Sunday, August 9, 2015

Нека им биде

           
      И ти можеби премногу бараш, намали ги критериумите, всушност избриши ги, што ти донесоа тие освен осаменоста. Еве сите околу тебе истото  го тврдат, сестра ти, мајка ти, тетката, соседката. „До тебе е, прибирлива си. Ајде освести се малку, не си повеќе дете да веруваш во бајки, во идеални мажи и љубови. Па што ако немате исти верување, што ако не барате исти работи од животот, барем ќе имате исто дете, тоа нема ли да е доволно? Животот секојдневно ве носи по различни патишта, но сепак завршувате на ист кревет, тоа е најважно. Визиите за утрото ви се неспоиви, погледите спротиставени, но иднината ќе ви биде заедничка.“ А среќна ќе бидам ли тогаш? Никој не сака ниту да ме праша. Или барем да ми каже како се живее со човек кој кога ќе погледне во тебе гледа лага, сопствена замисла на своите очекувања. Како може да се биде среќен со човек што не можеш да го споделиш сонот, со човек што не можеш да легнеш на иста перница, да се скараш и да се простиш со страст, да затрепериш ако за миг го потргне погледот од заедничката иднина? Ти треба ли човек со кој меѓусебно ќе се држите за рака обидувајќи се да ги дофатите соништата, на чие рамо ќе можеш да се наклониш и кој ќе те разбере штом ќе му истуриш од очите кутија со чувства? Ама тоа се неважни прашања, за уште поневажни одговори. Кого го интересираат? Важно е само едно, да не си сам, макар и со погрешен, ама никако сам, така вели општеството, така вели и попот, мора да се поклониме, не мора да се радуваме. Можеш ли да бидеш среќен според нечии критериуми, да се радуваш на нешто што не те исполнува, да се смееш бидејќи мораш? Сите знаат како треба, никој не ја бара повеќе среќата, како да е најдена формулата за неа, стои на сред соба, а околу само тажни лица. Никој не се обидува да посегне по неа, само кукавици кои се красат со крилја на орел, немајќи храброст да си ја видат тагата во огледало. Возможно ли е да навлезеш во веќе создаден свет и да го наречеш свој? Можеш ли да живееш во харем на среќа изграден од туѓ агол? Важно ли е да се осознаеш вистински за да тргнаеш по среќата? Постои ли среќа без осознавање? И што ако се осознаеш после направената грешка, ќе се покаеш ли, ќе си признаеш ли или ќе се трупаш со лаги секое утро? Кој мене може да ми го изгради патот? Има ли некој право да ми ја диктира среќата? Ах тие небитни одговори. Среќата не се дава, за среќата се бори, туку каде време и средства за војна во овие веќе изградени норми по туѓ крој. Ама ајде нека им биде!