Tuesday, August 4, 2015

Другарите на татко ми

Се сеќава ко вчера да беше, јас мала, облечена во летно фустанче заедно со татко ми шетам низ чаршијата. Тој насмеан од уво до уво, јас исто толку напрчена, татината принцеза се шета низ градот. Околу нас многу луѓе кои го отпоздравуваат, некои и подзастануваат, тоа се неговите другари, ќе ме потштипнат по образот и ќе ми дадат нешто, бомбонче, пуканки, било што бидејќи јас сум она помалото и послаткото, само да не знае сестра ми. Тоа беше најголемата тајна која сум ја чувала. Чаршијата е весела, во неа има весели луѓе полни оптимизам, тие знаат дека утре ќе биде подобро иако и сега не е многу лошо. Слатката која ќе му ја купат на малото девојче нема да ѝ скрати од трпезата. Наздравуваат во име на тоа, се смеат, го полнат градот со радост. Животот е убав, велат тие и продолжуваат.

            Еве поминаа години и јас не сум повеќе тоа мало девојче. И ден денес сретнувам дел од тие луѓе по улиците, многу поретко по чаршијата, но не ме застануваат, ретко кој од нив и ме поздравува. Не ме познаваат повеќе, со татко ми не си личиме еден на друг, додека тој е црномурест јас сум бела како сирење, што би рекла тетка ми, од ликот не сум му зела ништо, сум го наследила оној крут карактер и тоа не поврзува повеќе од носење иста боја на очи. И јас им ги имам заборавено имињата, но ми се врзани во спомените, ете го оној што ми кажуваше приказни, тој што ми даваше пуканки, оној што игравме загатки, и така еден куп. Тоа повеќе не се истите луѓе, годините поминале, но животот ги променил. Чекорат со долу наведната глава, некаде се замислени, секој како товар да носи на себе. Се изгубил сјајот во очите, оној оптимизам кој го зрачеа, тие луѓе заборавиле дури и да се смејат. Ретко се поздравуваат на улиците, само млитаво климнуваат со главите и одма се вртат на другата страна. Ниту градот веќе не е весел, ниту чаршијата полна, ниту некој наздравува за животот овде. Свесни се за тоа, одеднаш животот престана да биде толку убав, ги разочара, им го грабна најмилото, ги падна на колениците и им ја спушти главата. Знаат дека утре нема да биде подобро, а знам и јас, но јас не сум ни приближно до нивна врсничка, и тоа боли како мртво срце во младо тело!