Thursday, October 24, 2013

Вие немате поим

Вие немате поим како ми е мене, немате поим што јас кријам во овие две раце, што се минало пред овие очи. Не знаете како сум чекорела низ животот, и како сум се стекнала со лузните кои ме оцртуваат. Оваа насмевка што ја гледате можеби и не е толку лажна, не сум научила да се смеам за да ги лажам луѓето дека сум среќна. Можеби потребата од насмеано лице ме направила таква каква што сум.  А што е важно што луѓето мислат, ако не е важно зошто посветуваме внимание на нивното мислење? Раните кои ги носам со себе не ги покажувам секому, не ги спомнувам, не сакам ниту да ги погледам, не од страв да бидам исмеана, не бидејќи не сакам некој да се сити на нив, не ме интересира за другите, за нивната жед глад  и ситост, туку можеби се лажам себе си дека ги нема, заздравиле, поминале, и ним им дошол крајот. Се учам да одам со нив како без нив, и не се ниту толку важни ако сакам да продолжам да чекорам. Едноставно како роза, го кинеш само цветот го оставаш трнот во прстот и продолжуваш. Не знаете како е кога не веруваш повеќе на никого, а имаш потреба да ја потпреш главата на нечие рамо и да се испразниш.  Внимавам на секој збор и никогаш не е исправен и точен, и можеби не е до нив, до мене е, можеби и не знам да ризикувам, можеби и се плашам. Вие немате поим како ми е додека го гледам народот околу мене толку сличен и различен,  исплашен да ризикува за да верува и да признае а уште посилен за да погреши и да се гордее ограничен во свет со центар во неговиот ум наместо срце. Не, вие не знаете, вие немате поим како ми е мене исто како што јас немам поим како ви е вам.