Sunday, December 14, 2014

Молчи



                Напорен ден, многу работи недовршени, а толку малку време, не се трпи многу, не може веќе и да се трпи. Кога ќе се прелие лончето веќе не ти е гајле дали ќе претече. Уморна оставив сѐ и прилегнав, топлината од огнот се трудеше да ми го стопли студенилото во душата.
                -Сега кога најде малку време за себе реши да спиеш? – ми се јави некој глас чиј сопственик не го гледав.
                -Ајде станувај, оди земи малку воздух, разбистри го умот, отвори очи.
                Ко водена од дух ја облеков јакната и испаднав, и го видов она шо го очекував. Студени луѓе, намрштени приказни, заби кои гризат, очи кои колнат. Се разминував покрај луѓе кои ме заледуваа, и покрај што се сметав себе си веќе за доволно ладна. Околу само затворени прозорци, спуштени ролетни, пусти обиди за криење на болката, затемнување на просториите за да не се види темнината во куќата.  И одеднаш заборавен прозорец кој бесрамно го одсликуваше животот на семејството и не се каеше воопшто што им ги одава тајните играјќи си со нивата заборавеност. Подзастанав и се загледав, чие ли е тоа семејство? Малото дете со созли во очите зборуваше на татко му вртејќи се околу неговите нози, кој пак како хипнотизиран гледаше во она што се нарекуваше телевизија. И во очите на жената можеше да се виде несреќа која без живост средуваше околку газдата во куќа. Интересна слика, уште поинтересен разговор.
                -Тато, тато! Ми требаат пари, за училиште тато, те молам, дај ми.
                -Молчи бе! Молчи! Ти кажав дека немам, од кај да ти ги најдам.
                -Ама учителката рече..
                -Чим толку многу знае учителката нека ти даде она пари.
                -Ама тато. – детето почна да плаче.
            -Молчи реков! Молчи! Што плачеш без причина? Сакаш да ти ја удрам една да не плачеш за џабе.
                -Престани да му се дереш на детето, што е тоа криво што ти си пропалица.
              -Молчи и ти! Пази пред детево како се однесуваш. Ајде мали оди во твојата соба да учиш.Одма!
                Обидувајќи се да ги сопре солзите, детето се упати кон собата, и на излегување ја погледа мајка си со молба во очите, да го спаси некако. Ја затвори вратата и тогаш мислејќи дека никој веќе не го слуша го пушти гласот за да си ја олесни душата.
                -Што ти е тебе ма! – и мажот го пушти гласот. –Што ти е проблемот?
               -Што ми е проблемот? На детево не можеш да му обезбедиш пристоен живот, а сакаш друго.
                -Сакам и што! Ќе биде подобро, така кажуват на телевизја, ќе има и за тоа дете.
                -Кога? Со години слушам дека ќе биде подобро, кога? Не можам ниту да абортирам.
                -Тоа да не си го ни го помислила! Слушна!
    -Не! Си размислував ли ти што ќе му дадеш на тоа дете да јаде ако го родам? Што? За ова немаш а не пак за друго.
    -Ќе најдам! Ќе даде државата, ете гледаш дека дава на сите, зарем не слушаш вести?
    -Јас знам што гледам во фрижидерот , тоа ми е доволно. Јас закажав, да знаеш!
   -Што!? Што си закажала ти ма? Нормална ли си? – мажот стана и се упати кон жената.
     -Само ако направиш нешто ќе те убијам да знаеш.
    -Убиј ме тогаш! Јас утре одам и ќе ги поминам сите глупости што треба да ги минам ама ќе абортирам, после може да биде и доцна.
     -Молчи! – во немоќ ја подигна раката и ја удри жената толку силно што таа падна. -Има да родиш јасно! Ако тие велат дека така треба да биде, така треба да биде! Јас знам што правам, ќе помогнат тие, не џабе трчкам само ваму таму! Не е толку лош, зарем не слушаш. Збор да не чујам од тебе повеќе, ни збор!
    Од жената повеќе не се слушна ниту збор, но во очите ѝ се гледаше дека имаше донесено цврста одлука, илјада удари не можеа да ја спречат. Таа неуморно одеше по улиците секој ден барајќи работа, пред нејзинот нос ги затвараа вратите, гледаше како надежта сѐ повеќе умира, знаеше дека не ја чека подобро утро, имаше јасна претстава за тоа каде е. Немаше збор што ќе ја премисли. Нејзиното срце се кршеше коа го гледаше своето дете како се бори со сиромаштијата, две деца да се борат со иста сиромаштија тоа ќе беше премногу.
                -Те чека уште работа, ајде. – пак го слушнав гласот што немаше сопственик.

     Се свртев и ги отворив очите. Пак бев во својата соба, а сонот не можеше да ми излезе од мисли. Може да биде сеедно кога ќе се прелие чашата? Може ли да се легне да се одмори? И чие ли беше тоа семјество што го сонував? Наше можеби.