Thursday, April 19, 2018

Цветот во моите раце


          Пролетни градини, расцветани дворови и опојни мириси  кои вдахнуваат надеж, само убавини околу. Ова се мигови на љубење. Ветерот го носи занесот на прагот, птиците ги скокотаат соновите, цветот ја враќа младоста. Погледни ги и впиј ги во себе како што тие без да прашаат ти ја зедоа желбата под рака, и рамо до рамо ја понесоа по нивниот пат. Денес лесно се дише, воздухот побрзо го наоѓа патот до животот, насмевката до лицето. Време е на будење, правење простор за нови гнезда во срцата, и нови мириси од цветовите.
            Дојде времето да насадам цвет, иако никогаш порано не се осудив да израснам еден, ама затоа алчно му ги живеев убавините секогаш кога можев, исто како човек од пустина кога ќе види бардак вода. Вистина е дека се плашев да го ставам зрното  надеж во црна неплодна земја и да му дозволам да потоне во заборав, да го лишам од Сонцето, од љубовта. И да ја кренеше главата, ко љубопитен сосед кон балконот на новата соседка,  ќе заборавев да го наводнам, и ќе ја закотвеше главата во најтешката теминина и без белег ќе се сплотеше со црнината под него. Можеби и ќе го поливав секој ден, ќе бдеев со него со вода и стравот да не е премалку, проколнувајќи ме да запрам без да слушнам ни најмал крик на беспомошност, и тоа ќе се згрчи ко мало дете со болки во стомакот и ќе скапува како да го сторило најголемото злосторство на светот. Најверојатно би го сместила во најголемата сенка во собата, и тоа ќе се налути и нема да сака да излезе ниту да се поздрави, за него светот ќе биде студенило и мачење, можам да го заборавам и на Сонце, а тоа да го прелаже ко стар љубовник што и ветува светови на наивна девојка и потоа ќе му украде плодот и ќе остави жеден да тагува. Цел ден можам да му зборувам за љубовта кон Беатриче, кон Лаура, да му ги пуштам нотите напишани за Аида, а тоа од инает да рашири приказни за Луцифер од кого и птиците бегаат.
            Ништо од оваа да не биде, да израснам убав и раскошен цвет, со опоен мирис и цврсто стебло, што ако се разбудам едно утро и него го нема, како што те снема тебе, како што те набра некој друг.