Sunday, November 29, 2015

Стриптиз!

     Те гледам од далечина, знам дека не те познавам, но твоите натажени очи мамат. Не ме оставаат на мира, го всадија во мене копнежот да те соблечам и не отстапуваат. Посакувам полека да ги срушам сите ѕидови кои те обиколуваат, да ги слечам сите пречки и сомнежи. Додека во позадина оди тивка музика, да им шепотам на соништата и да ги намамам тие натоварени зборови. Не ја сакам твојата голотија испружена пред моиве раце, ниту тукутака да го допирам твоето тело. Светот во твое руво сакам да го видам, со зборови да поминам низ патеките со траги од твоите стапки. Дозволи ми да ја откријам тагата која ја кријат твоите очи и да го запалам тоа жарче надеж во нив што не се откажува од тебе. Дозволи ми додека твојот поглед ќе ја бара светлината на кожата ми да ти ја изиграм мојата точка. Ќе ја откопчам душата, со раце полни верба ќе ги распетлувам копчињата. Ќе се движам по ритамот на спомените и ќе ја слушам мелодијата на страста. Ќе успееш ли да ги забележиш очиве со кои јас гледам на светот, не оние кои светот околу ги гледа? Шминката полека ќе се симне од мојот лик, на светлината ќе блеснат и патеките на моите солзи. Лузните кои ги оставила нивната врелина, не може секој да ги види, нивниот крај секогаш е покрај мојата насмевка, таа умешно намамува. Желбата ќе ми ги развлече усните и ќе го открие столбот на мојата сила. Се што ќе ти покажам ќе биде вистина, и солзите, и насмевките. Каишот околу душата што толку стегнат го носам ќе го олабавам, ќе дозволам се што има на мене да падне и грутката во вратот ќе ја снема. Со рацете ќе ги погалам надежите и со сета нежност во мене ќе поминам по раните без да ме заболат. На крај ќе ги слечам од кожата сите претходни сеќавања и повторно ќе блесне со сјајот на вербата. Копнежот срамежливо ќе ѕирка од краевите додека желбите ќе пукаат по шавовите. Ќе стојам пред тебе како од мајка родена, подготвена за нови патишта. Не! Нема да те врзам со синџири околу твојот врат и мојата душа. Нема да ти ги украдам алиштата за утредента да се вратиш по нив. Ќе дишам за убавината, ќе постојам за сегашноста, така ме створил животот, насмеана. И потоа ќе ги слечам и алиштата кога душите ќе решат да се прегрнат.