Tuesday, February 26, 2013

Исти денови

                   Aјде собери си го чадорот и замини. Немој да се вртиш, нема потреба да си размениме последни погледи. И нема причина, нема објаснување, само празнина. Нема трети виновни, нови пролетни занеси, нема ниту пречки на патот, ниту остри зборови, страв, себичност. Замисли нема ниту една кавга. 
                  Цвеќињата во рајската градина се исушија, листовите паднаа, дрвата замреа, птиците избегаа, ветрот стивна, тоа беше нашата градина. Не успеавме да го одржиме огнот кој го запаливме, мислевме дека жарта е доволна, но ете и тој се губи. За Сонцето да те стопли треба прво да му се насмееш, ние се залажувавме со некој залутан зрак кој ни градеше илузија на пролет. Се губиме во целата монотонија, ја оставивме нашата слика на среќата заедно со старите книги во темната и влажна библиотека и таа почна да бледее. Целиот тој шарен свет се претопи во сивило кое не гуши, додека едноличноста ни ги убива душите. Стоиме на автопатот како двајца старци , а се околу нас брза. Не ни помислуваме да направиме напор за да влеземе во полето полно живот, а нема ниту ветер за да не потурне. И залудно сама си ги полнам рацете со вистина кога тие држат само спомени во сегашноста.
                 И ајде слободно оди се. Не плаши се и не врти се, не сме деца, пораснавме оној момент кога си ги пуштивме рацете и чекоривме еден покрај друг. Нема потреба од прашања, оваа долга тишина зборува доволно, нема потреба од обвинување, ако некој мора да биде виновен тогаш да ги обвиниме нашите слепи срца. Ајде замини си, земи си го и чадорот, тој одамна престана да ме штити од дожд, и не ти ги барам назад насмевките бидејќи веќе си ги зедов. И немој никогаш да помислиш дека ова е грешка, дека имаше шанса, дека можеше, немој ниту да се покаеш бидејќи животот е премногу краток за љубовта да ја замениш со навика.

Sunday, February 24, 2013

Ништо не е вечно...


                Ете ме згази и сеа што ? Најпрво ми влезе со домот во насмевка, како еден мал зрак светлина во овој темен тунел, надеж дека е возможно човек пак искрено да се насмевне. Ми вети брда и долина, а ми зеде сѐ што имам. И сѐ  уште имаш чудна храброст да ме погледнеш во очи и да ми кажеш дека се грижиш, дека ти е гајле откако ме доведе до овде. И не можам повеќе да издржам болката е посилна од вербата, а гладот ја убива надежта. И покрај твоите зборови дека твоите раце се секогаш широко отворени кон мене кога и да се обидам да ги дофатам ги снемува.. Моето срце е преполно од празни зборови, од ветувања, вришти за дела. И иако некогаш ти верував сега се каам, но не секоја грешка се повторува два пати. Ете ме скршена, изиграна, прелажана, ограбена... но сепак некако сѐ уште своја. Денес повеќе не ти верувам, денес и ти се претопи во мракот кој ветуваше дека ќе го снема, денес можам да ти го видам вистинското лице. Доста ми е од лаги, колку и да се убави зборовите кои доаѓаат од тебе реалноста е уште посурова, а очите широко отворени. Тој кој еднаш ќе прогледа тешко дека пак ќе се дрзне да си ги извади очите. И сега залудно се трудиш, залудно ме убедуваш јас повеќе не сум таа која ќе ти верува. Вербата се зaдржува со дела а ти стори се за да ме отуркаш од себе. И иако ми доаѓа да се развикам, сепак ќе се воздржам, бидејќи и кога викаш нема кој да те слушне ако зборовите не се мелодија за неговитe уши. Нема да се бунтувам и да правам сцени, да се трескам од земја, и потоа да плачам позади неуспехот, но нема ни да се откажам бидејќи најголем грев што можеш да го направиш е да се предадеш самиот себе. Ете срцето ми е скршено, душата малаксана, ме дотолчи, ме предаде, ме излажа, ме замолчи, се обидуваш и да ме избришеш, и како тоа да не ти беше доволно ми ја чепна и раната, но знај ништо не е вечно, ниту ти нути јас. Еден ден народот ќе најде сила во немоќта и ќе се дрзне ја побара надежта.


