Saturday, December 29, 2012

Марионета


Како изгубен патник на пола пат застанат. Мислев ги знам одговорите кога го пуштив чекорот, мислев дека го знам планот напамет и одеднаш истите прашања пред мене. Ова повеќе не сум јас, јас не се познавам ваква, сето ова е премногу хаотично и бучно, а јас доаѓам од мирен град. Се погледнувам во огледало, да јас сум, но и не сум. Измешани личности гледам пред мене, не ги препознавам. Онаа вистинската, онаа која ја познавам никаде ја нема. Дали во мене удрило она „Кога сите зошто да не и јас?“, но не е можно, јас бев заколнат непријател на тоа, јас бев таа која сакаше да ја сруши таа предрасуда насекаде која владее. Каде појдов? Каде стигнав? Како да се вратам назад? Ете го патот, таму е, познат е, нека не се правам слепа, но ако дадам само еден чекор сè ќе замре, кулите ќе се срушат, планот ќе остане вечно нереализиран. Успехот мами, ризиците од неговиот блесок се губат. 
Слаба сум за да прогледам, не сакам, одбивам, се бунам, а тоа е знак дека сум се стопила во општеството кое го мразам, кое ме задушува, кое сакам да го променам. Можно ли е вакво нешто? Се слуша глас , тивок, вели „Разбуди се, врати се!“, но се губи некаде. Слаб е, изнемоштен,  а мене ми треба размрдување. Премногу е кревок за да ми удри шлаканица и да ме освести. Решена сум да победам, да тргнам напред, со крената глава како демек силна сум, но онаа мала човечност во мене може да ме уништи, не луѓето, не стапиците, туку човекот во мене, сè уште е жив и не се откажува. Зошто јас ја имав таа несреќа да имам срце наместо камен? Казнета сум или благословена? Изгледа во вакво општество тоа првото. Најлошо од сè е кога самиот на себе си најголема препрека на патот. Сè ќе дадам да можам некому да удрам незаслужена шлаканица и пак мирно да спијам. 
Или чекај, не сум тоа јас, не треба така, чекај... чекај... Проклето е да е ова општество, проклети да се луѓето во него. Како да се живее онаму каде што вистинскиот човек се двои од општеството, како да се живее во општество кое не знае да го цени вистинсиот човек. Дали човек треба да се стопи во него и да ги преземе неговите вредности или сепак вреди да се остане вистински?