Saturday, December 29, 2012

Марионета


Како изгубен патник на пола пат застанат. Мислев ги знам одговорите кога го пуштив чекорот, мислев дека го знам планот напамет и одеднаш истите прашања пред мене. Ова повеќе не сум јас, јас не се познавам ваква, сето ова е премногу хаотично и бучно, а јас доаѓам од мирен град. Се погледнувам во огледало, да јас сум, но и не сум. Измешани личности гледам пред мене, не ги препознавам. Онаа вистинската, онаа која ја познавам никаде ја нема. Дали во мене удрило она „Кога сите зошто да не и јас?“, но не е можно, јас бев заколнат непријател на тоа, јас бев таа која сакаше да ја сруши таа предрасуда насекаде која владее. Каде појдов? Каде стигнав? Како да се вратам назад? Ете го патот, таму е, познат е, нека не се правам слепа, но ако дадам само еден чекор сè ќе замре, кулите ќе се срушат, планот ќе остане вечно нереализиран. Успехот мами, ризиците од неговиот блесок се губат. 
Слаба сум за да прогледам, не сакам, одбивам, се бунам, а тоа е знак дека сум се стопила во општеството кое го мразам, кое ме задушува, кое сакам да го променам. Можно ли е вакво нешто? Се слуша глас , тивок, вели „Разбуди се, врати се!“, но се губи некаде. Слаб е, изнемоштен,  а мене ми треба размрдување. Премногу е кревок за да ми удри шлаканица и да ме освести. Решена сум да победам, да тргнам напред, со крената глава како демек силна сум, но онаа мала човечност во мене може да ме уништи, не луѓето, не стапиците, туку човекот во мене, сè уште е жив и не се откажува. Зошто јас ја имав таа несреќа да имам срце наместо камен? Казнета сум или благословена? Изгледа во вакво општество тоа првото. Најлошо од сè е кога самиот на себе си најголема препрека на патот. Сè ќе дадам да можам некому да удрам незаслужена шлаканица и пак мирно да спијам. 
Или чекај, не сум тоа јас, не треба така, чекај... чекај... Проклето е да е ова општество, проклети да се луѓето во него. Како да се живее онаму каде што вистинскиот човек се двои од општеството, како да се живее во општество кое не знае да го цени вистинсиот човек. Дали човек треба да се стопи во него и да ги преземе неговите вредности или сепак вреди да се остане вистински?

Friday, December 7, 2012

Чисто онака




            Темница. Во собата владее студ, разгорениот оган не може да го стопли нејзиното тело. Стуткана во еден ќош гледа надвор. Ги гледа капките, разбеснетите дрвја, ги слуша шумовите. Отидена е накаде далеку со мислите, насмевката ѝ ја нема на лицето...

            Тропотот на вратата ја буди. Во собата влегува тој, кога го здогледува се стрчува кон него, копнее по неговата прегратка, но одеднаш застанува. Збунета е, растргната помеѓу разумот и желбата. Сака да се препушти, но се плаши. Го повикува со погледот, но сè уште не е сигурна. Го пушта повторно чекорот, но плашливо...

            Тој не се двоуми, ѝ приоѓа. Ја гледа жедта во нејзините очи и ја прегрнува, ја доближува до себе. После неговиот допир размислувањата престануваат. Јасно е, го посакува! Ги подава нејзините усни кон неговите. Тој ја бакнува страсно и се сета сила ја турнува во својата прегратка, а таа ги става рацете во неговата коса. Се препушта на желбата, сака да заборави на сè, да биде свесна само за тука и сега...

 Тој ја води до креветот бакнувајќи ја и полека ја легнува. За миг се потргнува, ја погледнува и пак почнува да ја бакнува. Едната рака му е на половината  а со другата почнува да ја милува по телото. Нејзините усни почнуваат да шетаат по неговиот врат. Тој ѝ ја подигнува маичката, а таа го турка. Сака да биде главна! Продолжува да го бакнува по вратот, полека му ја откопчува кошулата, како се ослободува од копчињата така го бакнува по телото...
Кошулата не е повеќе на него. Неговите усни повторно пијат од нејзините. И ја соблекува маичката. Рацете полека му се симнуваат од половината и ја гали по нозете додека усните жедно му шетаат по нејзиниот врат. Ги впива неговите прсти во неа, ја гризе нежно по вратот, нејзината желба расте. Си ја гризе долната усна, ѝ се допаѓа начинот на кој ја допира, а ниту таа не е мирна. Со едната рака ѝ го откопчува градникот и почнува да ја бакнува.... другата рака му... кожата ѝ е претесна во моментот....

Thursday, December 6, 2012

ТОЈ


Пред мене застана тој. Одеднаш се појави како да никна од земја. Го игнорирав неговото постоење, но повеќе не можам. Сепак тој е тој, каде и да бегам, да пробам да се скријам тој пак ќе биде тој. Што правиш? Беше прашањето кое го поставуваше неговиот поглед. Беше бесен на мене и имаше право на тоа. Ја гледав неговата рака, мирно стоеше покрај неговото тело, помислив ќе ми удри шлаканица, заслужував, сакав да ми удри шлаканица. Но заборавив дека тој не беше таков, не можеше мене да ме удри, тоа сепак бев јас. Сè што можев да добијам од него беше прегратка, неговото рамо секогаш ќе биде слободно за мојата глава. Илјада пати се прашав дали го заслужувам тоа, најверојатно не. Можеби вресокот на неговото срце има право, можеби навистина сум луда, и слепа, и глупава. Не можам да се препознаам, не може ниту тој да ме препознае. Сака да ме освести, а сакам и јас. Зарем си ја заборави вредноста? Зарем не си свесна дека се задоволуваш со трошки? Ечеа прашањата од неговите очи. Молчам, се засрамив од самата себе. Немам право на збор, немам храброст устата да ја отворам, немам збор!

 Во бездна сум! Растргната помеѓу него, нешто искрено, силно и ветерот и маглата. Можеби и сум маѓепсана, којзнае, јас не се разбирам во тие работи, но подобро звучи отколку да си признаам дека сум глупава. Ништо не може да се спореди со него, тој е секогаш секаде, подготвен да подаде рака, да ме заштити. А што правам јас по ѓаволите? Каде сум тргнала? Која сум јас да згазнам на целата таа искреност и да ја отфрлам подадената рака за да докажам дека можам сама да чекорам. Зарем јас да си поиграм со некого? Зарем во тоа се претворив? Ве молам еден аплауз за мене. Големо достигнување, секоја ми чест! Па тој не е играчка! Ако јас самата си дозволив да бидам тоа не смеам и другите да ги третирам така. Тој ми е само предан целосно, а јас... јас сум слепа... и беспомошна... збунета... заблудена... Но еден ден кога ќе ги отворам очите него ќе го нема, можеби покрај мене и тој ќе сфати дека не го заслужувам. Од тоа и се плашам! Не сакам пред мене да ги отвори очите! Без него јас сум... сама.