Friday, August 21, 2015

Сега јас сум тука





           Ме гледаш со очи полни надеж. Да сториле хаос од страсти и воздишки, си велиме и двајцата во мислите. Желбата ни е поделена, ни треба оваа верба дека може да се изгради свет со темели од емоции. Силно веруваме, но не се лажеме. Никој не сака да се даде целосно, никој не сака да го пружи срцето на дланка и да си ги фрли очите на патот. Па и да го сториш тоа нема да го земам. Што ќе ми е? Си имам јас едно во градиве, нема да знам што да му правам, а баш фино изгледа таму кај тебе. Не сум дојдена да ти грабам од телото, но може да те изгребам. Сакам да седиме и да молчиме со часови, секој со својата мисла. И таа пукнатина низ која исплашено ѕирка надежта, сум ја забележала, ама нема да прашам за неа. Штом не знам, значи не треба да знам. И двајцата сме луѓе од резерва, не е до нас, до времето е. Убаво е што пак се смееме, што се обидуваме, убаво е што ја гледаме раната и шепотиме, ќе помине, ќе пече и ќе се умори. Чудаци сме и тоа е добро, искрени сме, така сме научени, од родителте, од животот. Ти сакаш да даваш, ја сакам да земам колку што ми е потребно, ти сакаш да се препуштиш, јас сакам да потонам. Тоа се тие различности што нѐ спојуваат. Копнееме еден на друг да си ја дадеме првата наивна љубов, онаа испишана по илјадници страници, онаа која  секој ден му дава желба за живот на поетот. Но, признаваме дека не можеме, сме ја потрошиле таа, еден примерок ни даваат кога се раѓаме, а ние веруваме дека е пробна верзија. Слатка заблуда. И без да прашам знам дека таму имала некоја, која те опсипувала со љубов, онаа што веќе сум ја потрошила, некоја со која сте сонувала дека и денес таа ќе е овде, а не јас. Можеби и поубаво ќе било така, таа сега да те држи за рака, можеби повеќе ќе те сака од мене, можеби нема да се разфрла со резерви. Сигурно и те сакала повеќе, те чувала ко светот да ѝ зависел од тебе. Ти го зела срцето кога си ѝ подадел, сте си ги замениле. Ама секое срце има само едно тело. И нејзе ја нема повеќе покрај тебе, заминала. Сега јас сум тука. Понекогаш преголемата љубов може да биде загушна, може да искулминира и одеднаш да се тресне од земја. Може да ти го сврти умот и ти
да престанеш да се  љубиш самиот, да ти ги затвори очите и со кофа вода потоа да те разбуди. И тоа е во ред, тоа е вистината што ретко сакаме да ја прифатиме. Сѐ додека се прифаќаме такви здробени од животот, можеме да молчиме заедно и да уживаме. Сите ние имаме некој кој не сакал повеќе, сум имала и јас, но поголема љубов не значи и поголема среќа. Во ред е тоа. Насмевни се!

