Thursday, December 6, 2012

ТОЈ


Пред мене застана тој. Одеднаш се појави како да никна од земја. Го игнорирав неговото постоење, но повеќе не можам. Сепак тој е тој, каде и да бегам, да пробам да се скријам тој пак ќе биде тој. Што правиш? Беше прашањето кое го поставуваше неговиот поглед. Беше бесен на мене и имаше право на тоа. Ја гледав неговата рака, мирно стоеше покрај неговото тело, помислив ќе ми удри шлаканица, заслужував, сакав да ми удри шлаканица. Но заборавив дека тој не беше таков, не можеше мене да ме удри, тоа сепак бев јас. Сè што можев да добијам од него беше прегратка, неговото рамо секогаш ќе биде слободно за мојата глава. Илјада пати се прашав дали го заслужувам тоа, најверојатно не. Можеби вресокот на неговото срце има право, можеби навистина сум луда, и слепа, и глупава. Не можам да се препознаам, не може ниту тој да ме препознае. Сака да ме освести, а сакам и јас. Зарем си ја заборави вредноста? Зарем не си свесна дека се задоволуваш со трошки? Ечеа прашањата од неговите очи. Молчам, се засрамив од самата себе. Немам право на збор, немам храброст устата да ја отворам, немам збор!

 Во бездна сум! Растргната помеѓу него, нешто искрено, силно и ветерот и маглата. Можеби и сум маѓепсана, којзнае, јас не се разбирам во тие работи, но подобро звучи отколку да си признаам дека сум глупава. Ништо не може да се спореди со него, тој е секогаш секаде, подготвен да подаде рака, да ме заштити. А што правам јас по ѓаволите? Каде сум тргнала? Која сум јас да згазнам на целата таа искреност и да ја отфрлам подадената рака за да докажам дека можам сама да чекорам. Зарем јас да си поиграм со некого? Зарем во тоа се претворив? Ве молам еден аплауз за мене. Големо достигнување, секоја ми чест! Па тој не е играчка! Ако јас самата си дозволив да бидам тоа не смеам и другите да ги третирам така. Тој ми е само предан целосно, а јас... јас сум слепа... и беспомошна... збунета... заблудена... Но еден ден кога ќе ги отворам очите него ќе го нема, можеби покрај мене и тој ќе сфати дека не го заслужувам. Од тоа и се плашам! Не сакам пред мене да ги отвори очите! Без него јас сум... сама.