Tuesday, October 10, 2017

Само сакав „Фала“ да ти кажам.

Ова ти го пишувам тебе што секогаш стоеше со подадена рака кон мене иако некогаш таа беше и за да ми треснеш шлаканица. Ама никако да ми треснеш, и ти се лутам поради тоа, требаше, многу пати требаше да го сториш тоа. Ти признавам еве ја би ти треснала една, дека за тебе ми е, не поради себе или дека ја многу сакам тебе да те ударам, боже свашта. Види знам дека не сум ти јас некое цвеќе за мирисање (иако користам добри парфеми, според сопствено убедување) и знам некогаш така добро да ти се налутам, па да се мрштам неколку часа, знаат и тие твои правно политички трикови да ме извадат од памет, ама таква сум ти се погодила, толку ти била среќа, една ваква ко мене, избувлива, лесно запалива материја да ти се падне за другарка. А и ти ме нервираш да ти кажам право, кога упорно велиш дека не сум во право, алоооо јас сум секогаш во право и не знам зошто упорно се противиш на тоа? Жалам што морам ова да ти соопштам, но тоа е докажана теорија и до крајот на животот ќе мора да ја прифатиш ко факт! Таков е животот, суров! Ама погледни на ведрата страна, имаш „Секогаш во право“ другарка! Јеее! Знам, животот бил милослив кон тебе! Е сега да почнеме со лошите работи малку, знаеш дека нема да успеам секогаш да сум покрај тебе (некогаш нема да го слушнам телефонот, некогаш ќе јадам торта и тогаш не ме гајле за ништо), ама и во тие тешки ситуации секоја слободна минута ќе ја искористам да сум таму. Знаеш и дека ќе се скараме, тоа и додуша не е некоја тајна, (уште сега иам неколку причини за тоа, еве една - ти должам 10 денари, не планирам да ти ги вратам, а и знаеш дека го сменив бројот нели?) ама немој ни на крај памет да ти текнало тоа да трае подолго од една недела, пошто ако се осудиш на таков глуп чекор ќе ти дојдам пред врата и ќе кампувам, со мачки!(те предизвикувам на контракампување) Исто мора да знаеш дека секогаш ама баш секогаш кога ќе ме поканиш на гага излегување јас ќе бидам таму! За тоа служат другарките зарем не? Што се однесува до твоите тајни кои си ми ги доверила само мене сакам да знаеш дека нема потреба да се секираш, никој не ги има слушнато, некогаш ни јас! Значи и да ме расапнат на крст не ги кажувам. И еве последното нешто да ти кажам, на сите им посакувам другарка како тебе, бидејќи на крајот на денот, во најтешките моменти, и најлудите идеи ти си тука, прво твојот број го вртам, покрај сите крвни и некрвни врски, ветувања и заколнувања на верност, ти си тука, посилна од секоја врска. Среќна сум што никогаш нема да дознаам од фејзбук што ти се случило ново, дали си станала тетка, си дипломирала или си положила за кола, бидејќи знам дека што и да ти се случи ќе го кренеш телефонот и ќе ми се јавиш, ко што јас тебе те замарам за ситниц
и. Среќна сум што изградивме едно вакво пријателство и што сме едни од ретките кои искрено го одржуваат со караници. Те сакам будалче. И пред да почнеш да се лигавиш, сакам кафе да ми свариш.

