Tuesday, May 22, 2012

Статуа од бронза


         Одеше низ куќата како поулавена, можеби и навистина беше таква, денеска не секој можеше да биде заљубен во статуа. А тој како и секогаш молчеше и не се ни помрднуваше, не забележувваше ништо окулу себе, ниту неа, девојката која го сакаше. Се беше залепил во еден агол и обвиен во бронза се исклучил од светот. Таа кутрата само се шеташе и пробуваш да се смири, ќе го погледнеше но тој не ѝ возвраќаше ниту на погледите ниту а повиците. Цревата ѝ кркореа од глад, не знаеше веќе што да стори, веќе немаше работа а со тоа и пари, а сè беше на нејзин грб, додека овој само уживаше во својата вредност и не се помрднуваше. Му удри шамар, но тој не ѝ возврати. Го удри уште еднаш, залудно тој не се помрднуваше. Се прашуваше што да стори, на овој нејзиниот никако да му дојде памет, за сè таа треба да се грижи. Го меркаше под око, се фати како размислува да го продаде, си ги гризна усните. Но пак продолжи, гладот не прашуваше за љубов, за убавина. Реши ако продолжи вака ќе го продаде, или ќе го продаде или ќе го убие.

Monday, April 30, 2012

Волкот и Црвенкапа


                Седеше на двоседот, маската му беше симната, светлината што влегуваше од малиот прашлив прозорец му го осветлуваше лицето, но сепак оставеше мала покривка на сомнеж. Но нејзините очи не можеа да го видат тоа, беа премногу вљубени, а тој беше овде да ѝ земе сè што има. Беше крадец, лажго, и очигледно беше добар во тоа. Можеше да ја гледа во очи и да ја лаже, тоа не беше никаков проблем, можеше раскажувајќи ѝ приказни за добра ноќ со една рака да ѝ го празни џебот, може да ја соголи додека таа мислеше дека напредува, тони а тој ја убедува дека се качува кон врвот. Најстрашно е што таа му веруваше, му веруваше слепо и само он беше во право и само он знаеше сè. Никого не слушаше, веруваше дека тој е нејзиниот спас и само тој знае може да ја спаси и дека веќе чекори по патот кој води кон излезот, незнаејќи дека само сè враќа назад.
                -Зошто ја носеше маската? – го праша плашливо, не сакаше да го разлути
                -Поради тебе, да не ме забележат соседите и потоа да озборуваат, а озборувањата им годат само на славните.
                -Зошто одеше толку тивко, на прсти?
                -Не сакав да те разбудам, ако спиеш?
                -Како можам да спијам сред бел ден?
                -Никогаш не се знае, можеби си имала главоболка па си легнала, не сакав со мојот тропот да те вознемирам.
                -Што тражи тој пиштол во твоите раце?           
                -Тоа е само поради заштита, не можам да дозволам некој да те повреди. Се заколнав пред Бога дека ќе те штитам и нема да дозволам ни влако да ти недостига.
                -Зошто раката ти беше во купот пари?
                -Сакав да ги преместам на сигурно место, овде се премногу на ризик, секој крадец прво овде би ги побарал, морам да се грижам за твојата иднина, не смеам да те оставам така. Знаеш дека ти си ми сè, за тебе би сторил сè што сакаш, не можам да си го замислам животот без тебе, без твојата насмевка и тие прекрасни очи.  Секоја твојта солза мене ме пече, кога ти си тажна јас не сум мирен. Се што е твое за мене е свето.
                Таа  ја наведна главата.
                -Се срамам. –рече таа тивко.
                -Нема зошто? Пред мене можеш да кажеш сè?
                -Помислив дека си сакал ... ах глупости, заборави. Важно е дека си сега овде и се грижиш за мене. –рече таа и му се фрли во прегратки.
                Тој цврсто ја притисна до него и ја бакна во челото, да знае дека не е сама, додека погледот му остана закован во купот пари.

