Wednesday, October 30, 2019

Шолја чај

И ги приближувам прстите бавно, како исплашен, млад љубовник треперам од првиот допир, моите прсти и се протнуваат низ отворот кој води кон задоволствата кои ги посакувам. Топлината веќе ме обзема, струи низ целото телото, се шири ко епидемија и не сакам да ја запрам, ми се допаѓа огнот кој го буди во мене. Уживам. Во мигови на убавина незабележително ја притискам, ко да се плашам дека ќе ми избега пред да имам можност да ја вкусам до крајот. Моја е, но наместо јас неа, таа мене ме надвладува. Ми ја влажни раката, ми ја гаси жедта, чувствувам како ми ги заведува усните и се лизга надолу скокоткајќи ми ја внатрешноста. Моето тело е под нејзината моќ.  Велат некои задоволства се примаат само со затворени очи. Замижувам додека пливам во течности. И кога целото тело ми станува роб на нејзината топлина, се втурнувам во море на воздишки. Танцува на врвовите на мојата издржливост. Победува. Крикнувам! Една солза ми се појавува на лицето. Секогаш е така, со првата голтка врел чај.