П.С. Знам што направи лани летото. :)

Wednesday, May 24, 2017

Празникот на работниците

Сите се радуваат на неработен ден, тоа значи ден поминат со фамилијата, со најблиските, да го поминеш денот во слобода на она што ти сакаш да го правиш. Тоа се денови кога се потсетуваме колку е убав животот и најчесто се оние кои остануваат во сеќавање. За сите, освен за текстилните работнички. Велат државен празник е ден кога си дома со фамилијата, но не и за нив. Нивните аларми се вклучија и ова утро, го испија утринското кафе и појдоа на работа. Влегоа во погоните полни прашни, стари машини и тежок воздух, без да почувствуваат ни најмал дел од празнична атмносфера. И денес имаат норми за постигнување, норми кои се недостижни, но кои служат како изговор за малите плати и подлога за навредите кои секојдневно ги добиваат. И кога вие ќе се разбудите тие веќе го работат третиот час, со наведнати глави, болки во грбот, замолчени усти и оштетени очи. Додека вие појадувате со своите најблиски, тие ги ставаат своите оброци на машините, во тие неисчистени погони и ги голтаат залаците за да постигнат за тоа време да отидат и во тоалет, и да успеат да се вратат пред да бидат навредени и омаловажени. Почнуваат и да ги бројат минутите до часот за заминување дома, таму каде што никој не им ги брои секундите кога се во тоалет и никого не мора да прашаат дали можат да ги извршат своите физиолошки потреби, таму каде што од никого не трпат мобинг. Гледајќи во часовниците се надеваат дека ова нема пак да биде еден од оние денови каде ќе мораат да останаат уште по некој час, без да ми биде платено за тоа, бидејќи сепак е празник, па дури и за нив, зарем не? И кога веќе ќе се вратат во домовите, со преморени и празни очи не успеваат да видат ништо од тој празничен дух, од тие шеги за писменоста, од таа радост на слободата. Но и тие нема да го заборават овој ден, овие денови се нивно секојдневие, и ќе им остане само во сеќавање, бидејќи никој и никаде нема да запише дека тие работеле, за да не се ни потруди да им плати за нивната работа. Писмени или не, на крајот од денот на нив не им е ни малку битно, бидејќи колку точно и да ги напишат пријавите до Трудовиот инспекторат, тој заборава да прочита.

Wednesday, May 17, 2017

Куфери

Ко на нозете да имам клинци, ми ги заковале стапалата на едно место и не можам да избегам. Се помрднувам, но не толку успешно, дури успевам и да чекорам, но колку чекори да дадам кога ќе погледам пак сум на истото место. Дали тоа ме следи мене или јас не го пуштам да си замине не знам. И ич не ми е убаво, секогаш кога и да се завртам ја гледам истата слика, празна е, бездушна е, грозна е. Различни луѓе, исти рамнодушни погледни, различни места, исти потрошени надежи. Само стари души наоколу, а и мојава се почесто почна за се заморува, и ниту малку не му дава отпор на стареењето. Старееме... Прерано...Се плашам да се погледнам во огледало, не сакам да видам дека верувам дека сепак вака треба да биде. Се плашам да признаам дека во право биле, сите, а јас со главата сум рушела ѕид. Најлошо од се е што стравот не може да го избрише споменот, а се сеќавам ко вчера да беше. Ги спакува куферите и замина, за подобар живот. Ама кому? Ама каков? И ниту еден повик, и ниту една порака не може да ги замени тие очи полни љубов, присуство кое ти вдахнува живот. Ништо не може да те замени, и се без тебе е празно, сиот мој свет. Не сум сама. Наоколу илјадници празни светови, приказни полни солзи, и не знам дали да се радувам што не сум само јас, или да колнам што сме сите? Стојам во таа празна слика, ги гледам тие луѓе околу со празни светови во очите како мене, со пранги на душата, мрдаме во безлични светови. За нив и јас сум празнина. Се убедуваме себе си дека е за подобро, но никако да успееме да се излажеме, но мораме да најдеме барем сламка кога веќе тонеме. И како по автоматизам веќе прифаќаме дека е подобро така, жртвувајќи си го најмилото, најскапото, фрлајќи го во далечина. И само што сме ја нагрнеле, ја соблекуваме младоста од нашите плешки и продолжуваме да дишеме, за оние неколку денови да живееме кои знаеме дека ќе дојдат, еднаш или двапати годишно.