Thursday, April 25, 2013

Изгрејсонце, цигара и една голтка кафе


Го допуши првото утринско цигаре стоејќи на тарасата и восхитвајќи му се изгрејсонцето. Целосно сам, уживаше во секој миг, во секој дим... се чувствуваше толку лесен и безгрижен...Посакуваше вака да му започнува секое утро, наместо да му завршува денот
Тишина, руменило и цигара.... мир за душата
Отиде во кујната и си свари турско горко кафе, сакаше целосно да му се предаде на утрото, а какво е тоа утро без турско. Ги мразеше сите други кафиња наутро, горчината што му се разлеваше низ устата му ја засладуваше душата.Се врати на тарасата,седна со шољата кафе и ја запали втората  цигара, а втората не е како првата, исто како втората чашка ракија,патот е веќе потмачкан.
Погледна нагоре, таму се криеја душите од секоја помината вечер, од сите исплакани солзи, од сите лоши зборови, долу врвеа само намрштени лица. И одеднаш му застуде, ветерот му помина покрај срцето и продолжи. Се напи поголема голтка горчина и зеде поголем дим од цигарата за да го врати онаа смирувачко чувство кое те одзема од светот. Но се уште беше студено, несигурно го сврте погледот кон разместениот кревер како да знаеше дека нема да му се допадне тоа што ќе го види. Таму некоја без име спиеше без да сонува, каде сонот се бореше со алкохолот, која дојде овде за неколку пијачки. Виде девојка без концепт за утре, без план, без надеж, предадена на ноќта, девојка која живееше само за забава, таму некад во неа се види себе си...Си замина претходната, ќе си замине и оваа и таа што ќе дојде, сите си заминуваат....прошепоти само за себе, без желба да го промени тоа.
А шишето со водка празно лежеше до девојката, тоа беше слика што носи зима. Баш таков беше тој, истрошен, празен, загубен.... и сосема мирен над луѓето кои сепак прават нешто. Се што сакаше во оваа утро беше една девојка,бушава,несредена,нешминкана,поспана,со дамки на лице,здебелена која ќе седи со него и ќе молчи. И тогаш се сети дека имаше една таква која се будеше пред изгрејсонце и знаеше да молчи и да ужива во тишината на утрото. Една која не прашуваше, која го знаеше патот и која имаше граници кои тој ги пречекори. И баш поради неа го сакаше изгрејсонцето со кое таа се будеше а тој заспиваше и знаеше дека е таму некаде и го гледа и молчи. И знаеше дека никогаш повторно нема да пронајде девојка која поубаво молчи на изгрејсонце, и која нема да успее да ја извалка оваа убавина.Тој ги сакаше девојките со кои никогаш не можеше да биде, чии патишта секогаш се разминуваат, кога тие се раѓаа тој замруваше.
Си ја допуши цигарата, ја испи последната голтка од кафето вкусувајќи и дел од тежината и легна покрај девојката без име.


Saturday, April 20, 2013

Средба

Еден ден повторно ќе се сретнеме, ќе седнеме и кратко ќе позборуваме. Пак ќе ги размениме погледите и ќе се навратиме на она што некогаш било, ќе се насмееме бидејќи тие спомени можат да донесат само насмевки. Нема да биде тешко да си ги подадеме рацете и да ја навалиме главата на другото рамо. Нема да лажеме, добри си ги познаваме душите еден на друг, лагата може само да го уништи моментот, но неи вистината, бидејќи еден на друг си бевме потпора и најголема пречка, заедно учевме, се боревме, си ги обликувавме души. И двајцата ќе знаеме тогаш како е да се чекори без љубов, и воопшто нема да биде тешко да си признаеме дека ни најмалку не му е лесно на едниот без другиот, но нема ниту да се покаеме бидејќи и двајцата научивме да не се вртиме назад. Ќе се поздравиме со блесок со очите и среќа што ја имав таа чест да бидам и учителка и твој ученик, и знам дека никогаш нема да се заборавиме бидејќи добро научените лекции вечно се паметат.

Tuesday, April 16, 2013

Разбуди ме


Покриена со надежи и желби, легната на полјаната на фантазијата заспав и почнав да сонувам. И додека ме гледаш како без грижно пловам во тој свет на шеќерни патишта удри ме со рака и разбуди ме, не дозволувај да тонам. Набркај ме од таму каде што воздухот е сладок и ноќта блескава, подудри ме колку што можеш посилно се додека не ги отворам очите широко. Кажи ми дека сум жива и дека сонот не е живеење, потсети ме каде сум и до каде се границите. Помогни ми да ја дофатам реалноста и да го заборавам сонот на вечните фантазери,подобро да ја плачам реалноста отколку да ја лажам иднината. Не дозволувај да ме мамат убавините на други светови додека мојот се руши. Разбуди ме, врати ме од патот на соништата, додека не сум се уште далеку и твојата рака се уште може да ме дофати. Разбуди ме, не двоуми се, нема поголемо зло од лажна вистина, ако ти значам разбуди ме, ако треба и со шлаканица. Создадената илузија може да ми го украде утрото, она кое те буди со зрак светлина. Зарем сакаш да ја испуштам суштината и да ја одиграм погрешната улога во животот, запри ме, собери сили и разбуди ме. И кога ќе бидам уморна, дозволи ми да ги затворам очите, да одморам, да заспијам, но штом ќе видиш дека сонувам казни мебидејќи лажниот сонот не ја подобрува реалноста.