Wednesday, February 20, 2013

Бушава


                   Некои ја сакаа поради насмевката која ѝ го красеше лицето, други ѝ се восхитуваа поради спокојот кој го ширеше насекде околу себе. Трети ѝ завидуваа на прекрасната појава, имаше и такви кои ѝ љубомореа. Ја викаа шмизла, замислена, дигноглава, некои ја викаа убава, весела, мила, а тој ја викаше бушава. Можеби пленуваше со својата убавина, ги запрепастуваше луѓето со умните размислување, можеби владееше каде и да се појавеше, но тој најмногу ја сакаше и ѝ се предаваше кога беше бушава. Обожаваше кога наутро ќе ѝ однесеше топло кафе на својата мала бушавка. Најубава беше кога ќе излезеше на балконот разбушавена со две шолји чај и пред да му ја подадеше нему секогаш таа прво ќе се напиеше. Секое праменче од нејзината коса кое бунтуваше ја правеше заслепувачки занесна и тоа не ѝ пречеше туку само му се смешкаше. Не сакаше да ја лути, но ѝ ја мрсеше косата во секоја прилика иако тоа ужасно ја нервираше, а тој уживаше додека ја гледа непотребно нервозна и несвеснo прекрасна.  Ниту една шминка не можеше да ја разубави повеќе од нејзината несредена коса. Најсреќени моменти му беа оние кога ќе се разбудеше со сите тие немирни влакна на лицето и ќе му кажеше дека овој ден сака само да остане овде со него. Ја сакаше најмногу бушава, бидејќи тогаш беше целосно негова.

Saturday, February 16, 2013

Три точки...


                Иако долго време нивните животи тргнаа по други патеки таа не можеше да ја заборави нивната приказна. Секогаш кога и да мислеше на него чувствуваше празнина. Ѝ недостигаше начинот на кој ја гледаше, кога ја впиваше со очите, кога ја смееше за да ужива во нејзината насмевка. Ѝ недостигаше неговата ведрина, свежината која тој ја внесуваше во нејзиниот живот. Многу нешта после него ѝ недостасуваа, но се навикна да живее без нив, да се смее и радува. Но празнината сѐ уште постоеше, копнежот, желбата за уште една незаборавна ноќ во неговите прегратки, трите точки наместо една.
            Чувствуваше дека таа ноќ многу зборови останаа не кажани. Гордоста застана пред срцето и таа проголта сѐ што врескаше во неа, се насмеа ко тоа да беше само сон, ја крена главата и наместо да викнеше „Те молам не оди си, остани. Те сакам“ таа само студено додаде „Добро, и јас веќе некое време сакав да ти кажам истото, мило ми е што се разбравме.“. Мразеше да лаже, но помеѓу потклекнувањето и лагата секогаш го бираше второто. А знаеше дека сѐ уште ја сака, во очите сѐ уште можеше да ја види насмевката која само љубовта може да ја предизвика. Но таа не можеше да си дозволи да се наведне, да моли, да ја признае вината, да потклекне, да покаже слабост, зависност, па дури и по цена на љубовта. Таа ноќ реши да си замине и да го задржи достоинството!

            Сега после толку време тие зборови и стоеја во душата како тежина. Додека не ги изговореше не можеше да стави крај и да  продолжи по новата патека без илајда прашања. Не знаеше како ќе го стори тоа, ако тогаш немаше храброст сега уште помалку, но ако сакаше помирни ноќи мораше.
            Знаеше дека вечерва ќе биде во новото кафуле, така дозна и се договори со другарките и тие да одат таму. Се средуваше два часа, оваа ноќ сакаше да биде најубава, да ги врати спомените, да ги скокотне чувствата. Сакаше и да владееше и да биде поробена. Во неа заживеа надежта дека тие три точки можат да се претворат во првите зборови од новата приказна.
            Пред да излезе се заколна дека ќе го стори тоа, мораше. Ги наполни градите со храброст и го даде првиот чекор. Но веќе кога влегуваше внатре нозете ѝ се тресеа, срцето ѝ беше исплашено, воздухот почна да ја загушува. Сепак беше многу одамна, се обесхрабруваше, но тој ме сакаше, се тешеше. Со погледот го бараше насекаде, но него го немаше, немаше ни трпение, со сѐ беше при крај. Отиде до шанкот да земе пијачка, тоа ќе ѝ помогнеше, барем така веруваше.
            -Еден џин тоник.
Ја зеде пијачката, се сврте и тогаш бум! Пред неа стоеше тој, се гледаа очи во очи. Колената ѝ затрепериа, рацете ѝ играа, мислеше дека нема да успее да каже ни збор. Го гледаше како да сонува, се разубавил, очите му се уште поведри, насмевката уште позаразна. Имаше желба да му се фрли во прегратки и да го бакне. Ах само колку копнееше по тој бакнеж. Тогаш иако стоеше на метар од неа  ѝ се чинеше како да е на другиот крај на планетата.
-Здраво! – ѝ подаде рака, секогаш беше љубезен.
-Здраво! – му врати таа.
-Запознајте се ова е Мими, Мими оваа е една стара пријателка.
Се сврте и дури тогаш ја забележа девојката покрај него, средена, убава, згодна. Ја измерка од глава до петти, сигурно му беше девојка. Се насмеа како да одвај чекала да ја запознае иако вриеше од љубомора. Но ова не мора да те обесхрабри, па денес не секоја врска значи љубов, се тешеше со последни сили.
-Јас одам по пијачки. – рече девојката и замина.
Неговите очи ја пратеа, додека ја гледаше сјаеше, на усните му лебдеше чудна насмевка. Ја гледаше како што некогаш ја гледаше и неа. Со топлина, со преданост. Очите го издаваа, од нив ечеше насмевка која може да ја има само вљубен човек.
-Добро, да одам јас, мило ми е што се видовме.

