Sunday, November 29, 2015

Стриптиз!

     Те гледам од далечина, знам дека не те познавам, но твоите натажени очи мамат. Не ме оставаат на мира, го всадија во мене копнежот да те соблечам и не отстапуваат. Посакувам полека да ги срушам сите ѕидови кои те обиколуваат, да ги слечам сите пречки и сомнежи. Додека во позадина оди тивка музика, да им шепотам на соништата и да ги намамам тие натоварени зборови. Не ја сакам твојата голотија испружена пред моиве раце, ниту тукутака да го допирам твоето тело. Светот во твое руво сакам да го видам, со зборови да поминам низ патеките со траги од твоите стапки. Дозволи ми да ја откријам тагата која ја кријат твоите очи и да го запалам тоа жарче надеж во нив што не се откажува од тебе. Дозволи ми додека твојот поглед ќе ја бара светлината на кожата ми да ти ја изиграм мојата точка. Ќе ја откопчам душата, со раце полни верба ќе ги распетлувам копчињата. Ќе се движам по ритамот на спомените и ќе ја слушам мелодијата на страста. Ќе успееш ли да ги забележиш очиве со кои јас гледам на светот, не оние кои светот околу ги гледа? Шминката полека ќе се симне од мојот лик, на светлината ќе блеснат и патеките на моите солзи. Лузните кои ги оставила нивната врелина, не може секој да ги види, нивниот крај секогаш е покрај мојата насмевка, таа умешно намамува. Желбата ќе ми ги развлече усните и ќе го открие столбот на мојата сила. Се што ќе ти покажам ќе биде вистина, и солзите, и насмевките. Каишот околу душата што толку стегнат го носам ќе го олабавам, ќе дозволам се што има на мене да падне и грутката во вратот ќе ја снема. Со рацете ќе ги погалам надежите и со сета нежност во мене ќе поминам по раните без да ме заболат. На крај ќе ги слечам од кожата сите претходни сеќавања и повторно ќе блесне со сјајот на вербата. Копнежот срамежливо ќе ѕирка од краевите додека желбите ќе пукаат по шавовите. Ќе стојам пред тебе како од мајка родена, подготвена за нови патишта. Не! Нема да те врзам со синџири околу твојот врат и мојата душа. Нема да ти ги украдам алиштата за утредента да се вратиш по нив. Ќе дишам за убавината, ќе постојам за сегашноста, така ме створил животот, насмеана. И потоа ќе ги слечам и алиштата кога душите ќе решат да се прегрнат.

Sunday, November 1, 2015

Разговор со себе

-Значи овде си била, те барав насекаде.
-Зарем не научи, секогаш сум на последното место на кое ќе ме побараш.
-Воопшто не си се променила, а помина долго време од нашиот последен разговор.
-Не сум по промените, веќе некое време како не сум се ниту помрднала. Се на едно место сум.
-Лошо ти е местово.
-Тогаш најди ми подобро.
-Зошто јас?
-А зошто другите?
-Сакаш ли ти воопшто да најдеш подобро?
-Дефинирај ми го подоброто?
-Човек ко тебе би требало да го знае тоа.
-Не знам веќе ништо, затупувам, секој ден повеќе. Повеќе ни разликата помеѓу доброто и лошото не можам да ја видам. Се вртам околу нештата и гледам повеќе слики, сите се вистините.
-Вистината е ова овде, пред тебе.
-Ако се свртам на другата страна тоа ќе биде лага?
-Затоа и не сакаш да се помрднеш? Се плашиш да не видиш нешто подобро?
-Се плашам дека ќе те видам тебе.
-Зарем толку сум страшна?
-Ми е страв да не појдам по твојот пат.
-Ти секако ќе појдеш по него. Еден ден ќе мора да се мрднеш.
-Не таму.
-Лошо е таму?

-Туѓо е.
-Се плашиш од непознатото.
-Ретко стравот може да ме запре. Непознатото не е она што ме плаше. Зарем ќе успеам со физичкото задоволство целосно да ја покријам емотивната празнина што ме чека на тој пат?
-Ќе можеш ли со емотивните задоволства и уметнички уживања да ги задоволиш основните физички потреби?
-Каде е компромисот?
-Го нема. Се чувствуваш сега исполнето?
-Понекогаш, на моменти.
-Вредат ли тие моменти за цел живот?
-Вреди ли било што за цел живот?
-Нешто вреди повеќе нешто помалку. Здравјето најмногу.
-Кој го има правото да ја одреди таа тежина, освен самите ние. Што ќе ти е здравјето без живот?
-Што ќе ти е живот без здравје? Кај ти е сега животот?
-Ќе дојде?
-Да седнеме, да чекаме? Колку долго? Околу тебе има луѓе кои цел живот чекаат, да одиме да им се придружиме.
-Не сум јас за таму.
-Натаму чекориш.
-Ќе запрам, ќе стојам.
-Мора да бираш, мора да мрднеш, ако останеш ќе успееш, ти не си за емоционална смрт.
-Празнината не е она што имам сили да го носам на грб.
-Морам да најдам компромис.
-Те молам немој да бараш цел живот. Земи ја мојава рака и да појдеме.
-А корените?
-Ќе ги откинеме.
-А што е со срцето?
-Ќе го земеме, срцето е секогаш во нас, во телата го носеме.
-А што е со...
-Престани со прашања. Тргни. Можеш и да задоцниш.
-Зарем избрав веќе?
-Тоа и не беше некој избор. Трчај.
-Ама јас... трчам!