Friday, November 29, 2013

Доволно е да биде човек

Што сакам? Не сакам многу, малку барам, но тешко се наоѓа и тоа малку, а тие што го имаат најчесто го кријат. Не сакам да биде ниту црн, ниту плав, ниту висок, ниту слаб, всушност поим немам каков сакам да биде. Доволно е да биде човек, помалку луд, несмасен и со убава насмевка. Сакам коа ќе застане пред мене да не можам да го тргнам погледот од него и да не се преправам дека не го гледам него и дека сум ладна ко мраз.Не сакам ни тој да дојде и да ми даде комплимент, не сакам ни за името да ме праша, ете така нека тресне нешто, било што. И јас да се замуабетам а да не знам што зборувам и веќе на следната песна да го бакнувам. И да вријам од желба да му ја искинам кошулата, и да не му велам не, не давам на првиот состанок. И да ме однесе некаде каде што сум мислила дека нема да завршам, и наместо да се буткаме на вратата како да не сме допрени со години, да се напиеме кафе. И да муабетиме а и двајцата да не знаеме за што, да зборуваме тивко, јас да ти климам со главата, а ти да глумиш дека ме слушаш. И кога ќе си ги изпразниме душите како демек сме имале некој товар, да го направиме она за што дојдовме и дури после да ме прашаш како ми беше името, и да ми го запишеш бројот и да ме оставиш да се отспијам и да заминам знаејќи дека ќе се вратам. 

Thursday, November 14, 2013

Бидејќи...

Не му беше ни малку лесно иако така изгледаше. Секогаш среден и насмеан, со неа под рака. Луѓето им се восхитуваа, некои им завидуваа, но никој не знаеше дека под тоа насмеано лице се крие празнина. Ја држеше за рака за да не оди со празни раце, ја прегрнуваше за да не мисли на тоа колку е сам, ја бакнуваше од очај, ја галеше од потреба. Повеќе уживаше во идеалната слика шо сакаше да ја претстави пред светот отколку во вистинката страст шо требаше да се најде таму а ја немаше. И се повеќе силно и ја претискаше раката бидејќи така се чувствуваше посилен, но е и посреќен, со неа имаше задоволство, но не и љубов. А се што тој бараше беше кога ќе ја здогледа таа вистинската, срцето да му се насмее, и раката сама кон неа да појде
Да ја приближи до градите силно бидејќи таму припаѓа, и да заспие со спокој на душата, и ниту еднаш да не помисли на останатиот свет. А имаше една таква, што му го нишаше светот. Баш онака како што ја замислуваше, и се трудеше да ја има околу себе, ја бараше со погледот, ја повикуваше со срцето онаа по која копнееше. И додека гореше по неа, се уште за рака ја држеше онаа која му ја исполнуваше сликата наместо срцето и не ја испушташе ни за миг. Бидејќи светот не прашуваше за чувствата, бидејќи градот така велеше, бидејќи општеството така процени...

Saturday, November 2, 2013

Глас

          Веќе знаев и  воопшто не ми беше тешко да чекорам онака како што денот милува, во убавите мигови да се насмеам во лошите да се утешам и пак да продолжам. И така секој ден, веќе навикната, одев по патеките молчејќи, знаејќи дека таму освен трњето и гласот остава лузни. Се плашев од мојот глас, неговата јачина ме растреперуваше и ете научив да голтам кога е најсилен. Научив да го игнорирам кога ме гребе одвнатре ко дива мачка која сакаш во раци да ја задржиш, понекогаш дури успевав и да го замолчам, бидејќи знаев дека само болка може да ми донесе и солза да ми подари. Научив да живеам со него како без него и признавам убаво ми беше. Денот убав, животот тивок, течеше така ко мал поток низ музиката на тивките птици. Брдата и планините беа страшни, течев и таму порано и затоа сега раните болат и при секое каменче тука. Но барем мирно е... Тивко е.... Се живее...

