Monday, March 25, 2013

Ах моја чудесна...


Ја наполнив чантата со надеж и очекувања, ја ставив на рамо и зачекорив задоволно верувајќи во себе, во тебе, во сите нас. По патот насмевки, ведри лица, исполнети срца и чувство на моќ, колку прекрасна улица. Денот е наш, а ние сме вистината, нема никој над тоа. Дури и Сонцето е посветло, им се смешка  на можноста, на она што може да биде, а со него се смеам и јас. И одеднаш ја сретнувам кратковидоста, залутаноста, замаеноста. Ме фати страв, но од чантата пуштив малку надеж и си реков „за мене се работи, пред сѐ“ и продолжив. Се осудувам да ги погледам луѓето во очи , но таа мисија станува се потешка. Им се губи мислата во погледот, визијата им е толку кратка што не стигнува ни до мене. Ми зборуваат на туѓ јазик, за туѓ живот, за некое друго време убедени дека е нашето. Го погледнуваат правот на рамењата и гледаат само полен на утринско Сонце.  Не се осудуваат да дадат чекор повеќе од идеалот на кој му го познаваат името, но не и суштината, се плашат да отворат очи, да побараат одговори. Забрането е, казниво со закон и крајно неморално да се поставиш себе си на прво место на вистинскиот пат.
            Повторно крадам од надежта, воздухот ми е се потежок, очекувањата си одат, останувам сама да се хранам со вербата дека не сум единствената, и тогаш повторно налетувам  на поглед кој ми го гори срцето и ме тера да врескам. Имам толку многу да кажам, но не знам како се разговара со луѓе кои живеат во сосема различен свет, каде свири друга музика, луѓе однапред наоружани  со куршуми кои го гаснат Сонцето во тебе. Гледаат во прашината на недопрената земја и успеваат да видат дека дупката е откопана , водата пронајдена и стравот заборавен, а самите на себе се најголема жед. Додека ја гледаат нивата полна рози на соседот уживаат во трњето кое се посилно им ги боди стапалата. Сакаат да скинат роза, веруваат дека така ќе го внесат мирисот и убавината  и кај нив, но скинатат роза венее, а трњето останува.
            Се загушувам, земам уште една доза надеж за да можам да го преживеам ова. Опколена сум со луѓе со туѓи визии, украдени мисли, позајмени зборови...Завртени со грбот на огледалото, заспиени од приказната... И не е толку страшно туѓото колку убеденоста дека е наше.
            Одам по патот и се поретко сретнувам луѓе, наоколу марионети кои не се противат и уживаат да бидат манипулирани. Воздухот загаден, денот се смрачи, чантата испразнета, очекувањата целосно избледена, а еве и вербата почнува да се предава... 
              Можеш да  подариш око, но само на оној кој е свесен дека му недостига.