Tuesday, January 8, 2013

Тој беше реалност, а јас дете

       Кога се појави во мојот живот бев уште дете. Мислев знам доволно за љубовта, за чувствата, за вистината и лагата, за игрите. Мислев дека љубовта е игра и играв,а што ли играв само...Тој само ме гледаше како се обидувам да го фатам ритамот на музиката која никаде ја немаше. Не се обидуваше да ме вразуми, ме оставаше слободно да се движам низ звуците замислени во мојата глава. Знаеше дека секое попречување нема да донесе ништо добро, јас не бев некоја на која само ќе и покажеш со прст и ќе и кажеш наваму чекори, и тој тоа го знаеше. Секогаш ми дозволуваше да трчам силно колку што сакам иако знаеше дека ќе паднам, сакаше да ме тргне од опасности, да ме заштити, но кога ќе дадев отпор колку и да беше во право попушташе. Мојата тврдоглавост беше посилна од неговите вистини. Не! Нему не му беше сеедно, ниту малку, се обидуваше, секогаш, одоколу. Тој знаеше дека ова е мојот живот, мои битки, мои лекции и тој беше среќен што е покрај мене, и јас бев среќна само што подоцна дознав.
   
      „Те сакам“ тоа беа зборови кои никогаш не ми ги кажа, а јас никогаш не прашав бидејќи знаев. Неговата љубов се одсликуваше од неговите дела. Не, тој не поместуваше планини, не симнуваше ѕвезди, не користеше излитени фрази... Тој беше одблесокот на вистината, добрината и искреноста. Секогаш ми ја кажуваше вистината во очи каква и да беше, ми укажуваше на суровата реалност, мене, вечниот сонувач и фантазер. Тој ми кажа работи кои ретко кој се осудува да ги изговори. Секогаш имаше трепение и време за мене, од каде ги наоѓаше не знам, јас да бев третина како него сега ќе бев среќна. Слушаше дури и кога зборував глупости, а јас речиси секогаш зборував глупости. Јас да бев на негово место ќе побеснев, илјада пати ќе се развикав, ќе започнев илјада караници, дури и шамар ќе си врзев, но не тој некако необјасниво успеваше. Лесно беше да се биде со него, тој беше секогаш секаде, лесно беше да бидеш  среќен,насмеан, заштитен. Тој ми дозволуваше да летам, брзо , високо, ниско... ми дозволуваше да играм, да викам, да плачам, да се смеам, да дишам. Со него јас бев јас и тоа му беше доволно, никогаш не бараше ништо, но јас не бев како него. Јас барав...

          Крајот на играта дојде, ниту една музика не е вечна. Еднаш морав да запрам и да ги отворам очите, но блескот на тоа чисто срце ме исплаши. Јас не знаев без игри, не умеев тогаш, во тој момент се ми изгледаше страшно, туѓо....и... избегав. Не знаеш друго, не знаев како... и да жалам...