Sunday, April 8, 2012

НЕ за солзите


Некогаш едноставно сакам да се стуткам во некое ќоше, да ја навалам главата над моите коленици и да заплачам тивко. Сакам да го исфрлам сето она што се собирало во мене со години, да ја тргнам таа лажна насмевка на лицето и да си ја изпразнам душата. Да плачам, без причина, да го истоварам она што го носам и да го подготовам грбот за она што следува. Но кога, или баш во тој момент ќе ти затропа некој на врата, или треба да смениш во четврта.  Немам време за тоа! Слоганот на денешното општество е јасен „НЕ за солзите“. А кој си ти да бунтуваш, никој, само една исплашена личност со полно срце горчина. И моментот кога баш ќе посакаш да се ослободиш од се, кога сакаш да ги пратеш сите окулу тебе онаму од каде што излегле, кога ќе побараш само пет минути некој ќе ти го зеде, бессрамно ќе ти го украде и ти мораш да продолжиш напред без да се одмориш од она назад. Никој не мисли дека твоите плешки се мали, никој не мисли дека ти должи нешто, никој и нема околу. Сама си а немаш време да се исплачеш.  Не, ти не си слаба, ти не си кукавица, ти си човек, ама каде се луѓето денес? Затоа главата горе, облечи го пак оној стар и сигурен израз на лицето и насмевни се. Тоа си ти, она што другите сакат да бидеш, она што самата ти се тераш да бидеш, среќна и исполнета. Не е тешко зарем не? Поправи го сјајот за усни и насмевни се уште еднаш и се ќе биде во ред.

Една ноќ



Почувствува како една врела солза му капна на раката.
-Значи боли, а зошто? Зарем тоа не е само вистина?
Таа немаше што да каже, ниту сакаше, ниту можеше. Решително стана и се упати кон вратата. Ова сепак беше премногу, не требаше да зачекори во оваа соба. Се срамеше од себеси. Но не успеа да направи ни еден чекор, тој ја фати за половната и ја бутна врз креветот. Секој обид да стане беше неуспешен. Не можеше ни да се помрдне, тој се наклони целиот врз неа. Едната рака ја стави до нејзината глава, а со другата ја држеше за половината.
-Каде мислиш да одиш?Не грижи се, нема да ти ја наплатам услугата.

Зборуваше со гнев во гласот, сакаше да ја понижи како таа него. Не ги гледаше солзите,  не ги чувствуваше. Беше свесен само за воздишките со болка, кои таа ги испушташе. Кога врелите солзи му ја прелија раката сфати дека претера и тоа многу. Колку и да го повреди со тие зборови, сепак не можеше да поднесе таа да плаче. Љубовта беше посилна од него. Нежно ја погали по лицето и ѝ ги избриша солзите.
-Ајде без солзи. Ветувам дека веќе нема да кажам ништо што ќе те повреди. Не плачи, ајде те молам.
-Ти не беше ваков. Што се случи?

-Гордост, гордост. Ајде сега престани да плачеш, сакам оваа ноќ да биде убава. Да заборавиме и да ја почнеме ноќта од почеток.
Таа пак  тешко воздивна, која девојка можеше да му одолее на ваков маж. Иако разумот ѝ велеше да му плукне во лице и да си замине, душата ѝ се губеше во секој негов допир. Трепереше како лист. Неговите воздишки направија да ги заборави лошите зборови.
-Добро. – рече таа тихо.
-Добро...

Го почувствува треперот во нејзиниот глас. Таа дишеше тешко, се обидуваше да се смири. Нејзиниот топол здив исполнет со тага правеше да се чувствува виновно. Ги бришеше нејзините солзи, ја галеше по образите, челото, усните... Не ја поднесуваше нејзината болка, се каеше за неговите зборови. Ја сакаше проклетство. Илјада утешни зборови му навираа во главата, но гордоста не му дозволуваше да ги изговори. Непрекинато ја движеше неговата рака по нејзиното лице, не можеше да се изначуди на таа убавина, да ѝ се израдува на оваа можност. Солзите запреа. Таа пред себе го почувствува човекот во кого беше вљубена. Кошмарот заврши. Ја бакна најпрво полека и нежно, а потоа со жар и потреба. Во двајцата се разбуди нешто ново. Страста ги натера да заборават на сè, на сегашноста, на минатото, иднината. Сега беа само таа, тој и глувата темнина. Неговите усни почнаа да ѝ го бакнуваат образот... потоа вратот... Раката му се најде на половината, ја галеше по голата кожа. Таа се препушти на чувствата, срцето ѝ чукаше побрзо и побрзо, крвта ѝ вриеше, тој ја доведуваше до лудило. И тој ѝ се препушти на желбата. Срцата ќе им излетаа од градите, страста растеше, крвта им се запали. Оваа ноќ беше само нивна, живееја за овој момент. Неговите прсти внимателно се движеа под нејзината маичка, ѝ го откопча градникот, ѝ ги допре градите. Со секое негово движење нејзинатта желба растеше. Сакаше да сака и да биде сакана. Не ни забележа дека маичката не ѝ е повеќе на телото, ниту знаеше кога почна да го бакнува по вратот, кога му ја поткрена маицата. Го соблече. Нејзините усни сега можеа слободно да се движат по неговото тело. За нив времето запре, тие владееја со ноќта. Нивните желби и страст немаше крај. Се препуштија на своите копнежи. Се предадоа еден со друг.

