Friday, November 29, 2013

Доволно е да биде човек

Што сакам? Не сакам многу, малку барам, но тешко се наоѓа и тоа малку, а тие што го имаат најчесто го кријат. Не сакам да биде ниту црн, ниту плав, ниту висок, ниту слаб, всушност поим немам каков сакам да биде. Доволно е да биде човек, помалку луд, несмасен и со убава насмевка. Сакам коа ќе застане пред мене да не можам да го тргнам погледот од него и да не се преправам дека не го гледам него и дека сум ладна ко мраз.Не сакам ни тој да дојде и да ми даде комплимент, не сакам ни за името да ме праша, ете така нека тресне нешто, било што. И јас да се замуабетам а да не знам што зборувам и веќе на следната песна да го бакнувам. И да вријам од желба да му ја искинам кошулата, и да не му велам не, не давам на првиот состанок. И да ме однесе некаде каде што сум мислила дека нема да завршам, и наместо да се буткаме на вратата како да не сме допрени со години, да се напиеме кафе. И да муабетиме а и двајцата да не знаеме за што, да зборуваме тивко, јас да ти климам со главата, а ти да глумиш дека ме слушаш. И кога ќе си ги изпразниме душите како демек сме имале некој товар, да го направиме она за што дојдовме и дури после да ме прашаш како ми беше името, и да ми го запишеш бројот и да ме оставиш да се отспијам и да заминам знаејќи дека ќе се вратам. 

Thursday, November 14, 2013

Бидејќи...

Не му беше ни малку лесно иако така изгледаше. Секогаш среден и насмеан, со неа под рака. Луѓето им се восхитуваа, некои им завидуваа, но никој не знаеше дека под тоа насмеано лице се крие празнина. Ја држеше за рака за да не оди со празни раце, ја прегрнуваше за да не мисли на тоа колку е сам, ја бакнуваше од очај, ја галеше од потреба. Повеќе уживаше во идеалната слика шо сакаше да ја претстави пред светот отколку во вистинката страст шо требаше да се најде таму а ја немаше. И се повеќе силно и ја претискаше раката бидејќи така се чувствуваше посилен, но е и посреќен, со неа имаше задоволство, но не и љубов. А се што тој бараше беше кога ќе ја здогледа таа вистинската, срцето да му се насмее, и раката сама кон неа да појде
Да ја приближи до градите силно бидејќи таму припаѓа, и да заспие со спокој на душата, и ниту еднаш да не помисли на останатиот свет. А имаше една таква, што му го нишаше светот. Баш онака како што ја замислуваше, и се трудеше да ја има околу себе, ја бараше со погледот, ја повикуваше со срцето онаа по која копнееше. И додека гореше по неа, се уште за рака ја држеше онаа која му ја исполнуваше сликата наместо срцето и не ја испушташе ни за миг. Бидејќи светот не прашуваше за чувствата, бидејќи градот така велеше, бидејќи општеството така процени...

Saturday, November 2, 2013

Глас

          Веќе знаев и  воопшто не ми беше тешко да чекорам онака како што денот милува, во убавите мигови да се насмеам во лошите да се утешам и пак да продолжам. И така секој ден, веќе навикната, одев по патеките молчејќи, знаејќи дека таму освен трњето и гласот остава лузни. Се плашев од мојот глас, неговата јачина ме растреперуваше и ете научив да голтам кога е најсилен. Научив да го игнорирам кога ме гребе одвнатре ко дива мачка која сакаш во раци да ја задржиш, понекогаш дури успевав и да го замолчам, бидејќи знаев дека само болка може да ми донесе и солза да ми подари. Научив да живеам со него како без него и признавам убаво ми беше. Денот убав, животот тивок, течеше така ко мал поток низ музиката на тивките птици. Брдата и планините беа страшни, течев и таму порано и затоа сега раните болат и при секое каменче тука. Но барем мирно е... Тивко е.... Се живее...

            Одеднаш чашата се прелеа, и животот згазна на гордоста, се обиде да го покори достоинството, да ја уништи мислата. И мирниот поток наиде на брза рака која води до нови клисури. А гласот, тој како никогаш претходно да не бил присутен и од мачка се претвоти во лав кој ми ги раскинуваше градите и не постоеше можност да се зачува мирен. Сам се искачуваше низ грлото, да излезе на светлината на животот. Не беше возможно да го игнорираш, да го запреш, да го проголташ. Врескаше и сите слушаа и повеќе ништо не беше мирно, и повеќе не можев да чекорам онака како што денот милува, гласот ми ги движеше и телото и духот. Јасно беше дека сѐ што научив беше погрешно. Никогаш ништо не беше мирно, и никогаш не беше за молчење. Ова што сега вришти во мене, тоа сум јас. Јас сум она каменче во потокот што ми ја лути раната. Јас сум мојот глас!

Thursday, October 24, 2013

Вие немате поим

Вие немате поим како ми е мене, немате поим што јас кријам во овие две раце, што се минало пред овие очи. Не знаете како сум чекорела низ животот, и како сум се стекнала со лузните кои ме оцртуваат. Оваа насмевка што ја гледате можеби и не е толку лажна, не сум научила да се смеам за да ги лажам луѓето дека сум среќна. Можеби потребата од насмеано лице ме направила таква каква што сум.  А што е важно што луѓето мислат, ако не е важно зошто посветуваме внимание на нивното мислење? Раните кои ги носам со себе не ги покажувам секому, не ги спомнувам, не сакам ниту да ги погледам, не од страв да бидам исмеана, не бидејќи не сакам некој да се сити на нив, не ме интересира за другите, за нивната жед глад  и ситост, туку можеби се лажам себе си дека ги нема, заздравиле, поминале, и ним им дошол крајот. Се учам да одам со нив како без нив, и не се ниту толку важни ако сакам да продолжам да чекорам. Едноставно како роза, го кинеш само цветот го оставаш трнот во прстот и продолжуваш. Не знаете како е кога не веруваш повеќе на никого, а имаш потреба да ја потпреш главата на нечие рамо и да се испразниш.  Внимавам на секој збор и никогаш не е исправен и точен, и можеби не е до нив, до мене е, можеби и не знам да ризикувам, можеби и се плашам. Вие немате поим како ми е додека го гледам народот околу мене толку сличен и различен,  исплашен да ризикува за да верува и да признае а уште посилен за да погреши и да се гордее ограничен во свет со центар во неговиот ум наместо срце. Не, вие не знаете, вие немате поим како ми е мене исто како што јас немам поим како ви е вам.

