Sunday, October 21, 2012

Ако ме сакате...



            Оставете ме сама да чекорам, вашите раце нема вечно да ја држат мојата. Подобро да паднам додека грижливо ме гледате од страна и ми подавате рака, отколку да паднам и да останам на земја. Сакам да ги раширам крилјата и да полетам. Оставете ме да ја почувствувам моќта, да се вивнам високо и да го освојам светот па макар и за миг. Сакам да треснам на земја, да ги раскрварам  нозете и да го голтам правот околу мене. Поставете ми препреки на патот и не тргајте ги веќе постоечките. Наведнете  ми ја главата за да научам како да ја држам исправена. Удрете ми шлаканица кога ќе заслужам, па дури и кога нема, не жалете го мојот образ.

 Вашиот пиштол секогаш нека биде вперен кон мене, немојте да ми дозволите мирно да спијам. Излажете ме дека Дедо Мраз постои за да можам и јас да излажам некого. Не извинувајте ми се секогаш кога ќе погрешите, всушност не извинувајте ми се воопшто. Секогаш кога ќе подадам некому рака исечете ми прст. Затворете ми ги ушите кога некој ќе раскажува бајки, не дозволувајте ми да гледам филмови со среќни краишта. Зборот верба избришете го од мојот речник. Добрите луѓе држете ги подалеку од мене, можеби се заразни. Научете ме да се плашам од доброто, да бегам од светлината и спокојно да живеам во мракот. Научете ме на сè што не сакате да знам и на сè што не сакате да ми се случи и тогаш ќе знам дека навистина ме сакате и се грижите за мене, но не барајте го истото од мене бидејќи нема да го знам начинот ниту ќе ви верувам вам.