Веќе знаев и воопшто не ми беше тешко да чекорам онака
како што денот милува, во убавите мигови да се насмеам во лошите да се утешам и
пак да продолжам. И така секој ден, веќе навикната, одев по патеките молчејќи,
знаејќи дека таму освен трњето и гласот остава лузни. Се плашев од мојот глас,
неговата јачина ме растреперуваше и ете научив да голтам кога е најсилен.
Научив да го игнорирам кога ме гребе одвнатре ко дива мачка која сакаш во раци
да ја задржиш, понекогаш дури успевав и да го замолчам, бидејќи знаев дека само
болка може да ми донесе и солза да ми подари. Научив да живеам со него како без
него и признавам убаво ми беше. Денот убав, животот тивок, течеше така ко мал
поток низ музиката на тивките птици. Брдата и планините беа страшни, течев и
таму порано и затоа сега раните болат и при секое каменче тука. Но барем мирно
е... Тивко е.... Се живее...
Одеднаш чашата се прелеа, и животот згазна на гордоста,
се обиде да го покори достоинството, да ја уништи мислата. И мирниот поток
наиде на брза рака која води до нови клисури. А гласот, тој како никогаш
претходно да не бил присутен и од мачка се претвоти во лав кој ми ги
раскинуваше градите и не постоеше можност да се зачува мирен. Сам се искачуваше
низ грлото, да излезе на светлината на животот. Не беше возможно да го
игнорираш, да го запреш, да го проголташ. Врескаше и сите слушаа и повеќе ништо
не беше мирно, и повеќе не можев да чекорам онака како што денот милува, гласот
ми ги движеше и телото и духот. Јасно беше дека сѐ што научив беше погрешно.
Никогаш ништо не беше мирно, и никогаш не беше за молчење. Ова што сега вришти во
мене, тоа сум јас. Јас сум она каменче во потокот што ми ја лути раната. Јас
сум мојот глас!