            Одеднаш чашата се прелеа, и животот згазна на гордоста, се обиде да го покори достоинството, да ја уништи мислата. И мирниот поток наиде на брза рака која води до нови клисури. А гласот, тој како никогаш претходно да не бил присутен и од мачка се претвоти во лав кој ми ги раскинуваше градите и не постоеше можност да се зачува мирен. Сам се искачуваше низ грлото, да излезе на светлината на животот. Не беше возможно да го игнорираш, да го запреш, да го проголташ. Врескаше и сите слушаа и повеќе ништо не беше мирно, и повеќе не можев да чекорам онака како што денот милува, гласот ми ги движеше и телото и духот. Јасно беше дека сѐ што научив беше погрешно. Никогаш ништо не беше мирно, и никогаш не беше за молчење. Ова што сега вришти во мене, тоа сум јас. Јас сум она каменче во потокот што ми ја лути раната. Јас сум мојот глас!

Thursday, October 24, 2013

Вие немате поим

Вие немате поим како ми е мене, немате поим што јас кријам во овие две раце, што се минало пред овие очи. Не знаете како сум чекорела низ животот, и како сум се стекнала со лузните кои ме оцртуваат. Оваа насмевка што ја гледате можеби и не е толку лажна, не сум научила да се смеам за да ги лажам луѓето дека сум среќна. Можеби потребата од насмеано лице ме направила таква каква што сум.  А што е важно што луѓето мислат, ако не е важно зошто посветуваме внимание на нивното мислење? Раните кои ги носам со себе не ги покажувам секому, не ги спомнувам, не сакам ниту да ги погледам, не од страв да бидам исмеана, не бидејќи не сакам некој да се сити на нив, не ме интересира за другите, за нивната жед глад  и ситост, туку можеби се лажам себе си дека ги нема, заздравиле, поминале, и ним им дошол крајот. Се учам да одам со нив како без нив, и не се ниту толку важни ако сакам да продолжам да чекорам. Едноставно како роза, го кинеш само цветот го оставаш трнот во прстот и продолжуваш. Не знаете како е кога не веруваш повеќе на никого, а имаш потреба да ја потпреш главата на нечие рамо и да се испразниш.  Внимавам на секој збор и никогаш не е исправен и точен, и можеби не е до нив, до мене е, можеби и не знам да ризикувам, можеби и се плашам. Вие немате поим како ми е додека го гледам народот околу мене толку сличен и различен,  исплашен да ризикува за да верува и да признае а уште посилен за да погреши и да се гордее ограничен во свет со центар во неговиот ум наместо срце. Не, вие не знаете, вие немате поим како ми е мене исто како што јас немам поим како ви е вам.

Thursday, October 10, 2013

Непланирано

     Што беше ова? Земјотрес? Што се случи одеднаш? Како се се измени баш кога верував дека добро ги наместив коцките? Каде ми замина спокојот.... Тоа беа само дел од прашањата што му поминуваа низ главата секоја ноќ пред спиење. Се сеќаваше дека има мирен живот , се помири со судбината, ја прифати реалноста и реши да живее така и одеднаш бум. Се појави таа, од нигде никаде... Не знаеше ништо за неа, освен името и неколку разменети зборови, но од очите можеше да прочита дека не беше секојдневна девојка. Имаше нешто што ја одделуваше , не беше тоа нејзината убавина, ниту внимателно избраните зборови туку нешто сосема поинакво. Нешто  зрачеше од неа и те го привлекуваше , те го одбиваше. Таа не се вклопуваше со сликата за девојките што ја имаше и со која се помири, а беше сигурен дека секоја припаѓа таму на овој или оној начин. И таа не беше поинаква , па ќе ја ставаше во тој кош, но пак ќе ја извадеше. Никако не можеше да се одлучи. Бараше објаснувања, правеше слики, но таа никаде не се вклопуваше. Само што ќе ја пикнеше во еден куп таа ќе го изненадеше и ќе му докажеше дека греши и не е како тие, туку една и единствена, и штом ќе помислеше дека е поинкава , посебна,, магична и реална таа ќе го клекнеше на колена и ќе го потсетеше дека е човек. И колку повеќе се трудеше да разбере, толку повеќе се губеше во нејзините постапки, зборови, погледи. И се повеќе сфаќаше дека нема објаснување и дека не знае иако му беше тешко да си го признае тоа. Таа беше енига која сакаше да ја одгатне, имаше желба да открие каков оган гореше во неа, оној што ќе го изгори или пак ќе го стопли

