Monday, September 28, 2015

Што стори татко?



Еве ме, порасната, годините сѐ уште мали за да ми ги надраснат желбите, но почнуваат да натежнуваат. Овде сум некаде на средина, а сепак сум изгубена, како да стојам помеѓу два света, ниту еден од нив мој, ниту еден доволно реален. Излегов од едниот и не можам пак да се вратам назад, не ми доволува чекорот, во другиот се плашам и да помислам на влегување. Ништо од оваа не требаше вака да биде, зборовите кои ми ги даваа насоките сликаа поразлични слики за реалноста. Толку многу зборови кажани со тежина и фрлени во празно. Барем да не ги изговреше татко, понекогаш се прашувам дали подобро ќе беше да ми премолчеше. Од толку многу зборување ме излажа без да знаеш, без да посакаш, а знаеш дека ти верував. Ти така ме учеше зарем не? Да верувам и во себе и во останатите, дека вербата може да го срони секој камен и да ги скрши прангите околу. Сета верба во мене како да се задоми, удирав по камењата со сета сила, без размислување си ги виткав рацете околу прангите без да знам дека можат тие и крв да пуштат, белези да ми напишат по душата. Не умеав да ја убедам ни околината дека не боли, дека само умеам да се смеам, лажењето го убива човекот, така ми велеше. Искрените зборови требаше да се мојот клуч кон вратите на светот, а само ме направија играчка во него, никогаш не дознав како е да си поиграш без да размислиш два пати. Секогаш треба да се размислува два пати. И додека јас мислев луѓето околу мене се шушкаа, и додека јас верував и на себе дека светот можам да го сменам и на ним дека сакаат да бидат дел  од тој свет веќе ме клоцнаа од него. Не сакам назад, бидејќи она што ми велеше дека е бело не можеш да знаеш дали е одблесок на црнината, дали зборот е искрен или завиткан во прекрасна кутија за подароци, дали вербата ќе успее да те свие тебе пред ти да ги скршиш прангите. Барем да молчеше татко, тогаш можеби сама ќе научев дека со чесноста можеш да добиеш и шлаканица, со вербата доаѓа и ножот, и дека ниту една вистина не може да има еден лик. А сега татко погледни ме, ме научи сето она што не требаше да го знам да за успеам, и сега оди одвикни ме од таа вечна навика да му верувам на светот додека гласно кажува сѐ она што мене ми наликува на вистина без малтер. Сега ваква, сосема неспремна на светот каде да тргнам? Ќе успеам ли да продолжам надвор од твојот свет? Убаво е да си го подготвиш чедото за светот во кој сакаш да живее, но тешко е да го предадеш на светот што навистина го чека со раширени канџи.