Saturday, November 2, 2013

Глас

          Веќе знаев и  воопшто не ми беше тешко да чекорам онака како што денот милува, во убавите мигови да се насмеам во лошите да се утешам и пак да продолжам. И така секој ден, веќе навикната, одев по патеките молчејќи, знаејќи дека таму освен трњето и гласот остава лузни. Се плашев од мојот глас, неговата јачина ме растреперуваше и ете научив да голтам кога е најсилен. Научив да го игнорирам кога ме гребе одвнатре ко дива мачка која сакаш во раци да ја задржиш, понекогаш дури успевав и да го замолчам, бидејќи знаев дека само болка може да ми донесе и солза да ми подари. Научив да живеам со него како без него и признавам убаво ми беше. Денот убав, животот тивок, течеше така ко мал поток низ музиката на тивките птици. Брдата и планините беа страшни, течев и таму порано и затоа сега раните болат и при секое каменче тука. Но барем мирно е... Тивко е.... Се живее...

            Одеднаш чашата се прелеа, и животот згазна на гордоста, се обиде да го покори достоинството, да ја уништи мислата. И мирниот поток наиде на брза рака која води до нови клисури. А гласот, тој како никогаш претходно да не бил присутен и од мачка се претвоти во лав кој ми ги раскинуваше градите и не постоеше можност да се зачува мирен. Сам се искачуваше низ грлото, да излезе на светлината на животот. Не беше возможно да го игнорираш, да го запреш, да го проголташ. Врескаше и сите слушаа и повеќе ништо не беше мирно, и повеќе не можев да чекорам онака како што денот милува, гласот ми ги движеше и телото и духот. Јасно беше дека сѐ што научив беше погрешно. Никогаш ништо не беше мирно, и никогаш не беше за молчење. Ова што сега вришти во мене, тоа сум јас. Јас сум она каменче во потокот што ми ја лути раната. Јас сум мојот глас!