Tuesday, May 14, 2013

Изгрејсонцето ќе го донесе новиот ден, новиот ден ќе донесе нови патишта


 Застана на прагот замислена, се двоумеше дали да го даде првиот чекор или да истрача од таму како неискусна жена. А толку време помина од последниот бакнеж, од таа силна прегратка.... помина без да се потроши. Неговиот поглед мамеше, ја влечеше како магнет кон себе забранувајќи и да размислува. Не знаеше дали само така нејзе ѝ се чинеше поради долгото одсуство на маж од нејзиниот живот или тој сепак се двоеше од целото тоа сивило. На крајот на краиштата и не беше важно, беше сладок и тоа беше доволно. Ја прифати играта на занесното срце и се втурна во авантурата на една ноќ, за се постоеше прв пат, со доза на среќа се смешкаше во себе
Тој беше желен за љубов, за топлина, му се здосади од сѐ друго, се измори... па доста беше. Таа пак се заколна дека никогаш повеќе нема да љуби, ќе биде како што беа тие што ја љубеа, слободна, насмеана и студена. Седнаа и се препуштија на виното, ноќта беше долга а тие не се брзаа никаде. Додека тој се обидуваше да си ја отвори душата за прв пат, во нејзинте очи можеше само да се прочита желба. Не слушаше ниту збор од она што тој го кажуваше иако во оваа ноќ таа за него блескаше најсилно и од најголемата ѕвезда. Не беше заинтересирана за неговите бакнежи на туѓите усни кога сега нејзините му беа толку блиску, не е важно, што било вчера е минато, а таа живее за сега. Уживаше во улогата на лоша девојка со ангелска насмевка
Во тој момент тој за неа беше единствен во животот.Се однесуваше како нему да му припаѓа нејзината душа, нежно ги галеше неговите надежи и му се насмевнуваше на лесната преданостГо гледаше како ѝ го испружи срцето на дланка, но не и пречеше, се додека е тивко и  ѝ дозволи на ноќта ќе биде убава. Таа не ја бараше љубовта, не сакаше ни да зборува за неа, бегаше бидејќи еднаш успеа да и го види ликот. Оваа ноќ само сакаше да љуби како да е заљубена, да почувствува допири на нејзината кожа како да за нив копнеела со години. Имаше потреба оваа ноќ некој да и покаже дека е негова, некој кој ќе зборува со рацете, а од очите ќе изфрла жар. Сакаше крвта да и зоврие, и усните да и го згаснат огнот, мислите да одлетаат, а утре... што е важно...Не беше важно ако нема да се разбуди покрај него, сакаше оваа ноќ да биде незаборавна и се предаде на моментот, на желбата која гореше во неа, додека тој ѝ се предаваше нејзе, за прв пат толку искрено во животот. Се испомешаа мислите, надежите, очекувањата, се испреплеткаа бакнежите, извиците, гребењето... задоволството...
           Со насмевка на лицето дека сонот конечно стана реалност тој заспа, мислејќи не е секоја иста,а тој штотуку зачекори во нова приказна со една поинаква, а таа го почека изгрејсонцето за да го донесе новиот ден, а новиот ден да ѝ донесе нови патишта. Со безшумен чекор му се извлече од сонот, го остави сам да сонува без да знае и изчезна. Знаеше дека никогаш нема да го заборави бидејќи тој беше прагот низ кој мораше да влезе во новиот живот, вистинскиот. А ниту тој неа, можеби ќе ја мразеше, можеби ќе му беше сеедно, но не можеше да ја заборави исто како што таа не можеше да го заборави оној кој нејзе ѝ ја уби вербата во љубовта. Сега таа беше нечиј убиец, но не чувствуваше вина  Па љубовта не постои зарем не?