Tuesday, February 26, 2013

Исти денови

                   Aјде собери си го чадорот и замини. Немој да се вртиш, нема потреба да си размениме последни погледи. И нема причина, нема објаснување, само празнина. Нема трети виновни, нови пролетни занеси, нема ниту пречки на патот, ниту остри зборови, страв, себичност. Замисли нема ниту една кавга. 
                  Цвеќињата во рајската градина се исушија, листовите паднаа, дрвата замреа, птиците избегаа, ветрот стивна, тоа беше нашата градина. Не успеавме да го одржиме огнот кој го запаливме, мислевме дека жарта е доволна, но ете и тој се губи. За Сонцето да те стопли треба прво да му се насмееш, ние се залажувавме со некој залутан зрак кој ни градеше илузија на пролет. Се губиме во целата монотонија, ја оставивме нашата слика на среќата заедно со старите книги во темната и влажна библиотека и таа почна да бледее. Целиот тој шарен свет се претопи во сивило кое не гуши, додека едноличноста ни ги убива душите. Стоиме на автопатот како двајца старци , а се околу нас брза. Не ни помислуваме да направиме напор за да влеземе во полето полно живот, а нема ниту ветер за да не потурне. И залудно сама си ги полнам рацете со вистина кога тие држат само спомени во сегашноста.
                 И ајде слободно оди се. Не плаши се и не врти се, не сме деца, пораснавме оној момент кога си ги пуштивме рацете и чекоривме еден покрај друг. Нема потреба од прашања, оваа долга тишина зборува доволно, нема потреба од обвинување, ако некој мора да биде виновен тогаш да ги обвиниме нашите слепи срца. Ајде замини си, земи си го и чадорот, тој одамна престана да ме штити од дожд, и не ти ги барам назад насмевките бидејќи веќе си ги зедов. И немој никогаш да помислиш дека ова е грешка, дека имаше шанса, дека можеше, немој ниту да се покаеш бидејќи животот е премногу краток за љубовта да ја замениш со навика.