Wednesday, May 24, 2017

Празникот на работниците

Сите се радуваат на неработен ден, тоа значи ден поминат со фамилијата, со најблиските, да го поминеш денот во слобода на она што ти сакаш да го правиш. Тоа се денови кога се потсетуваме колку е убав животот и најчесто се оние кои остануваат во сеќавање. За сите, освен за текстилните работнички. Велат државен празник е ден кога си дома со фамилијата, но не и за нив. Нивните аларми се вклучија и ова утро, го испија утринското кафе и појдоа на работа. Влегоа во погоните полни прашни, стари машини и тежок воздух, без да почувствуваат ни најмал дел од празнична атмносфера. И денес имаат норми за постигнување, норми кои се недостижни, но кои служат како изговор за малите плати и подлога за навредите кои секојдневно ги добиваат. И кога вие ќе се разбудите тие веќе го работат третиот час, со наведнати глави, болки во грбот, замолчени усти и оштетени очи. Додека вие појадувате со своите најблиски, тие ги ставаат своите оброци на машините, во тие неисчистени погони и ги голтаат залаците за да постигнат за тоа време да отидат и во тоалет, и да успеат да се вратат пред да бидат навредени и омаловажени. Почнуваат и да ги бројат минутите до часот за заминување дома, таму каде што никој не им ги брои секундите кога се во тоалет и никого не мора да прашаат дали можат да ги извршат своите физиолошки потреби, таму каде што од никого не трпат мобинг. Гледајќи во часовниците се надеваат дека ова нема пак да биде еден од оние денови каде ќе мораат да останаат уште по некој час, без да ми биде платено за тоа, бидејќи сепак е празник, па дури и за нив, зарем не? И кога веќе ќе се вратат во домовите, со преморени и празни очи не успеваат да видат ништо од тој празничен дух, од тие шеги за писменоста, од таа радост на слободата. Но и тие нема да го заборават овој ден, овие денови се нивно секојдневие, и ќе им остане само во сеќавање, бидејќи никој и никаде нема да запише дека тие работеле, за да не се ни потруди да им плати за нивната работа. Писмени или не, на крајот од денот на нив не им е ни малку битно, бидејќи колку точно и да ги напишат пријавите до Трудовиот инспекторат, тој заборава да прочита.