Saturday, August 18, 2018

Само да те љубам.

Заглавени некаде помеѓу вистината и лагата се обидуваме да изиграме претстава на искусни актери во банална сегашност. Се лажеме дека сме истапиле еден чекор понапред но ја пружаме ракате за заедно да го понесеме туѓиот суд. Ги бараме телата на грешниците за да ја неутрализираме нашата човечка нарав. Си требаме ко нотите на светлината и сенките на музиката, да се испреплетеме еден со друг, та најголемите уметници да не фрлат во купот изгужвана хартија, идејата ко
фетус навестува убави чувства, внесана во нас ќе ја изнесеме на светот. Деца сме со потреба на љубов , да лебдиме над облаци од недопрености, старци сме со индиферентност кон сликата, скапа уметност за ситни пари. Меѓу нив да ме најдеш, средина да ми бидеш. Ако останало нешто од надевањето ќе не нурне во вакумски простор, искуството од кое го вртиме погледот ќе не научи да дишеме низ очите на другиот. Да се наоѓаме во мрак и да се љубиме под месечева светлост, да се бараме како зракот што го нашол патот да се слее по раните на земјата, и ги љуби туѓите лузни. Наликуваме на познати души, раѓаме апстракции со секој допир, подготвени сме да се разбудиме, но врзани за стариот кревет. Постојам ли јас од некогаштината? Изгубена ли е наивноста на почетоците, евтино ја продадовме нејзината убавина? Ќе му дозволиме ли на капитализмот да не украде од светот? Вреди ли да се биде креација на лузни? Си се прашал ли некогаш? Си одлучил ли? Записите низ порите на постоењето го замаглуваат прозорецот на старата куќа. Премногу топлина во затворени ѕидови, се препотувам и вриштам на романтизам, скриена од лошо скоцкан реализам. А се што сакам е да љубам, да го запалам светот со шарени огнови. Да запишам приказни по твоето тело, да ти вдахнам воздух во твоето грло. Низ телото да се впуштам себе си, да те припијам ко живот, да те земам колку што можам да и украдам на ноќта и да не те вратам. Мој да бидеш за да почувствуваш како се слеваат водопадите врз твоите усни. Да ѕирнам во тебе и да се пуштам во брановите. Да ги измешаме течностите од секој наш екот, бидејќи се што сакам е само да те љубам.

Saturday, August 11, 2018

Дозволи да водам

Го чувствувам твојот здив како се разлева низ порите на мојот врат. Навлегува низ кожата да ми го наежи сето тело. Овде сум, ама не сум истата. Ги затворам очите и се препуштам на лавата што тече низ моите вени. Твоите меки усти ја собрале целата топлина од човековото постоење и ја лизгаат по најексплозивните зони од мене. Јазикот си поигрува на рабовите од крици и воздишки, се ниша од нагоните кон излевањата. Со усните те барам да ја споделам врелината врз твоите фантазии и да те обвиткам во неа додека не го достигнеме максимумот на задоволство. Си играм на врвоите на твоите сетила, ко водена од нечујна музика го забрзувам темпото на игра, на моменти подзастанувам, да го вржеам миксот на нашите вкусови. Твојата машкост лежи под моите нозе. Те водам онаму каде сакаш да стигнеш. Ги слушам силните воздишки при судирот на два сплеткани света, како експлозија од искри на триење. Гребам од полетот на твоите гради да го зголемам интензитетот на копнежот чија школка станува претесна. Го чувствувам секој порив и соединување. Секоја клетка ми е во кохезија со желбата, површината те препознава. Му се доближувам на сонцето, се грчам под ропство на страста. Таму сум! Горам. Ги истиснувам задоволствата. Крик. Тишина.

