Friday, August 21, 2015

Сега јас сум тука





           Ме гледаш со очи полни надеж. Да сториле хаос од страсти и воздишки, си велиме и двајцата во мислите. Желбата ни е поделена, ни треба оваа верба дека може да се изгради свет со темели од емоции. Силно веруваме, но не се лажеме. Никој не сака да се даде целосно, никој не сака да го пружи срцето на дланка и да си ги фрли очите на патот. Па и да го сториш тоа нема да го земам. Што ќе ми е? Си имам јас едно во градиве, нема да знам што да му правам, а баш фино изгледа таму кај тебе. Не сум дојдена да ти грабам од телото, но може да те изгребам. Сакам да седиме и да молчиме со часови, секој со својата мисла. И таа пукнатина низ која исплашено ѕирка надежта, сум ја забележала, ама нема да прашам за неа. Штом не знам, значи не треба да знам. И двајцата сме луѓе од резерва, не е до нас, до времето е. Убаво е што пак се смееме, што се обидуваме, убаво е што ја гледаме раната и шепотиме, ќе помине, ќе пече и ќе се умори. Чудаци сме и тоа е добро, искрени сме, така сме научени, од родителте, од животот. Ти сакаш да даваш, ја сакам да земам колку што ми е потребно, ти сакаш да се препуштиш, јас сакам да потонам. Тоа се тие различности што нѐ спојуваат. Копнееме еден на друг да си ја дадеме првата наивна љубов, онаа испишана по илјадници страници, онаа која  секој ден му дава желба за живот на поетот. Но, признаваме дека не можеме, сме ја потрошиле таа, еден примерок ни даваат кога се раѓаме, а ние веруваме дека е пробна верзија. Слатка заблуда. И без да прашам знам дека таму имала некоја, која те опсипувала со љубов, онаа што веќе сум ја потрошила, некоја со која сте сонувала дека и денес таа ќе е овде, а не јас. Можеби и поубаво ќе било така, таа сега да те држи за рака, можеби повеќе ќе те сака од мене, можеби нема да се разфрла со резерви. Сигурно и те сакала повеќе, те чувала ко светот да ѝ зависел од тебе. Ти го зела срцето кога си ѝ подадел, сте си ги замениле. Ама секое срце има само едно тело. И нејзе ја нема повеќе покрај тебе, заминала. Сега јас сум тука. Понекогаш преголемата љубов може да биде загушна, може да искулминира и одеднаш да се тресне од земја. Може да ти го сврти умот и ти
да престанеш да се  љубиш самиот, да ти ги затвори очите и со кофа вода потоа да те разбуди. И тоа е во ред, тоа е вистината што ретко сакаме да ја прифатиме. Сѐ додека се прифаќаме такви здробени од животот, можеме да молчиме заедно и да уживаме. Сите ние имаме некој кој не сакал повеќе, сум имала и јас, но поголема љубов не значи и поголема среќа. Во ред е тоа. Насмевни се!