Израсна слушајќи ги
постарите бидејќи знаеше дека тие најдобро знаат, нив ги учел животот, од
погрешните патишта имаат лузни за спомени и научиле лекции кои никаде не се
напишани. Сите околу му велеа дека мора да научи и тој и тоа додека е се уште
млад, додека пред него е целото време на светот, да учи што е можно повеќе, од
постарите, попаметните, искусните... успешните. Тој впиваше се што можеше, како
пресушен сунѓер, од оние кои блескаа, оние на кои им аплаудираа и така израсна,
стана човек кој веруваше дека знаеше. Го гледаше светот поинаку, онака како што
мислеше дека е исправно. Повеќе не му беше тешко да излаже ако вистината не му
одговараше или пак само оти така сакаше. И луѓето повеќе не беа луѓе туку
средства со кои треба внимателно и многу паметно да се игра за да се успее.
Научи на кој треба да се поклони, кого да поздрави на улица, чија рака да бакне
па и на кого и кога треба да се развика. Одамна навикна да се смее и кога не му
беше смешно, да молчи кога му се зборува, да зборува кога му се молчи. Само со
чувствата му беше тешко, но и нив научи да ги потиснува оти светот велеше дека
тие само можат да наштетат, и во право беше, се е полесно без чувства. И не се
жалеше иако имаше моменти кога не беше лесно и да не се чувствува, но научи
дека е сосема безкорисно ако се самосожалува. Само едно нешто сакаше од животот
една можност да им каже на сите тие растажени лица, разочарни пријатели и
навредени чувства дека тој не направил ништо повеќе туку само учеше од
човештвото.