Wednesday, May 17, 2017

Куфери

Ко на нозете да имам клинци, ми ги заковале стапалата на едно место и не можам да избегам. Се помрднувам, но не толку успешно, дури успевам и да чекорам, но колку чекори да дадам кога ќе погледам пак сум на истото место. Дали тоа ме следи мене или јас не го пуштам да си замине не знам. И ич не ми е убаво, секогаш кога и да се завртам ја гледам истата слика, празна е, бездушна е, грозна е. Различни луѓе, исти рамнодушни погледни, различни места, исти потрошени надежи. Само стари души наоколу, а и мојава се почесто почна за се заморува, и ниту малку не му дава отпор на стареењето. Старееме... Прерано...Се плашам да се погледнам во огледало, не сакам да видам дека верувам дека сепак вака треба да биде. Се плашам да признаам дека во право биле, сите, а јас со главата сум рушела ѕид. Најлошо од се е што стравот не може да го избрише споменот, а се сеќавам ко вчера да беше. Ги спакува куферите и замина, за подобар живот. Ама кому? Ама каков? И ниту еден повик, и ниту една порака не може да ги замени тие очи полни љубов, присуство кое ти вдахнува живот. Ништо не може да те замени, и се без тебе е празно, сиот мој свет. Не сум сама. Наоколу илјадници празни светови, приказни полни солзи, и не знам дали да се радувам што не сум само јас, или да колнам што сме сите? Стојам во таа празна слика, ги гледам тие луѓе околу со празни светови во очите како мене, со пранги на душата, мрдаме во безлични светови. За нив и јас сум празнина. Се убедуваме себе си дека е за подобро, но никако да успееме да се излажеме, но мораме да најдеме барем сламка кога веќе тонеме. И како по автоматизам веќе прифаќаме дека е подобро така, жртвувајќи си го најмилото, најскапото, фрлајќи го во далечина. И само што сме ја нагрнеле, ја соблекуваме младоста од нашите плешки и продолжуваме да дишеме, за оние неколку денови да живееме кои знаеме дека ќе дојдат, еднаш или двапати годишно.