Оди или остани


Овој ден е ист како и останатите, можеби послабо грее сонцево од вчера, но мојата душа е истата. Те сакам исто колку и вчера, нема да лажам дека те сакам повеќе, не сме деца зарем  не. Но не само што те сакам, исто така и ми требаш, сакам да бидеш пак покрај мене, да ми се смешкаш. Зарем тоа што немам солзи на лицето е доволна причина да си ги чуваш рацете во џеб и да не ме прегрнеш? Зарем моите тивки зборови ти велат се е во ред и нема потреба од насмевка? Зошто секогаш бараш причина да сториш нешто убаво? Која е причината поради која ме љубиш?
 Мојата љубов не е поврзана со причини, не е поврзана со денови, празници, мојата љубов е поврзана со тебе и ништо останато. Бакни ме бидејќи сум тука, сега, прегрни ме бидејќи тоа е се што ми треба, подари цвет бидејќи денот е убав, фати ме за рака бидејќи е вторник, не барај момент за да кажеш дека ме сакаш. Покажи дека си покрај мене и кога сум среќна, се грижиш за мене и кога сум добро. На сите ни треба потпора и во убавите денови. 
Моето срце чука забрзано секогаш кога ќе те види, не само кога е празник, моите усни те посакауваат не само во петок. Биди со мене во секој миг, не само кога сум тажна, јас не барам сожалување на моите солзи јас барам љубов. Љуби ме како што јас те љубим, ако не подобро остави ме.

Saturday, April 7, 2012

Чекорам


Стојам. Сама сум. Окулу мене нема никој, нема ништо. Не остана ништо друго освен да ја помрднам ногата и да го направам првиот чекор. 
Нема да лажам, се плашам. Треба да зачекорам онаму каде што никогаш не сум била порано, во сосема нов свет.  Треба да појдам таму каде нема камен за да си ги одмориш нозете, или дрво на кое можеш да ја ослониш главата.
 Признавам, очите ми се полнат со солзи, но нема да испуштам ни крик, треба да се научам да плачам без солзи. Позади мене познати луѓе и полуотворени врати кои водат кон просечното, пред мене само прашалници и ништо повеќе.
 Кој знае што има зад нив, можеби е најдоброто, но можеби е и најлошото, се разгледуваат сите можности. Не е лесно, ни најмалку не е лесно да глумиш дека си храбар, дека можеш и дека најсилно веруваш, дека не се плашиш, но зарем имаме некогаш друг избор. Можеби пак ќе поминам низ овој пат некој ден, во спротивна насока, со наведната глава и неуспех, ама тогаш барем ќе можам да кажам дека сум се обидела, дека јас сум го дала мојот максимум. 
Не сакам работите да ги оставам на судбината, зарем да чекам, има ли време за чекање? Не сакам ниту да зачекорам по стапките на сите окулу мене, тој пат е изоден од многу луѓе. Верувам во себе, знам дека има нешто внатре во мене што го носам цел живот и кое вреди. Знам и дека можам многу повеќе и затоа толку силно сум решена да го направам овој чекор. Нема време за колебање. Ова сум јас, една и единствена, неповторлива. Нема да дозволам нечии сенки да ме затворат во теминина, бидејќи она што го носам во себе зрачи. Ќе се борам, бидејќи вредам. Почнувам. Сега. Посакајте ми среќа! 

Tuesday, April 3, 2012

Борба

Одев и застанав.
Се свртев и видов.
Го видов моето минато.
Не, не го видов минатото
туку една јасна слика
на ужаси, болка и среќа.
Ги затворив очите и
погледнав напред во
мојата иднина.
Не, не погледнав во иднината
туку во замаглен прозорец
со уште повеќе солзи и мачења.
И стојам, незнаејќи каде,а
не смеам да застанам.
Колку повеќе чекам
времето се побрзо лета.
Повторно ја погледнувам
сликата на минатото
и дури сега забележувам
дека низ неа ѕиркаат зраци
и знам
тоа е моето одамна поминато детство
кое не се враќа веќе.
Се вртам,
го гледам и прозорецот на иднината
и од таму допира зрак,
зрак кој е тешко да се забележи.
И се уште не знам каде да тргнам,
а времето тече.
Дали да се вратам назад
и да живеам со она што било
или да продолжам напред и
да преживеам се што следува?
А други патишта нема,
од страна само високи ѕидови
и зачекорувам, морам.
Времето ме турка, не може да ме чека.
Зачекорувам напред
за да  го освојам оној мал зрак светлина
борејќи се храбро заедно со спомените
во моето срце,
спомените од детството
и сето она што следуваше по него.