Thursday, April 25, 2013

Изгрејсонце, цигара и една голтка кафе


Го допуши првото утринско цигаре стоејќи на тарасата и восхитвајќи му се изгрејсонцето. Целосно сам, уживаше во секој миг, во секој дим... се чувствуваше толку лесен и безгрижен...Посакуваше вака да му започнува секое утро, наместо да му завршува денот
Тишина, руменило и цигара.... мир за душата
Отиде во кујната и си свари турско горко кафе, сакаше целосно да му се предаде на утрото, а какво е тоа утро без турско. Ги мразеше сите други кафиња наутро, горчината што му се разлеваше низ устата му ја засладуваше душата.Се врати на тарасата,седна со шољата кафе и ја запали втората  цигара, а втората не е како првата, исто како втората чашка ракија,патот е веќе потмачкан.
Погледна нагоре, таму се криеја душите од секоја помината вечер, од сите исплакани солзи, од сите лоши зборови, долу врвеа само намрштени лица. И одеднаш му застуде, ветерот му помина покрај срцето и продолжи. Се напи поголема голтка горчина и зеде поголем дим од цигарата за да го врати онаа смирувачко чувство кое те одзема од светот. Но се уште беше студено, несигурно го сврте погледот кон разместениот кревер како да знаеше дека нема да му се допадне тоа што ќе го види. Таму некоја без име спиеше без да сонува, каде сонот се бореше со алкохолот, која дојде овде за неколку пијачки. Виде девојка без концепт за утре, без план, без надеж, предадена на ноќта, девојка која живееше само за забава, таму некад во неа се види себе си...Си замина претходната, ќе си замине и оваа и таа што ќе дојде, сите си заминуваат....прошепоти само за себе, без желба да го промени тоа.
А шишето со водка празно лежеше до девојката, тоа беше слика што носи зима. Баш таков беше тој, истрошен, празен, загубен.... и сосема мирен над луѓето кои сепак прават нешто. Се што сакаше во оваа утро беше една девојка,бушава,несредена,нешминкана,поспана,со дамки на лице,здебелена која ќе седи со него и ќе молчи. И тогаш се сети дека имаше една таква која се будеше пред изгрејсонце и знаеше да молчи и да ужива во тишината на утрото. Една која не прашуваше, која го знаеше патот и која имаше граници кои тој ги пречекори. И баш поради неа го сакаше изгрејсонцето со кое таа се будеше а тој заспиваше и знаеше дека е таму некаде и го гледа и молчи. И знаеше дека никогаш повторно нема да пронајде девојка која поубаво молчи на изгрејсонце, и која нема да успее да ја извалка оваа убавина.Тој ги сакаше девојките со кои никогаш не можеше да биде, чии патишта секогаш се разминуваат, кога тие се раѓаа тој замруваше.
Си ја допуши цигарата, ја испи последната голтка од кафето вкусувајќи и дел од тежината и легна покрај девојката без име.