            Не го ни слушна што кажа, побрза да се изгуби од местото, си голтна и зборовите и солзите, се насмевна, ја крена главата и продолжи напред. Душата ја болеше за изгубената шанса, но знаеше таа е виновна. Мора да продолжи да живее со неизговорените зборови кои цел живот ќе ѝ тежат на душата, и празнината која вечно ќе остане непотполнета за да ја потсетува на кукавицата во неа, па дури и кога двете точки ќе се избришат и ќе остане само една.

Saturday, February 9, 2013

Прегласниот и Немиот


          Седнаа на клупата да одморат, го гледаа народот и го анализираат, детал по детал, секој на свој начин, секој со свои намери. Тоа не беа двајца пријатели, тие никогаш нема да можат да бидат блиски, вечни противници, уште од самата појава на човекот осудени на вкрстени мечови. Се разликуваа како денот и ноќта, а никогаш не се знаеше кој е што, едниот секогаш гласен, зборуваше многу, некогаш и премногу, но никогаш не лажеше, не се грижеше како тоа ќе го прифатат другите, тоа беше вистина и тој не се плаши да ја каже, додек другиот беше нем, и да сакаше не можеше да прозбори, вечно осуден на молк, но секогаш насмеан, и спремен да се поклони, да ви климне со главата секогаш кога ќе имате потреба од тоа.

            Денес седнаа на клупата и се обидуваа да го прочитаат народот, да му ги откријат мислите, да им ја кажат вистината, да им ја уочат грешката, да им се насмеат, да им климнат со главата. Зборуваа со сите што поминуваа покрај нив, едниот со вистината другиот со насмевката. Луѓето прашуваа, тие одговараа, секој на свој начин... народот слушаше. Откако ќе го слушнеа прегласниот лицата на луѓето се менуваа, стануваа посериозни, натажени, со загриженост во очите, почнуваат да се замислуваат за реалноста, но секогаш  тука беше немиот, не им кажуваше ниту збор, ќе им се насмееше, ќе им се поклонеше, ќе им покажеше дека животот е бајка, ќе ги прегрнеше, ќе им подареше розови очила и ќе ги пуштеше да си го продолжат патот.

            Покрај клупата помина еден старец, главата му беше наведната, погледот изгубен некаде далеку.
            -До кога вака луѓе мои? Ќе има ли крај оваа сурова реалност? – прошепоти старецот како за себе
            -Не верувам старче, сѐ зависи од луѓето, тие одамна тргнаа по погрешен пат, ги заклучија и домовите и срцата, си ставиа насмевки на лицето, си ја зацрнија душата, се заслепиjа од парите, ги извртие вредностите, се замразија со најблиските, повеќе гробови ископаа отколку столбови што изгрaдија, брат на брат ножот му го забива, парите се пред сѐ. Сѐ додека работите се такви, сѐ додека владее слепилото кај народот тешко дека работите ќе тргнат на подобро.
            Старецот уште повеќе ја наведна главата, и во очите можеше да му се види болка.
            Немиот стана, му ја исправи главата и му се насмевна, го прегрна, а потоа го сврте кон другите луѓето, сите беа насмеани, не беше важно дека тоа беа лажни насмевки, пуни лицемерие, им покажа на среќните млади, кои својата  студенска моќ си ја продаваа за малку пари, но сепак изгледаа среќно, му ja покажа целата нереалност која луѓето се трудат да ја покажат, му ги подаде розовите очила на старчето и го пушти да си продолжи по патот. Старчето си замина со насмевка на лицето.