Thursday, August 22, 2013

На крајот од денот

Ни самата не знаеше дали го сакаше и што точно се случуваше со неа кога тој ќе се појавеше. Немаше никакви пеперутки во стомакот за кои сите зборуваат но чувствуваше како целосно да се променува штом ќе го здогледа. Не можеше да ја симне таа насмевка кога ќе го погледнеше и одеднаш се имаше поинаква форма. Покрај него се чувствуваше смирено, можеше со него да седи со саати без да изусти ни збор и на ум да не и падне ни едно поубаво место од тоа. Неговата појава ја опушташе целосно, покрај него немаше грижи немаше големи караници, се одеше мирно и полека. И секогаш на крајот на денот помислуваше на него, сакаше да го види, да се насмее, и да заборави на целата напнатост. Тој на неа делуваше како кафето во сонливото утро, како добриот филм кој откако ќе те смири ќе те заспие. Тој за неа беше бегање од реалноста, место каде што може да си ја одмори душата, да подзастане да земе здив и да продоложи со насмевка. Таа не се потпираше на него, не беше столбот на кој се наслонуваше и без кој ќе се најдеше на подот изгубена во непознатото, но уживаше во секој миг поминат со него. Тој не беше светилината во неа но и носеше свежина, не беше розата но го носеше нејзиниот мирис со него. И денот беше убав, и сонцето ја топлеше и животот течеше напред, а тој беше покрај неа

И сега денот е убав, сонцето и денес ја топли, и пак се смее но него го нема, ја нема хармонијата и опуштеноста. И нема повеќе бегање во друг свет каде што може да го пронајде мирот на душата, пред неа само патот е испречен без кафето во сонливтот утро. И не знае дали го сакаше и дали го сака, но и недостигаше смиреноста која и ја вдахнуваше во животот. Празнината која ја остави со неговото заминување ништо не може да потполни. Иако не знаеше што беше тој во нејзиниот живот на крајот на денот секогаш се потсетуваше на него бидејќи ниту едно зајдисонце не беше толку празно.

Tuesday, June 25, 2013

Робови на гордоста

                Луѓето велат лесно е, затвори ги очите, почувствувај ја болката и кога најмногу ќе те заболи ослободи ја, тогаш и тој ќе замине со неа. И ете се обидувам како некое мало дете, но никогаш не боли толку многу за да одлета. И се е поради проголтаните зборови, заменетите солзи со насмевки, глумењето студенило кога срцата гореа, но кој можеше да ни каже. И како ќе знаевме кога не бевме способни да се скараме како што сите се караа. А толку пати имав потреба да се развикам, понекогаш да ти кажам „Еби се“ а понекогаш „Те сакам“.И многу пати сакав да те гушнам наместо да избегам, но ете последниот пат избегав без да се свртам. А сега сакам да ти влепам шлаканица бидејќи не ми кажа дека она што светот ме научи во животот е погрешно во љубовта. И секогаш кога ќе поминам покрај тебе ќе чекорам со гордо крената глава и душа која клечи,но нема да ти кажам бидејќи ти никогаш не ми кажа. Двајца робови на гордоста никогаш нема да можат да се изборат за љубовт

Friday, May 31, 2013

Крај без почеток

              Секогаш се будеше пред да го досонува сонот, никогаш не ги сакаше краевите... не знаеше да се справи со нив. За него не постоеше среќен крај, крајот можеше да биде се, но не и синоним за среќa. Затоа секогаш кога ќе ја видеше на улица ќе поминеше покрај неа без да и каже Здраво за да не мора да и каже Збогум некогаш.  И секогаш кога ќе поминеше покрај неа ја гледаше нејзината убава душа со која несебично се разфрлаше наоколу. Сакаше да ги затвори очите пред таа убавина за да не гледа како се губи во далечинатa. Никогаш не се осудуваше да ја спореди топлината на прегратката со болката на разделбата. Тој знаеше дека ќе умее да љуби само еднаш и никогаш повеќе, само еднаш ќе се предаде целосно и без прашања, а потоа се ќе биде игра. Брзо учеше и многу лесно го фаќаше ритмот, затоа и го вртеше грбот на музиката..
          Немаше човек кој не го излажал, кој не го изневерил, немаше човек кој секогаш вредел повеќе од неговите зборови, а беше свесен дека и таа е иста како нив. И ако се пружеше по неа знаеше дека таму некогаш ќе се појави лага, мала несебична и небитна лага која ќе уништи се. А тој не знаеше да простува, дури и кога и срцето и разумот ќе се споеја гордоста ќе надминеше. Животот го избриша тој збор од неговиот речник, луѓето за кои веруваше дека можат да го изговорат само ги фрлија последните лопати. А кога гордоста победува љубовта умира. И секое утре поминуваше покрај неа без да и каже Здраво само за да ја зачува љубовта и во него и во неа, чиста и вистинска.