Thursday, June 7, 2018

ВРЕЖАНИ СЕЌАВАЊА



Нејзината младост го предизвикуваше полетниот маж во него, додека се движеше покрај креветот со широките колкови во неговите очи блеснуваше нескротлив нагон. Не му беше доволно само да ги гледа тие облини што
импонираат како да не е таму, сакаше со прстите да го помине секој дел од нејзината кожа, со јазикот да ја почувстува врелината на нејзиното битие, да му се врежи во сеќавањата нејзината слаткост.  Бараше начин да ја сокрие во себе, да биде способен да ја има и кога ќе си замине, бидејќи тоа беше неминовно. Да ги стопи височините  и да ги потполни сите вдлабнатини, да ја запише на јазикот на незаборавот. Секој миг, секој час беше желен за неа, сакаше да ја гледа како се грчи од задоволство под неговото тело, како ѝ се креваат градите и ги допираат неговите,  како трепери при неговите допири додека нејзините нокти му испишуваа спомени на грбот.  Слушаше како ја полни целата соба со воздишки во ритамот на неговите понирања прилагодувајќи се на композицијата на нејзините потреби. Таа сето тоа го знаеше, го читаше копнежот во секој негов збор, здивот застанат на нејзините гради кој и го зголемуваше тактот на срцето, секој треперлив поглед по нејзините нозе, гледаше како  искрата од очите му се разлеваше по целото тело а жилата силна му плусираше штом ќе ја види како ја зафрла косата наназад пред спиење. Уживаше чувстувајќи му ги очите залепени за нејзините бутини, намерно ги цепкаше движењата на мали и бавни за да украде уште малку од задоволството на посакувањето, играјќи си на работ на страста и оганот, но штом ќе ја положеше раката на неговите гради, се оделуваше од своето тонејќи во неговото присуство, чувстувајќи ја цврстината на неговиот поход. Танцуваше по музиката на неговите стисоци, вреснуваше при секој повисок тон, собираше сили на секоја ниска нота, и секое ново грчење на мускулите ја буташе поблиску до задоволството. Моментот кога ќе се разлееше низ неа, цврсто ќе ги залепеше очите обидувајќи се да го врежи таков во сеќавање, за да биде таму и кога ќе го нема бидејќи еден ден сите заминуваат.


Thursday, April 19, 2018

Цветот во моите раце


          Пролетни градини, расцветани дворови и опојни мириси  кои вдахнуваат надеж, само убавини околу. Ова се мигови на љубење. Ветерот го носи занесот на прагот, птиците ги скокотаат соновите, цветот ја враќа младоста. Погледни ги и впиј ги во себе како што тие без да прашаат ти ја зедоа желбата под рака, и рамо до рамо ја понесоа по нивниот пат. Денес лесно се дише, воздухот побрзо го наоѓа патот до животот, насмевката до лицето. Време е на будење, правење простор за нови гнезда во срцата, и нови мириси од цветовите.
            Дојде времето да насадам цвет, иако никогаш порано не се осудив да израснам еден, ама затоа алчно му ги живеев убавините секогаш кога можев, исто како човек од пустина кога ќе види бардак вода. Вистина е дека се плашев да го ставам зрното  надеж во црна неплодна земја и да му дозволам да потоне во заборав, да го лишам од Сонцето, од љубовта. И да ја кренеше главата, ко љубопитен сосед кон балконот на новата соседка,  ќе заборавев да го наводнам, и ќе ја закотвеше главата во најтешката теминина и без белег ќе се сплотеше со црнината под него. Можеби и ќе го поливав секој ден, ќе бдеев со него со вода и стравот да не е премалку, проколнувајќи ме да запрам без да слушнам ни најмал крик на беспомошност, и тоа ќе се згрчи ко мало дете со болки во стомакот и ќе скапува како да го сторило најголемото злосторство на светот. Најверојатно би го сместила во најголемата сенка во собата, и тоа ќе се налути и нема да сака да излезе ниту да се поздрави, за него светот ќе биде студенило и мачење, можам да го заборавам и на Сонце, а тоа да го прелаже ко стар љубовник што и ветува светови на наивна девојка и потоа ќе му украде плодот и ќе остави жеден да тагува. Цел ден можам да му зборувам за љубовта кон Беатриче, кон Лаура, да му ги пуштам нотите напишани за Аида, а тоа од инает да рашири приказни за Луцифер од кого и птиците бегаат.
            Ништо од оваа да не биде, да израснам убав и раскошен цвет, со опоен мирис и цврсто стебло, што ако се разбудам едно утро и него го нема, како што те снема тебе, како што те набра некој друг.

