш во живот, се бориш како лавица, но ти снемува снага, од порите ти испарува иднината. Те погребуваат, но не те боли повеќе, се навикна на мртва трка, младоста што ти бега од рацете те носи на рабовите на смртта. Знам, оние кои ти беа надеж, од куферите те извадија додека ги полнеа со соништа и не можеш да ги обвиниш. Фрлена на подот, смачкана, непоправлива. 
    Тешко е! Издржи, друго и не ти останува мила. Ако ти е за утеха, не си ти виновна!

Monday, March 12, 2018

Глина


           Подадени раце и ладен воздух, се навикнуваш. Се откажувам од луѓето. Околу  мене илјада патокази, секој на себе има ознаки на љубов, симболи на вера, сувенири на надежта и сите до еден само сакат да се продадат, без малку суштина.  И стојам и продолжувам, истовремено. Часовникот отчукува претопен во тишината, грев  на вековината. Помодрените очи барајќи ja во туѓите раце ко во крадци испрснаа. Само требаше во себе да ѕирнам и да го видам она чија потрага ме доведе до слепило. Овде, во мене е, плусира и чека да ја слушнам. Оглувена од играњето на туѓата музика не се осврнувам на отчукувањето.  Никој не гледа во мене,  а јас безока вџарена во сите.  Падната на земја, не ми текнува да ја кренам, на височините ја барам, ко да е дар, а не абер за засукани ракави.  Илузијата ме одмара на рабовите на надежта и таму во безнадежието ја допирам. Мека е и фина, изградена од патишта неизодени, научени лекции и матни фрази, лузни и бакнежи, лизгања и извици на задоволства, прекрасно се измешале едно преку друго, едно до друго, едно во друго.Ја наоѓам исплашена, но не и изгубена. Се прилагодува на мојот допир, ако претиснам се свива, ако се подигнам се крева. Можам да ја обликувам по желба само треба да и дозволам низ моиве раце да заигра, среќа е велат, сам ја создаваш.