Saturday, May 25, 2013

Проклети луѓе

                       Признавам ранета сум, на срцето ми се појави рана која никогаш не зараснува. Но живеам со неа, ја носам насекаде со себе свесна сум дека постои и не правам скандали и драмски тажалки. Сепак ја имам силата да ја кренам главата и да продолжам напред со моето минато на моите рамења. И додека те гледам како се трескаш од земја, свесна дека го разгоруваш огнот кој треба да се стиши, не знам дали да се згрозам или да те жалам. Ги гледам сцените кои лошо ги глумиш, лажните солзи и прекриените намери, ѕиркам со двоумење низ површината, се плашам да не се згрозам од тоа што ќе го видам. Нема ништо погнило од лажни солзи за вистнска болка, со тоа само го валкаш споменот кој треба да остане вечно чист. Болката што евтино ја глумиш во мојата душа е чиста, и додека јас се учам да живеа со неа ти се обвиткуваш во црното платно на лошата глума. Но знај јас тагувам, но ти умираш.

Tuesday, May 14, 2013

Изгрејсонцето ќе го донесе новиот ден, новиот ден ќе донесе нови патишта


 Застана на прагот замислена, се двоумеше дали да го даде првиот чекор или да истрача од таму како неискусна жена. А толку време помина од последниот бакнеж, од таа силна прегратка.... помина без да се потроши. Неговиот поглед мамеше, ја влечеше како магнет кон себе забранувајќи и да размислува. Не знаеше дали само така нејзе ѝ се чинеше поради долгото одсуство на маж од нејзиниот живот или тој сепак се двоеше од целото тоа сивило. На крајот на краиштата и не беше важно, беше сладок и тоа беше доволно. Ја прифати играта на занесното срце и се втурна во авантурата на една ноќ, за се постоеше прв пат, со доза на среќа се смешкаше во себе
Тој беше желен за љубов, за топлина, му се здосади од сѐ друго, се измори... па доста беше. Таа пак се заколна дека никогаш повеќе нема да љуби, ќе биде како што беа тие што ја љубеа, слободна, насмеана и студена. Седнаа и се препуштија на виното, ноќта беше долга а тие не се брзаа никаде. Додека тој се обидуваше да си ја отвори душата за прв пат, во нејзинте очи можеше само да се прочита желба. Не слушаше ниту збор од она што тој го кажуваше иако во оваа ноќ таа за него блескаше најсилно и од најголемата ѕвезда. Не беше заинтересирана за неговите бакнежи на туѓите усни кога сега нејзините му беа толку блиску, не е важно, што било вчера е минато, а таа живее за сега. Уживаше во улогата на лоша девојка со ангелска насмевка
Во тој момент тој за неа беше единствен во животот.Се однесуваше како нему да му припаѓа нејзината душа, нежно ги галеше неговите надежи и му се насмевнуваше на лесната преданостГо гледаше како ѝ го испружи срцето на дланка, но не и пречеше, се додека е тивко и  ѝ дозволи на ноќта ќе биде убава. Таа не ја бараше љубовта, не сакаше ни да зборува за неа, бегаше бидејќи еднаш успеа да и го види ликот. Оваа ноќ само сакаше да љуби како да е заљубена, да почувствува допири на нејзината кожа како да за нив копнеела со години. Имаше потреба оваа ноќ некој да и покаже дека е негова, некој кој ќе зборува со рацете, а од очите ќе изфрла жар. Сакаше крвта да и зоврие, и усните да и го згаснат огнот, мислите да одлетаат, а утре... што е важно...Не беше важно ако нема да се разбуди покрај него, сакаше оваа ноќ да биде незаборавна и се предаде на моментот, на желбата која гореше во неа, додека тој ѝ се предаваше нејзе, за прв пат толку искрено во животот. Се испомешаа мислите, надежите, очекувањата, се испреплеткаа бакнежите, извиците, гребењето... задоволството...
           Со насмевка на лицето дека сонот конечно стана реалност тој заспа, мислејќи не е секоја иста,а тој штотуку зачекори во нова приказна со една поинаква, а таа го почека изгрејсонцето за да го донесе новиот ден, а новиот ден да ѝ донесе нови патишта. Со безшумен чекор му се извлече од сонот, го остави сам да сонува без да знае и изчезна. Знаеше дека никогаш нема да го заборави бидејќи тој беше прагот низ кој мораше да влезе во новиот живот, вистинскиот. А ниту тој неа, можеби ќе ја мразеше, можеби ќе му беше сеедно, но не можеше да ја заборави исто како што таа не можеше да го заборави оној кој нејзе ѝ ја уби вербата во љубовта. Сега таа беше нечиј убиец, но не чувствуваше вина  Па љубовта не постои зарем не?


