Thursday, March 7, 2013

Проклето добро....

            Седеше на тарасата и ја допушуваше којзнае која по ред цигара. Ова кафе одеше само со цела кутија. Го направи горко како и што се чувствуваше тогаш, проклето добро кафе. Врелината му се лизгаше низ грлото и се обидуваше да го згасне огнот кој се распали во него утрово. Проклета да е мислата, проклет да е првиот сончев зрак. Проклета да е таа црнина, проклета да е ноќта, проклето да е времето .. проклет да е и тој.
            Го гледаше тој мамлив прозорец како да беше дијамант кој маѓепсува и полека пиеше од проклетото добро кафе и како неискусен тинајџер влечеше од цигарата. Денес не можеше да се познае себе си, посакуваше да залепи една добра шлаканица и да се задави во горчината.

            Не можеше да поверува дека денес такви мисли му поминаа низ глава и си дозволи да ја погледне со други очи. И повеќе не беше малата соседка од спротива не беше финото девојче со наивна насмевка. Нејзините очи блескаа со страст, усните и гореа како на жена во најубавите години и телото и зборуваше повеќе од очите. Косата што и паѓаше на градите заедно со ветрот што ги галеше го бркаа невиното од неа. И само како умешно се движи, нејзиниот совршен од за кој мечтаат вистински дами му го чепна копнежот. И сакаше да ја сопре, да ја покани на кафе, да и свари исто вакво проклето добро црно кафе
            Си го прегриза јазикот, си ги прекори мислите и си удри една силна етичка шлаканица. Таа беше невиното девојче од соседството, што се случи, дали тој полуде? Но девојчињата растат стануваат жени, времето тече а мислењата се менуваат, само вкусот на кафето останува проклето добар.