Sunday, August 9, 2015

Нека им биде

           
      И ти можеби премногу бараш, намали ги критериумите, всушност избриши ги, што ти донесоа тие освен осаменоста. Еве сите околу тебе истото  го тврдат, сестра ти, мајка ти, тетката, соседката. „До тебе е, прибирлива си. Ајде освести се малку, не си повеќе дете да веруваш во бајки, во идеални мажи и љубови. Па што ако немате исти верување, што ако не барате исти работи од животот, барем ќе имате исто дете, тоа нема ли да е доволно? Животот секојдневно ве носи по различни патишта, но сепак завршувате на ист кревет, тоа е најважно. Визиите за утрото ви се неспоиви, погледите спротиставени, но иднината ќе ви биде заедничка.“ А среќна ќе бидам ли тогаш? Никој не сака ниту да ме праша. Или барем да ми каже како се живее со човек кој кога ќе погледне во тебе гледа лага, сопствена замисла на своите очекувања. Како може да се биде среќен со човек што не можеш да го споделиш сонот, со човек што не можеш да легнеш на иста перница, да се скараш и да се простиш со страст, да затрепериш ако за миг го потргне погледот од заедничката иднина? Ти треба ли човек со кој меѓусебно ќе се држите за рака обидувајќи се да ги дофатите соништата, на чие рамо ќе можеш да се наклониш и кој ќе те разбере штом ќе му истуриш од очите кутија со чувства? Ама тоа се неважни прашања, за уште поневажни одговори. Кого го интересираат? Важно е само едно, да не си сам, макар и со погрешен, ама никако сам, така вели општеството, така вели и попот, мора да се поклониме, не мора да се радуваме. Можеш ли да бидеш среќен според нечии критериуми, да се радуваш на нешто што не те исполнува, да се смееш бидејќи мораш? Сите знаат како треба, никој не ја бара повеќе среќата, како да е најдена формулата за неа, стои на сред соба, а околу само тажни лица. Никој не се обидува да посегне по неа, само кукавици кои се красат со крилја на орел, немајќи храброст да си ја видат тагата во огледало. Возможно ли е да навлезеш во веќе создаден свет и да го наречеш свој? Можеш ли да живееш во харем на среќа изграден од туѓ агол? Важно ли е да се осознаеш вистински за да тргнаеш по среќата? Постои ли среќа без осознавање? И што ако се осознаеш после направената грешка, ќе се покаеш ли, ќе си признаеш ли или ќе се трупаш со лаги секое утро? Кој мене може да ми го изгради патот? Има ли некој право да ми ја диктира среќата? Ах тие небитни одговори. Среќата не се дава, за среќата се бори, туку каде време и средства за војна во овие веќе изградени норми по туѓ крој. Ама ајде нека им биде!

Tuesday, August 4, 2015

Другарите на татко ми

Се сеќава ко вчера да беше, јас мала, облечена во летно фустанче заедно со татко ми шетам низ чаршијата. Тој насмеан од уво до уво, јас исто толку напрчена, татината принцеза се шета низ градот. Околу нас многу луѓе кои го отпоздравуваат, некои и подзастануваат, тоа се неговите другари, ќе ме потштипнат по образот и ќе ми дадат нешто, бомбонче, пуканки, било што бидејќи јас сум она помалото и послаткото, само да не знае сестра ми. Тоа беше најголемата тајна која сум ја чувала. Чаршијата е весела, во неа има весели луѓе полни оптимизам, тие знаат дека утре ќе биде подобро иако и сега не е многу лошо. Слатката која ќе му ја купат на малото девојче нема да ѝ скрати од трпезата. Наздравуваат во име на тоа, се смеат, го полнат градот со радост. Животот е убав, велат тие и продолжуваат.

            Еве поминаа години и јас не сум повеќе тоа мало девојче. И ден денес сретнувам дел од тие луѓе по улиците, многу поретко по чаршијата, но не ме застануваат, ретко кој од нив и ме поздравува. Не ме познаваат повеќе, со татко ми не си личиме еден на друг, додека тој е црномурест јас сум бела како сирење, што би рекла тетка ми, од ликот не сум му зела ништо, сум го наследила оној крут карактер и тоа не поврзува повеќе од носење иста боја на очи. И јас им ги имам заборавено имињата, но ми се врзани во спомените, ете го оној што ми кажуваше приказни, тој што ми даваше пуканки, оној што игравме загатки, и така еден куп. Тоа повеќе не се истите луѓе, годините поминале, но животот ги променил. Чекорат со долу наведната глава, некаде се замислени, секој како товар да носи на себе. Се изгубил сјајот во очите, оној оптимизам кој го зрачеа, тие луѓе заборавиле дури и да се смејат. Ретко се поздравуваат на улиците, само млитаво климнуваат со главите и одма се вртат на другата страна. Ниту градот веќе не е весел, ниту чаршијата полна, ниту некој наздравува за животот овде. Свесни се за тоа, одеднаш животот престана да биде толку убав, ги разочара, им го грабна најмилото, ги падна на колениците и им ја спушти главата. Знаат дека утре нема да биде подобро, а знам и јас, но јас не сум ни приближно до нивна врсничка, и тоа боли како мртво срце во младо тело!