            Утредената ја повторија истата постапка, седнаа на клупата и разговараа со луѓето. Прегласниот се повеќе беше мета на остри и осудувани погледни, но тоа нему не му сметаше бидејќи ја говореше вистината, а немиот се повеќе пречекуван со насмевки. Како времето минуваше никој повеќе не зборуваше со гласниот, не прашуваа, не го ниту погледнуваа, сите одеа кај немиот, кој им го нудеше онаа што сака да го чујат и си одеа секој ден со сѐ посилни розеви очила. Некогаш ќе се најдеше, некој залутан патник ќе разменеше некој збор со гласноговорникот, но тоа беа ретки денови.
            (Луѓето сакаат да веруваат во слатките зборови, тоа е она што ни се нуде и го земаме, слепи за реалноста во која живееме)

Tuesday, February 5, 2013

Драг мој #Ж

              Драг наш премиере #Ж откако Ви се извинија новинарите (и неколку твитер корисници) и Вашето срце се исполни, сега јас барам од Вас, како избраник на овој народ,  да ми се извините мене како граѓанин на државата со која Вие преседаватe. Сакам и моето срце да се исполни како Вашето вчера. Како прво јас лично го барам ова извинување и зборувам само во мое име. Верувам дека заслужувам да ми се извините за следниве работи.
     1.       Барам да ми се извините за тоа што сум граѓанин на Свети Николе.
     2.       Барам да ми се извините за тоа што во мојот град не донесовте ниту еден воин на коњ.
     3.       Барам да ми се извините за тоа што сум студент и што не можевте да ни дадете уште полоши услови.
     4.       Барам да ми се извините за сите спектакуларно уапсени а потоа молкум ослободени.
     5.       Барам да ми се извините што мојот тетин не е професор на факултетот каде што учам.
     6.       Барам да ми се извините за тоа што сакам на телевизија да гледам независни вести и луѓе кои зборуваат без иронија во гласот.
     7.       Барам да ми се извините за сите закони кои ги донесовте, а ги оставивте само да стојат запишани, но не и спроведени.
     8.       Барам да ми се извините за сите земени кредити.
     9.       Барам да ми се извините за тоа што се уште живеам во државата  и не сум имала шанса да си ја киднам.
     10.   Барам да ми се извините за намалениот наталитет во местото каде што живеам.
     11.   Барам да ми се извините за сите лекари школувани во странство и сите погрешни дијагнози.
     12.   Барам да ми се извините за сите овие милион можности за вработување кои ми се нудат а за кои не е потребна партиска книшка.
     13.   Барам да ми се извините затоа што можам сигурно да шетам и слободно да говорам без да бидам некаде запишан.
     14.   Барам да ми се извините што ги направивте сите 100 чекори само во различни правци секој од нив.
     15.   Барам да ми се извините за која пара која заврши во непозната насока.
     16.   Барам да ми се извините што ми овозможивте живот без нервози и да не мислам секоја ноќ утре дали ќе има што да се јади.
     17.   Барам да ми се извините што ми овозможивте да спијам мирно без да се плашам дека утре некој извршител ќе ми тропне на вратата.
     18.   Барам да ми се извините што ќе ми се извините

Friday, January 11, 2013

Бостанско плашило


                Таа ноќ беше како и сите останати, не се разликуваше по ништо. Јас и тројца другари добро напиени и неколку непознати девојки одевме кон колите. На дамиве до мене не им ги знаев имињата, тоа беше сосема непотребна информација, ги викав лепото, срце.. ем она среќна ем помалку замарање. А и името е најмалку важно, најважно беше да има добра штикла, прилепено фустанче и добра фризура. Лажам! Само добри цицки и газе се бараше, па што и ако се силкони, јас не дискриминирам! Ете такви беа девојките со нас, која од која поголема домаќинка, ама што е важно бе, имам јас кондоми и ќе клецам вечер. Барем така мислев.
            Одевме кон колите секој во свој филм и со свој муабет. Одеднаш пред нас се појави едно долгокосо момче.. не не.. грешка.. девојче? Кој знае какво човечко суштество беше тоа. Носеше широки тренерки и одеше брзо како некој да ја брка. Кога подобро ја погледнав се згрозив, тоа беше женско, ама и не беше. Никакво женско бе! Ни средена, ни нашминкана, ебате женската ебате. Кога ќе ја видиш не само шо нема да ти се дигне, туку и цела недела паднат ќе ти биде. Се знае што е женско, еве ко безимените до нас, овоа беше некој изрод, нешо ко Бокица, но обратно. Ми се одјеба да ти кажам право кога ја видов, ја замразив да ти ибам тоа изродо.