Wednesday, May 8, 2013

Херојот без љубов


Ја сакаше на чуден начин, кога беше покрај неа не се познаваше себе си, тој никогаш не беше таков човек, тој ги мразеше таквите луѓе во кои се претопи. Во нејзините очи гледаше нешто несекојдневно, тој оган што тлееше во нив го претвораше во слабак, беше подготвен да се предаде без борба, затоа избегнуваше да ја гледа, не сакаше да има слаба точка, уште помалку тоа да биде таа. Тој беше научен да љуби и да остава, да го љубат и да го оставаат, тој беше научен да комуницира само со зборови. И одеднаш се појави таа со нејзините очи кои говореа посилно од било што што слушнал до сега и му се вовлече под кожа. Не знаеше како е да се биде некому причина за насмевка, да се стоплиш од туѓ допир, да сакаш некому да подариш се. Не знаеше како е да љуби вистински, да дава без да посака да земе нешто, се губеше во целиот овој нов свет. Но затоа беше таа тука, да го научи што значи да се предадеш без да се плашиш, да полеташ без да замавнеш со крилјата. Сакаше да му биде водич во овој нов свет, да му покаже дека нема од што да се плаши.Стравот само може да и го украде совршенството на љубовта. Но за инат на вистината тој никогаш не дозволуваше да биде воден од друг, тој знаеше да чекори сам, тој знаеше да чекори само сам. Да оди по патот со стисната рака, тоа за него беше невозможно, само измислена бајка за поубаво детство. И колку и да беше нејзината душа чиста и нејзиниот бакнеж врел, сепак стравот да дадеш се а да останеш сам беше поголем. Си удри една шлаканица, за да се освести,љубовта е само измислица, таа е само пречка на патот која не ти дозволува побрзо да стигнеш до целта. Си ја ослободи раката за да не се изгуби себе си, стариот, тврдокорен фраер.Тој не беше слабак и никогаш нема да биде, макар и ако само тој беше единствениот што го знае тоа. 
Патот е за да го изодиш сам, тој само така умееше, исто како што умееше подобро да љуби и да остава отколку да љуби и да дозволи да биде љубен
Оваа ноќ се врати порано дома, не можеше повеќе да седи таму и да ја гледа како се смешка. Го имаше се уште тој сјај во очите, пленуваше со својата насмевка, и наместо да се изгуби таа како да се препороди. Блескаше и владееше, и токму овде пред неговите очи. И додека за рака држеше друга девојка, одвај го контролираше бесот кон оние кои не го симнуваа погледот од неговата мала. Сакаше да се стрчне, да ја прегрне, да ја бакне, да им покаже на сите дека е негова и потоа да ја однесе некаде далеку од сите погледи. Сакаше само тој да ужива во нејзината убавина, не само во очите, усните, лицето, туку у во ведрината со која зрачеше. Но храбрите луѓе не прават патетични нешта зарем не? Тие само љубат и оставаат, не трчаат и не бегаат.
Неговото срце не можеше да го поднесе нејзинот поглед да пленува друг, нејзините усни на друг да се смешкат. Можеби храбрите не бегаат, но тој мораше да се изгуби од тоа место се додека уште може да се контролира Ја испрати „девојката“ и побрза да отиде дома. Отвори шише вино и го погледна небото, сакаше да биде сам, а всушност тоа и беше цело време после неа. Чувствуваше дека се го боли, од пред очи не можеше да ја избрише нејзината слика... ах колку само беше убава. Очите и светкаа како сијалички и му ја топлеа душата, чисти и искрени како и секогаш, усните... ги имаше највкусните усни на светот. Некогаш му се предаваа сами сега беа толку далечни и што е пострашно од се можеби туѓи. Дали некогаш ќе успее да ја забрави се прашуваше со месеци, еве се труди, но ниедна ја немаше нејзината душа. Дали некогаш можеше да ја заборави прегратката која му велеше јас сум тука, раширените раце и во добро и во зло? Дали можеше да заборави дека го сакаше и кога беше најлош и кога беше најдобар, и кога беше на дното и кога беше на врвот? Допирите кои велеа твоја сум вечно ќе останат врежени во неговите сеќавања. Само таа знаеше како да се справи со него кога и тој самиот не знаеше, ете да беше тука и сега ќе знаеше да му каже како додека се губи. Никогаш нема да си прости што не сакаше да научи да љуби, а со секој ден се повеќе ја љубеше.И ја мразеше оваа празна рака, го мразеше јакиот фраер, ги мрзаеше сите стравови и лоши приказни, се мразеше без неа што ја истурка од себе. Бидејќи херојот без љубов е само обичен слабак 