Sunday, July 26, 2015

Седи таму, да ти глумам недостижна.



                Мислиш лесно е да глумиш недостижен, па тоа е најтeшката животна улога, а еве не можам да кажам дека не знам да глумам. На секој твој поглед треба да воздивнам со рамнодушност, да пафнам здодевно со устата и да се свртам на другата страна иако би сакала да ги пружам рацете и да те гушнам. Твоите гради се направени за да имам каде да ја наклонам главата, ти не смееш да се потргнеш, ако се потргнеш можам да паднам во безнадежност, и тоа не смееш да го дознаеш. Секогаш кога ќе се понудиш да ме утешиш треба да ти стаавам до знаење дека ти си слабиот, а јас полна моќ што светови руши. Со мене не можеш да си поиграш, ледот во мене зима носи, од мојот оган само јас се греам, оној кој пружа рака да се стопли може и да замрзне, биди внимателен. Твоето место е овде, пред мене, мислам дека ти е доволно јасно, дозволи јас да го направам филмот, да го напишам сценариото, да ги доделам улогите, и везден по нешто да менувам. Нема девојка, која не сонува за машко кое коленичи, нема девојка која не сака да господари. За среќа не можеш да си заминеш, бидејќи некаде прочитав дека си ми суден, дека судбината за мене те скроила. Ветен си ми, јас те ветив, а ветувањата се трудам да ги исполнам. Да се завртиш и да си заминеш, тоа е нешто што не смееш ни да го помислиш. Секој мој замрзнат поглед, сета моја рамнодушност, сето тоа е твое. Зарем би можел да се пожалиш дека не си сакан? Зарем би можел да погледнеш друга? Тие очи се само за мене, за мојот леден поглед, тие раце се за утеха на мојата неискажана тага. Појасно не може да биде. И што е со оваа наведната глава? Што треба да значи тој чекор на назад? Зарем ќе си заминеш? Каде можеш да отидеш, кога подобра од мене не постои. Да те молам да останеш, доволно ли ќе е? Еве колку и да викам залудно е, не можеш ни да ме слушнеш, а срцето вришти. Празнина околу остави, а толку се трудев да те задржам, од мене најлошото го извадив, за да го засакаш, најдоброто го прескокнав. Ме остави или те избркав? Ајде врати се, нема да се налутам, ајде дојди, ќе се насмеам, ајде и срце ќе отворам, ајде... Ќе се вратиш ли? Јас сум ранлива, јас сум слаба, верувај ми, јас глумам.

Sunday, June 14, 2015

Претсмртен бакнеж

          Сама во тишина, мирисот од липата ми се краде во собата и ми ја успокојува душава. Не ѝ дозволува да лута, ја држи овде до мене како да знае дека ми е потребна. Сѐ што имам е овде со мене, мислата, душата, разумот и сепак нешто недостасува. Како дупка на сред полјана во која сѐ подлабоко паѓам восхитувајќи се на цвеќињата околу. Храброст ли е да си насмеан од срце додека тониш или лудост. Кого да прашам? На чиј одговор да поверувам?
          Тишината во мене ме турка во фотељата и ме нуди со кафе, јако, силно ко претсмртен бакнеж. Смрт ли е? Нека оди и самата таа по ѓаволите, нема веќе трепет кој ќе разбуди страв. Предолга е редицата таму, којзнае која ќе е по ред, којзнае колку ќе треба да чека.
          Секој некаде појде, секој зачекори во друг правец, изградија светови го обвија со сјај. Среќни ли се? Сјајот ослепува, парата нахранува. Сити ли се? Мирот има ли цена? Кој го продаде? Кој го подели? Никој повеќе не го бара, ко птица пуштена од кафез врзана со мал конец, може да лета, но не онаму каде што сака. Желбите ни избегаа од секојдневието, најдоа мала пукнатина и побрзаа да заминат и тие со сѐ околу.
           Можеш ли нормалните потреби желби да ги наречеш? Сѐ бега, и душава прави план за бегство. Полна куќа празни луѓе дом ли е?  Ни очиве не ти помагаат повеќе, го гледаш она пред што сакаш да замижиш, мижат пред она што треба да се види, свесно го прават тоа, и устата им се восхитува и ги поддржува. Раце наоколу аплаудираат. Зарем е за пофалба премолчена мисла? Колку само тапкања по рамо следуваат по прераскажување туѓи приказни? Туѓиот сон среќа носи ли? Туѓата приказна може ли живот да се нарече? Премногу прокрварени коленици за гордо кренат народ. Лагата ќе успее ли на дѐ спаси? Мртви ли сме? Кој нѐ уби?