           Одеше право кон нас, како да не не гледаше, којзнае колку беше надрогирана. Од целата толпа се тресна баш у мене кога не поминуваше. Ми зовре еј, а и на кој не би му.
            -Еј! –викнав,а она нишо. –Еј изроде! Глупачо!
            Сите ме гледаа и се смееа, и се смееа нејзе, сакаа да тераат мајтап, па ноќта беше млада зошто да не....
            Се сврте со тоа грозната фаца и тргна кон мене. У лице ми се наби, а јас оддалеку не можев да ја гледам а не пак од блиску. Ми доаѓаше да ја забиам у земја ако ти се верује. Ја мразев!
            -Шо кур сакаш бе па ти, да те ебам у мочкото! – се исперчи пред мене како да ќе се тепа. Глупача ! А како би и ја треснал една... Гарант беше некоја сељандура.
            Другариве прскаа од смее, а мене ми вриеше, сакав да ја затепам, да ја претепам.
            -Пази и со устата и со рацете пошо ќе те нокаутирам, нема никој да те познае после. Не ме терај да ти ја треснам една па да заборавиш како се викаш да ти ибам тоа шушумигата!
            -Ќе ми ја треснеш една. Еден педер како тебе ќе ми ја треснел една. Ај баш да видам.
            Ми плукна у лице. Глупачата ми плукна у лице. Гадотии. Овие околу мене полудеа од смеење , јас не можев да поверувам. Неможев да се контролирам повеќе, ми скакна на живац. Ја собрав тупаницата и со сета сила и ја акнав една.
            Падна! Изродот падна...А и што требаше да очекувам, женско беше немаше ваљда да стои и да ми се смее. Но остај што падна и не мрдаше. Пребледев! Ја убив да ја ебам? Од носот и течеше крв, а таа ни да мрдне. Готов бев, ги наполнив гаќите. Не беше можно да ја убив.... Се наведнав да видам дали е мртва, се доближував како избезумен, полека... Добро беше дишеше. Ми олесна. Жива е, но сега што? Не можев таму да ја оставам, ноќ е секаков народ има.. Се свртов да викам некој другар да ми помогне да ја качиме во кола, морав да ја однесам во болница, друго и немаше. Но позади мене немаше живо куче, а не другар. Да ве ебам во другарите да ве ебам. Смешно им беше до пред малку сеа си ја чурнале сосем коли и девојки. Кукавици! Ќе тропнете и вие кај мене има тогаш мераклиски да ви го ставам да знаете...
            Ја ставив во колата сам, морав да ја однесам во болница, не сакав никого на душа да носам. Бев преплашен, со кој ум удрив толку силно едно девојче... или што и да беше. Се уште ми беше грозна, но не сум до толку отиден.
            Почна да мрда, да се освестува. Кое олеснување само да знаете, како живото да ми зависеше од тоа, а можеби и ми зависеше. Кога ги отвори очите полуде, беше баш како животно, и грдо и бесно.
            -Кај ме возиш бе ти, симнувај ме одма! Застани бе глупаку!
            Беше ко полудена, од неа колата ми одеше на сите страни, ебати дивјако ебати. Јас како да сакав да биде у колата, само да се манам од неа. Ебати плашилото ебати.
            -Ќе застанам мори лудачо, јас па мислиш те сакам у кола. После тебе три дена нема да ја возам, на дезинфекција ќе ја пратам ебате грдотијата.
            -Кочи бре педер коа ти викам или ќе рипам.
            -Рипни шо чекаш фати утепај се, кој жали бостанско плашило. Кур ме боли мене дали ќе рипаш или не.
            Од кај ружна луѓе па и хистерична, ебати комбинацијата. Почна да ме удира да мавта со тоа рацете ко од лудница излезена, а и кој знае мож и да беше. Сакав пак да и бапнам една, уште ја мразев, сеа дури и повеќе, ама ај бапни и да те викам, пак ќе се посерам, мож после нема да се разбуди. Со тие нејзини грозни раце маваше по мене, еј на крај на нервен слом беше, овие алишта веќе никад нема да ги облечам, и три дена има под туш да киснам. Не можев повеќе да издржам, не можев да ја гледам, бев на работ пак да ја затепам. Застанав.
            -Ајде гитла. Иди у пичку матер. Мрш!
            -Море се по список да ти ебам у тоа клошаро! – ете така ме опцу коа излегуваше.

