Tuesday, October 9, 2012

Тагата за југот




            Тагата за југот уште не сум ја почувствувала. Топлите денови, „добрите“ луѓе се таму далеку од мене, овде сè е студено, ветришта, дождови, студени погледи и камени срца. А јас? Јас сум иста како порано а не треба да сум. Овде „не“ е како таму, овде сè наликува на една голема темна шума во зима без ниту една скривница, а јас сум сама против сите нејзини дрва. Не знам дали можам, но ќе се обидам, верувам дека сум силна, посилна од ветрот кој сака да ме бутне на земја. Проклет да е оној кој рекол дека лагата е лоша, проклета да сум јас што сум му поверувала. 

Првата битка во оваа глутница на волци во јагнешки кожи ја добив, но чувствувам дека војната уште не е готова, следуваат уште многу. Првиот волк кој се обиде да нападне сè уште ме гледа со лиги на устата и оган во очите, сака да нападне повторно, но не може, нема повеќе сила, му остана само желбата. Нему желбата мене насмевката. Признавам, се плашам малку, можеби малку повеќе од наредната битка, се плашам и од претходната, но стравот е дел од играта. Сепак се смеам, секогаш со насмевка на лицето упатена кон овој студен народ. Постудено од времето овде е народот, не овој овде, туку оние нашиве, придојдениците. А јас и понатаму барам Сонце и насмеано искрено лице, а тагата за југот уште не ме фаќа.