Wednesday, April 10, 2013

Некои луѓе ти се посветуваат без да кажат ниту збор, други ќе ти раскажат роман и пак ќе останат туѓи



         Никогаш не и кажа дека ја сака, никогаш не и симнуваше ѕвезди од небото, не и раскажуваше бајки… Тој не го сакаше тоа со неа, илјада пати го изоди тој пат, сакаше овој пат да биде поинаку, бидејќи таа беше поинаква. Зборовите сакаше да ги замени со дела, да и ја држи раката секогаш и кога паѓаше и кога одеше кон врвот. Ја држеше силно во прегратка кога лицето и беше тажно, но и кога се смешкаше. Солзите и ги бришеше, рацете и ги бакнуваше, душата и ја милуваше, тивко и нежно. Бдееше над неа во секој миг, се обидуваше да ја заштити од целиот свет. Ја врежа во срцето, но никогаш не и го кажа тоа, барем не гласно… А таа? Таа побегна со првиот кој успеа да ги изговори тие зборови и да и ја потполни празнината која ја мачеше. И додека се смешкаше покрај оној за кој се радуваше што конечно го пронајде, не сфаќаше дека само што го изгуби оној кој вистински ја сакаше. Тивко, без зборови, со дела, силно, реално…

Tuesday, April 9, 2013

Втора љубов


      Еден ден и јас ќе направам чекор и сонцето и мене ќе ме стопли. Душата повторно ќе ми расцвета и пролетта пак ќе мириса на среќа. Воздухот повторно ќе ми ги полни градите со верба, на ноќта ќе и се насмеам и ќе ги раширам крилјата широко. Повторно ќе ја подадам раката, моите очи ќе блеснат, тлото под моите нозе ќе биде сигурно. Ветерот ќе може само да ми ја разбушави косата, но не и да ми го помрдне телото. Дождот може само да ме натера да заиграм под капките, намокрените чевли ќе можат само да ме научат да чекорам и кога е потешко. И повторно ќе чекорам, ќе трчам, ќе се смеам, ќе ширам среќа. Тој ден јас ќе бидам способна повторно да љубам.

Friday, April 5, 2013

Ламбата


              Како залутан патник одеше по улиците и просеше за малку надеж. Ѕиркаше накај слепите улички, покрај ичкртаните клупи, под мостовите со надеж дека ќе пронајде барем дел од она што се нарекува иднина. Сите наоколу зборуваа за надежта како да е на дофат, а таа ко луда се вртеше на сите страни, трчеше гледаше а од надежта ни трага да најде. Имаше по некои светилки кои носеа насмевки на лицето, кои го разгоруваа речиси згаснатиот оган, но и тие полека со времето се претопуваа во црнината во која сме обвиткани
              И се пак требаше од почеток, нови потраги, нови лица, нови приказни, нови залажување... и затворени усти, насекаде. Сите молчеа бидејќи подобро им е кога се живее во тишина никој не им го ремети тоа еднолично, осиромашено секојдневие со исти прашање -Ќе преживеам ли и утре? Удобно е во фотељата која веќе има дупка и се жалат на тешкиот живот, а не преземаат ништо, ако преземат ќе треба и газот да се помрдне. Подобро беше да се молчи, барем така е сигурно дека нема да настрдаат иако чекориме кон најлошото, а страдањето се позади прагот. Зошто да стануваат од фотељата кога полесно е да се седи, без да се мисли и да се хранат со она што им го сервираат. Каде е маката? Еден ден не им чини времето, па програмата на тв, па епизодата, па јадењето ќе им биде пресолено и месецот поминал, поготвени се за наредниот. Ќе се нанижат деновите, и месеците и годините и еден ден фотељата ќе се скриши, а ти ќе одлучиш дали ќе станеш или ќе се распаднеш со неа!

Tuesday, April 2, 2013

Гладот е поголем од честа


              И беше тешко, претешко, беше исмевана, отфрлана, омаловажувана. На своите сокласници им служеше за потсмев, играчка со која си играа кога им беше здодевно. Епа  ѝ се смачи од сето тоа, дd студот, од гладот, од солзите, понижувањата. Сакаше на тоа да му стави крај што побрзо. Гладот беше поголем од честа, гордоста. Можеби сите ќе ја покажуваат со прст после она што реши да го направи, но ниту еден не ѝ подаде парче леб кога и се превртуваше сè од глад. Тешко ѝ беше да ја донесе оваа одлука, но тоа беше тоа. Се мислеше, премислуваше, но на крајот сиромаштијата победи. Ќе ги затвори очите една ноќ и ќе се спасат од оваа беда, и таа и родителите. Само една ноќ, потоа ќе ја заборави исто како да не се случила. Мораше да стисне заби ако не сака да умре од глад. Друг излез немаше, ова беше единствен начин да се спаси од бедата и голотијата, во која живееше уште од кога се роди.....
                 Патот ѝ го попрече црн автомобил. Богатите и моќните можеа да си дозволат сè што ќе посакаат, што беше за нив еден леб, тие тоа ни на кучињата не им го даваат, си помисли девојката и повторно се почувствува безвредна... 
          Како што  ѝ беше кажано така и стори. Ја наведна главата и се качи во автомобилот. Седна до него и уште тогаш почувствува гадење. Почна да ѝ течат солзи по лицето, но немаше враќање назад. Одлуката беше донесена. Само ѝ преостануваше да собере доволно сила за да го поднесе она што следуваше. Дали некогаш ќе можеше да заборави? Почувствува како почна да умира внатре, полека и тивко, но сигурно.