Sunday, April 26, 2015

Немој!

    Немој, те молам, не сакај ме, остави љубовта да замине исто онака како што дојде. Немој, не сакај ме , така ќе ми ги скратиш крилјата кои сега безгрижно ги ширам. Немој, не сакај ме, не стишувај ми го гласот кој вришти од мене и кога молчам. Немој, не сакај ме, не гаси го сјајот во моите очи  кој го осветлува моето постоење. Немој, не сакај ме, остави ми го здивот кој го полни мојот дух да се шири наоколу. Немој, не сакај ме, не уривај ми го светот граден со надежи. Немој, не сакај ме, хоризонтот нека остане крај за моите погледи. Немој, не сакај ме, само така нема да престанам да минувам низ животот играјќи по патиштата. Немој, не сакај ме, мојата болка мене ми е претешка, со твојата не би знаела да се справам. Немој, не сакај ме, мојата солза најдобро се тркала по мојот образ. Немој, не сакај ме, бидејќи веќе секое објаснување е непотребно. Немој, не сакај ме, најубава сум со живоста во моите вени. Немој, не сакај ме, и онака е премногу тешко. Немој, не сакај не, овој пат е претесен за двајца. Немој, не сакај ме како што ме сакаат сите!

Monday, February 9, 2015

За овој миг

Раката му се лизгаше по моето рамо и топлејќи ми го вратот со воздишки,силно ме притисна до себе и ми го созададе она чувство во кое тонев. Веќе одамна бев изгубена во неговите раце, секој негов допир ме носеше во нови светови каде што сакав да останав. Очите исполнети со жар ме привлекуваа секој ден одново и одново и знаев дека бев немоќна да заминам. Со него имав сила да бидам она што сум без да се плашам од себе си, и знаев дека некој ко таква ме љуби. Без да праша ги знаеше одговорите, умееше да зборува со мене кога тонев во тишина, тогаш најубави ни беа разговорите. Не сакаше да знае што било, не го интересираше шо може да биде, убавината беше во тој момент, во тие чукања на срцата. Јас бев негова, тој беше мој, доволно беше. Телата ни се испреплетуваа како неискажаните мисли, допирите ни се сретнуваа како желбите. За првпат не беше страшно целата да се предадам некому, со воздишките, фантазиите, лудориите...Времето со него беше како бегање од реалноста, тогаш живеев за себе, живеев во мигот со разуздани чувства кои со насмевка ги гледав како галопираат околу нас. Нема размислување, само потреба да се предадеш, и ни за кратко да се запрашаш дали ќе добиеш. Го љубиш ко во сон, и не се плашиш дали ќе замине еден ден, дали ќе го сврти грбот без збогум. Во вашиот свет сѐ е поинаку и тоа те радува, бидејќи знаеш и да посака да отиде ќе го пуштиш без да го прашаш било што, ко што тој сега не прашува. Секоја воздишка е за овој миг, секој допир е среќа

, и знаеш дека подобро е да го имаш за момент во животот отколку да ја изгубиш можноста со него.