            Ма нека пцуе бе само нека ми се тргне од пред очи, не можам јас хорори да гледам у живо. Нежна душа јебига. Па јас најружниот што го знам не ни третина како оваа бе луѓе. Несоница ќе фатам. Лоша работа, лоша... Добро ја манаме и сеа што, каде? Да им ѕвонам на оние пичките... море ни еден нема да ми се јави, да ги ебам у тоа кукавиците. Лицемери ни едни. Море ќе им кажам дека сум бил полиција и сум ги спомнал, и јас сум имал другари...Клошари. Ќе свртам некое кругче додек да ми текне, а и што друго  да праам. А да, ќе свртиш, куро мој ќе свртиш. На седиштето стоеше новчаник, на онаа неспособната и паднал. И сеа што? Да го носам полиција! А ете ја уште се тртка пред мене. Ќе и го дадам и ќе завршам со неа засекогаш. Ќе најдам сила од некаде да и ја погледам уше еднаш таа грда фаца а да не повратам. Силен сум јас!
            -Грдотијо! Еј море плашило! Слушаш ли мори!
            -Шо кур сакаш бе па сеа. Ај оди еби се!
            -Тебе те сакам да ти се плукнам у тоа ружната фаца. – ја мразев, озбилно ја мразев како да ми е најголем непријател. –Си го забравила новчаникот  у кола, ми ја грози колата.
            -Фала. – рече тивко и го зеде новчаникот.
            Чудно, кажа реченица а не ме попцуе. Беше тажна, а и имаше причина зошто да биде, јас да сум на нејзино место од дома немаше да излезам.
            -Ооо вљубени! – се слушна глас.
            Двајца набилдани одеа кон нас, море не одеа туку веќе беа до нас. Рацете им беа раширени, очите разгневени бараа невољи. Со гробарот до мене само се погледнавме, а поарно ќе беше да не се, ауу уште сакав да и ја бапнам една.
            -Интересно сако. –рече едниот.

            И додека го кажуваше тоа боксови и клоци почнаа да летаат на сите страни. Почнаа да ме шамараат како дете, удираа со сета сила. И двајцата со тоа џиновските им раце, да им се плукнам у рацете. Едниот се тргна, онаа грдотија му скокна. Не ми се веруваше дека рипна да ме брани. И додека едниот ја држеше нејзе, овој другиот ме патоса. Салата ме направи, ме удираше кај што ќе му текне... со сета сила. Почнав и да не осеќам, да ми станува темно, да се губам... тогаш знаев само едно ја наебав за сите пари.
            -Добро си! –и го познав гласот на грдотија
            -Не сум, се ме боли.
            -Па и ќе те боли, те напраи салата.
            Се ме болеше, секое делче, секоја коска. Мамето ми го ебаа овие, да ги ебам у тоа билдерите, ете зашто мразам билдери бе. Не можев да се помрднам, ама озбилно. Изгледа имав нешто гадно сјебано. Некое ребро отишло нека си ебе мајката. Одвај гледав, се ми беше матно, за тоа дека и крв имаше да не зборувам. Ебати вечерта ебати. Оваа грдава се моткаше околу мене, викаше, жалеше, беше преплашена, како и јас коа она лежеше на земјата, ама тогаш јас ја легнав (ама грозно звучи), а сеа таа ме бранеше да не ме легнат. Не се сеќавам потоа баш многу убаво, знаев дека успеа некако со своите две женски раце да ме пикне во кола и да ме однесе во болница. Таа, сама, без ничија помош. Јас да бев ќе ја оставев, заслужив така, нека ја претепат, нека ја убијат, а таа не, таа ме однесе во болница. И среќа што го сретнав тоа бостанско плашило таа ноќ, да беше тоа некој мој другар ќе лежев таму на тротоарот, а можеби и немаше да преживеам. Бостанско плашило... ах глупак еден... за тебе е најубава. Најубава!