Friday, March 16, 2018

Ох, Македонијо!

      Ги слушаш ли мила моја сите лелекања за тебе, тие пролеани солзи? Замолчи ги сите лицемерни викови, избегај им на сите прегратки со ножеви во рацете, сакаат да те дотолчат вака намачена. Само запрашај се, те слуша ли некој мила? Каде беа додека ти го соблекуваа рувото, почнувајќи од ракавицата, па сега кукаат поради долниот веш, каде беа кога те продаваа како ефтина парче месо по скапи хотели. Те соголија низ приказните за љубов, образот пепел ти го сторија, погледот во подот ти го заковаа, па и шамивчето со кое си ги бришеше солзите ти го продадоа. 
    Погледни, крвариш и никој не ти става мелем на раната, не се ни свртуваат да те видат. Никој мила моја. Сама си во рацете на гладни ѕверови од сите родови и бои. Те грабаат за да го изголдаат и последното месо од твоите голи коски. Ти ветуваат слобода, а те пикаат во беда. Ох, моја Македонијо! Твоите полиња се празни, детската врева заоѓа, слепи ли се? Не им се гледа, не им се слуша, нивните сетила ги обвива блескот од соништата. Ох, мила, ти одвај дишиш и се одржуваш во живот, се бориш како лавица, но ти снемува снага, од порите ти испарува иднината. Те погребуваат, но не те боли повеќе, се навикна на мртва трка, младоста што ти бега од рацете те носи на рабовите на смртта. Знам, оние кои ти беа надеж, од куферите те извадија додека ги полнеа со соништа и не можеш да ги обвиниш. Фрлена на подот, смачкана, непоправлива. 
    Тешко е! Издржи, друго и не ти останува мила. Ако ти е за утеха, не си ти виновна!

Monday, March 12, 2018

Глина


           Подадени раце и ладен воздух, се навикнуваш. Се откажувам од луѓето. Околу  мене илјада патокази, секој на себе има ознаки на љубов, симболи на вера, сувенири на надежта и сите до еден само сакат да се продадат, без малку суштина.  И стојам и продолжувам, истовремено. Часовникот отчукува претопен во тишината, грев  на вековината. Помодрените очи барајќи ja во туѓите раце ко во крадци испрснаа. Само требаше во себе да ѕирнам и да го видам она чија потрага ме доведе до слепило. Овде, во мене е, плусира и чека да ја слушнам. Оглувена од играњето на туѓата музика не се осврнувам на отчукувањето.  Никој не гледа во мене,  а јас безока вџарена во сите.  Падната на земја, не ми текнува да ја кренам, на височините ја барам, ко да е дар, а не абер за засукани ракави.  Илузијата ме одмара на рабовите на надежта и таму во безнадежието ја допирам. Мека е и фина, изградена од патишта неизодени, научени лекции и матни фрази, лузни и бакнежи, лизгања и извици на задоволства, прекрасно се измешале едно преку друго, едно до друго, едно во друго.Ја наоѓам исплашена, но не и изгубена. Се прилагодува на мојот допир, ако претиснам се свива, ако се подигнам се крева. Можам да ја обликувам по желба само треба да и дозволам низ моиве раце да заигра, среќа е велат, сам ја создаваш.



Wednesday, February 21, 2018

Птица без крилја


         Кога на птицата ќе и се пресечат крилјата не се појавуваат нови. Се обидува да замавне, се што и останува се вечните обиди, но залудно. Воздухот се уште е истиот од вчера, денот можеби дури и посветол, но крилјата ги нема. Светлината родена во срцето зајдува, среќата која извира од душата се губи. Блесокот претворен во темнина, патот во џунгла. А сепак се е исто ко вчера. Кога на птицaтa ќе и ги пресечеш крилјата таа умира, а Сонцето повторно се раѓа.