Friday, March 16, 2018

Ох, Македонијо!

      Ги слушаш ли мила моја сите лелекања за тебе, тие пролеани солзи? Замолчи ги сите лицемерни викови, избегај им на сите прегратки со ножеви во рацете, сакаат да те дотолчат вака намачена. Само запрашај се, те слуша ли некој мила? Каде беа додека ти го соблекуваа рувото, почнувајќи од ракавицата, па сега кукаат поради долниот веш, каде беа кога те продаваа како ефтина парче месо по скапи хотели. Те соголија низ приказните за љубов, образот пепел ти го сторија, погледот во подот ти го заковаа, па и шамивчето со кое си ги бришеше солзите ти го продадоа. 
    Погледни, крвариш и никој не ти става мелем на раната, не се ни свртуваат да те видат. Никој мила моја. Сама си во рацете на гладни ѕверови од сите родови и бои. Те грабаат за да го изголдаат и последното месо од твоите голи коски. Ти ветуваат слобода, а те пикаат во беда. Ох, моја Македонијо! Твоите полиња се празни, детската врева заоѓа, слепи ли се? Не им се гледа, не им се слуша, нивните сетила ги обвива блескот од соништата. Ох, мила, ти одвај дишиш и се одржуваш во живот, се бориш како лавица, но ти снемува снага, од порите ти испарува иднината. Те погребуваат, но не те боли повеќе, се навикна на мртва трка, младоста што ти бега од рацете те носи на рабовите на смртта. Знам, оние кои ти беа надеж, од куферите те извадија додека ги полнеа со соништа и не можеш да ги обвиниш. Фрлена на подот, смачкана, непоправлива. 
    Тешко е! Издржи, друго и не ти останува мила. Ако ти е за утеха, не си ти виновна!