Thursday, October 10, 2013

Непланирано

     Што беше ова? Земјотрес? Што се случи одеднаш? Како се се измени баш кога верував дека добро ги наместив коцките? Каде ми замина спокојот.... Тоа беа само дел од прашањата што му поминуваа низ главата секоја ноќ пред спиење. Се сеќаваше дека има мирен живот , се помири со судбината, ја прифати реалноста и реши да живее така и одеднаш бум. Се појави таа, од нигде никаде... Не знаеше ништо за неа, освен името и неколку разменети зборови, но од очите можеше да прочита дека не беше секојдневна девојка. Имаше нешто што ја одделуваше , не беше тоа нејзината убавина, ниту внимателно избраните зборови туку нешто сосема поинакво. Нешто  зрачеше од неа и те го привлекуваше , те го одбиваше. Таа не се вклопуваше со сликата за девојките што ја имаше и со која се помири, а беше сигурен дека секоја припаѓа таму на овој или оној начин. И таа не беше поинаква , па ќе ја ставаше во тој кош, но пак ќе ја извадеше. Никако не можеше да се одлучи. Бараше објаснувања, правеше слики, но таа никаде не се вклопуваше. Само што ќе ја пикнеше во еден куп таа ќе го изненадеше и ќе му докажеше дека греши и не е како тие, туку една и единствена, и штом ќе помислеше дека е поинкава , посебна,, магична и реална таа ќе го клекнеше на колена и ќе го потсетеше дека е човек. И колку повеќе се трудеше да разбере, толку повеќе се губеше во нејзините постапки, зборови, погледи. И се повеќе сфаќаше дека нема објаснување и дека не знае иако му беше тешко да си го признае тоа. Таа беше енига која сакаше да ја одгатне, имаше желба да открие каков оган гореше во неа, оној што ќе го изгори или пак ќе го стопли

Thursday, August 22, 2013

На крајот од денот

Ни самата не знаеше дали го сакаше и што точно се случуваше со неа кога тој ќе се појавеше. Немаше никакви пеперутки во стомакот за кои сите зборуваат но чувствуваше како целосно да се променува штом ќе го здогледа. Не можеше да ја симне таа насмевка кога ќе го погледнеше и одеднаш се имаше поинаква форма. Покрај него се чувствуваше смирено, можеше со него да седи со саати без да изусти ни збор и на ум да не и падне ни едно поубаво место од тоа. Неговата појава ја опушташе целосно, покрај него немаше грижи немаше големи караници, се одеше мирно и полека. И секогаш на крајот на денот помислуваше на него, сакаше да го види, да се насмее, и да заборави на целата напнатост. Тој на неа делуваше како кафето во сонливото утро, како добриот филм кој откако ќе те смири ќе те заспие. Тој за неа беше бегање од реалноста, место каде што може да си ја одмори душата, да подзастане да земе здив и да продоложи со насмевка. Таа не се потпираше на него, не беше столбот на кој се наслонуваше и без кој ќе се најдеше на подот изгубена во непознатото, но уживаше во секој миг поминат со него. Тој не беше светилината во неа но и носеше свежина, не беше розата но го носеше нејзиниот мирис со него. И денот беше убав, и сонцето ја топлеше и животот течеше напред, а тој беше покрај неа

И сега денот е убав, сонцето и денес ја топли, и пак се смее но него го нема, ја нема хармонијата и опуштеноста. И нема повеќе бегање во друг свет каде што може да го пронајде мирот на душата, пред неа само патот е испречен без кафето во сонливтот утро. И не знае дали го сакаше и дали го сака, но и недостигаше смиреноста која и ја вдахнуваше во животот. Празнината која ја остави со неговото заминување ништо не може да потполни. Иако не знаеше што беше тој во нејзиниот живот на крајот на денот секогаш се потсетуваше на него бидејќи ниту едно зајдисонце не беше толку празно.

Tuesday, June 25, 2013

Робови на гордоста

                Луѓето велат лесно е, затвори ги очите, почувствувај ја болката и кога најмногу ќе те заболи ослободи ја, тогаш и тој ќе замине со неа. И ете се обидувам како некое мало дете, но никогаш не боли толку многу за да одлета. И се е поради проголтаните зборови, заменетите солзи со насмевки, глумењето студенило кога срцата гореа, но кој можеше да ни каже. И како ќе знаевме кога не бевме способни да се скараме како што сите се караа. А толку пати имав потреба да се развикам, понекогаш да ти кажам „Еби се“ а понекогаш „Те сакам“.И многу пати сакав да те гушнам наместо да избегам, но ете последниот пат избегав без да се свртам. А сега сакам да ти влепам шлаканица бидејќи не ми кажа дека она што светот ме научи во животот е погрешно во љубовта. И секогаш кога ќе поминам покрај тебе ќе чекорам со гордо крената глава и душа која клечи,но нема да ти кажам бидејќи ти никогаш не ми кажа. Двајца робови на гордоста никогаш нема да можат да се изборат за љубовт