Sunday, January 6, 2013

Господ е крив

        Се чувствувам чудно, оваа не е моја игра, овој не е мојот начин. Седев таму, бев насмеана, од навика, но го немаше сјајот во моите очи со кој јас ја чувствував мојата насмевка. Таа соба беше голема, прозорецот отворен, но јас некако се гушев. Мојата душа беше премногу голема за толку  мал простор, јас не сум научена така, јас не знам да реагирам на тие чудни погледи кои ми влеваа недоверба, јас сакам да лебдам, да се смеам, да бидам своја, да ги раширам крилата и да не ми е ни најмалку важно дали ќе паднам или не. Рацете ми беа врзани, нозете пресечени, не знам јас така да живеам, јас така не љубам.
 Слободата ми ја зедоа твоите очи, твојот поглед ми ја засени душата, а можев многу подобро, всушност тоа беше туѓинец во моето тело. Од моите усни излегуваа сосема погрешни зборови, ги мислев, сите, како и се што кажувам, речиси, но јас ретко размислувам така. Кој беше повеќе исплашен не знам, и јас се плашам, многу по веќе отколку што луѓето можат да замислат, не сум јас бесна кучка што оди со глава во ѕид, не поминувам планини, не препливам реки, ама не носам ни замаглен поглед, ладно срце и одалечени мисли. Успеа да го извлечеш лошото од мене, можеби и до тебе е, можеби до мене, кој знае. Ајде ќе бидам фер и ќе го обвинам Господ, нему нека му тежи. А само кога ќе се сетам дека повеќе ти верував кога беше само обичен странец, можеше да бидеш и убиец. Сакаше да му угодиш, да ме удоволиш ама јас пак останав гладна.
Отидов таму за да полетам, но чувствував како пердувите ми паднаа сите до еден, отидов таму да ја пренесам светлината што ја носам во себе, да ја засилам, но нешто се случи, таа згасна, кој ја згасна? Ајде пак нека биде Господ. Отидов да ги наполнам градите, а одвај успеав воздух да земам. Имав толку да кажам, а толку многу чув, не си ни свесен колку, а ти, ти не чу ништо од она што моето срце го говореше, но немај гајле Господ е крив. Отидов насмеана, со светлина, со енергија, се вратив како да бев на бојно поле. Можеби и бев, се борев самата со себе, сакав од мене да излезе вистинската јас, но изгледа изгубив. Куршумите беа силни за мене. Сакав да ве запознаам тебе и јас, но изгледа самата се изгубив во себе. Само едно ми се вртеше во глава „Каде сум? Што побогу јас барам тука? Овој воздух ќе ме задуши! Овие синџири околу мене ќе ме убијат!“. Душата ми вриштеше внатре, но никој не слушаше, сакаше да излезе, да полета, да заигра, да се насмее. Ах таа насмевка, колку ми недостигаше? Дали воопшто забележа дека тоа не беше мојата насмевка, кој знае од каде ја имав украдено? Дали забележа дека сјајот се изгуби? Дали забележа дека јас размислував, а дојдов да го пуштам мозокот на пасење и да бидам едноставно јас? Дали забележа дека желбата беше убиена? Кој беше убиецот? Подобро да молчиме, не ни треба одговор, нека биде пак Господ. Ах Господе...
                   Тоа е што е, нема поинаку, нема назад, и мило ми беше шо ја запознав јас со себе. Знам дека се плашев, знам дека бев исплашена до смрт, треперев од страв, стравот во мене беше многу поголем, но тоа што се плашев не ме правеше кукавица. Јас се плашев, ти беше кукавицата! Но како и да е, сега сосема небитно, се враќаме повторно на почеток, пак станавме двајца странци кога требаше подобро да се запознаеме. Животот оди напред, мојата насмевка е тука пак, крилјата пак можам слободно да ги раширам и со полни гради да дишам...а ти.. којзнае еден ден можеби ќе ме запознаеш, можеби ќе се запознаеме и двајцата.