Thursday, April 25, 2013

Изгрејсонце, цигара и една голтка кафе


Го допуши првото утринско цигаре стоејќи на тарасата и восхитвајќи му се изгрејсонцето. Целосно сам, уживаше во секој миг, во секој дим... се чувствуваше толку лесен и безгрижен...Посакуваше вака да му започнува секое утро, наместо да му завршува денот
Тишина, руменило и цигара.... мир за душата
Отиде во кујната и си свари турско горко кафе, сакаше целосно да му се предаде на утрото, а какво е тоа утро без турско. Ги мразеше сите други кафиња наутро, горчината што му се разлеваше низ устата му ја засладуваше душата.Се врати на тарасата,седна со шољата кафе и ја запали втората  цигара, а втората не е како првата, исто како втората чашка ракија,патот е веќе потмачкан.
Погледна нагоре, таму се криеја душите од секоја помината вечер, од сите исплакани солзи, од сите лоши зборови, долу врвеа само намрштени лица. И одеднаш му застуде, ветерот му помина покрај срцето и продолжи. Се напи поголема голтка горчина и зеде поголем дим од цигарата за да го врати онаа смирувачко чувство кое те одзема од светот. Но се уште беше студено, несигурно го сврте погледот кон разместениот кревер како да знаеше дека нема да му се допадне тоа што ќе го види. Таму некоја без име спиеше без да сонува, каде сонот се бореше со алкохолот, која дојде овде за неколку пијачки. Виде девојка без концепт за утре, без план, без надеж, предадена на ноќта, девојка која живееше само за забава, таму некад во неа се види себе си...Си замина претходната, ќе си замине и оваа и таа што ќе дојде, сите си заминуваат....прошепоти само за себе, без желба да го промени тоа.
А шишето со водка празно лежеше до девојката, тоа беше слика што носи зима. Баш таков беше тој, истрошен, празен, загубен.... и сосема мирен над луѓето кои сепак прават нешто. Се што сакаше во оваа утро беше една девојка,бушава,несредена,нешминкана,поспана,со дамки на лице,здебелена која ќе седи со него и ќе молчи. И тогаш се сети дека имаше една таква која се будеше пред изгрејсонце и знаеше да молчи и да ужива во тишината на утрото. Една која не прашуваше, која го знаеше патот и која имаше граници кои тој ги пречекори. И баш поради неа го сакаше изгрејсонцето со кое таа се будеше а тој заспиваше и знаеше дека е таму некаде и го гледа и молчи. И знаеше дека никогаш повторно нема да пронајде девојка која поубаво молчи на изгрејсонце, и која нема да успее да ја извалка оваа убавина.Тој ги сакаше девојките со кои никогаш не можеше да биде, чии патишта секогаш се разминуваат, кога тие се раѓаа тој замруваше.
Си ја допуши цигарата, ја испи последната голтка од кафето вкусувајќи и дел од тежината и легна покрај девојката без име.