Saturday, February 16, 2013

Три точки...


                Иако долго време нивните животи тргнаа по други патеки таа не можеше да ја заборави нивната приказна. Секогаш кога и да мислеше на него чувствуваше празнина. Ѝ недостигаше начинот на кој ја гледаше, кога ја впиваше со очите, кога ја смееше за да ужива во нејзината насмевка. Ѝ недостигаше неговата ведрина, свежината која тој ја внесуваше во нејзиниот живот. Многу нешта после него ѝ недостасуваа, но се навикна да живее без нив, да се смее и радува. Но празнината сѐ уште постоеше, копнежот, желбата за уште една незаборавна ноќ во неговите прегратки, трите точки наместо една.
            Чувствуваше дека таа ноќ многу зборови останаа не кажани. Гордоста застана пред срцето и таа проголта сѐ што врескаше во неа, се насмеа ко тоа да беше само сон, ја крена главата и наместо да викнеше „Те молам не оди си, остани. Те сакам“ таа само студено додаде „Добро, и јас веќе некое време сакав да ти кажам истото, мило ми е што се разбравме.“. Мразеше да лаже, но помеѓу потклекнувањето и лагата секогаш го бираше второто. А знаеше дека сѐ уште ја сака, во очите сѐ уште можеше да ја види насмевката која само љубовта може да ја предизвика. Но таа не можеше да си дозволи да се наведне, да моли, да ја признае вината, да потклекне, да покаже слабост, зависност, па дури и по цена на љубовта. Таа ноќ реши да си замине и да го задржи достоинството!

            Сега после толку време тие зборови и стоеја во душата како тежина. Додека не ги изговореше не можеше да стави крај и да  продолжи по новата патека без илајда прашања. Не знаеше како ќе го стори тоа, ако тогаш немаше храброст сега уште помалку, но ако сакаше помирни ноќи мораше.
            Знаеше дека вечерва ќе биде во новото кафуле, така дозна и се договори со другарките и тие да одат таму. Се средуваше два часа, оваа ноќ сакаше да биде најубава, да ги врати спомените, да ги скокотне чувствата. Сакаше и да владееше и да биде поробена. Во неа заживеа надежта дека тие три точки можат да се претворат во првите зборови од новата приказна.
            Пред да излезе се заколна дека ќе го стори тоа, мораше. Ги наполни градите со храброст и го даде првиот чекор. Но веќе кога влегуваше внатре нозете ѝ се тресеа, срцето ѝ беше исплашено, воздухот почна да ја загушува. Сепак беше многу одамна, се обесхрабруваше, но тој ме сакаше, се тешеше. Со погледот го бараше насекаде, но него го немаше, немаше ни трпение, со сѐ беше при крај. Отиде до шанкот да земе пијачка, тоа ќе ѝ помогнеше, барем така веруваше.
            -Еден џин тоник.
Ја зеде пијачката, се сврте и тогаш бум! Пред неа стоеше тој, се гледаа очи во очи. Колената ѝ затрепериа, рацете ѝ играа, мислеше дека нема да успее да каже ни збор. Го гледаше како да сонува, се разубавил, очите му се уште поведри, насмевката уште позаразна. Имаше желба да му се фрли во прегратки и да го бакне. Ах само колку копнееше по тој бакнеж. Тогаш иако стоеше на метар од неа  ѝ се чинеше како да е на другиот крај на планетата.
-Здраво! – ѝ подаде рака, секогаш беше љубезен.
-Здраво! – му врати таа.
-Запознајте се ова е Мими, Мими оваа е една стара пријателка.
Се сврте и дури тогаш ја забележа девојката покрај него, средена, убава, згодна. Ја измерка од глава до петти, сигурно му беше девојка. Се насмеа како да одвај чекала да ја запознае иако вриеше од љубомора. Но ова не мора да те обесхрабри, па денес не секоја врска значи љубов, се тешеше со последни сили.
-Јас одам по пијачки. – рече девојката и замина.
Неговите очи ја пратеа, додека ја гледаше сјаеше, на усните му лебдеше чудна насмевка. Ја гледаше како што некогаш ја гледаше и неа. Со топлина, со преданост. Очите го издаваа, од нив ечеше насмевка која може да ја има само вљубен човек.
-Добро, да одам јас, мило ми е што се видовме.

            Не го ни слушна што кажа, побрза да се изгуби од местото, си голтна и зборовите и солзите, се насмевна, ја крена главата и продолжи напред. Душата ја болеше за изгубената шанса, но знаеше таа е виновна. Мора да продолжи да живее со неизговорените зборови кои цел живот ќе ѝ тежат на душата, и празнината која вечно ќе остане непотполнета за да ја потсетува на кукавицата во неа, па дури и кога двете точки ќе се избришат и ќе остане само една.