Saturday, April 7, 2012

Чекорам


Стојам. Сама сум. Окулу мене нема никој, нема ништо. Не остана ништо друго освен да ја помрднам ногата и да го направам првиот чекор. 
Нема да лажам, се плашам. Треба да зачекорам онаму каде што никогаш не сум била порано, во сосема нов свет.  Треба да појдам таму каде нема камен за да си ги одмориш нозете, или дрво на кое можеш да ја ослониш главата.
 Признавам, очите ми се полнат со солзи, но нема да испуштам ни крик, треба да се научам да плачам без солзи. Позади мене познати луѓе и полуотворени врати кои водат кон просечното, пред мене само прашалници и ништо повеќе.
 Кој знае што има зад нив, можеби е најдоброто, но можеби е и најлошото, се разгледуваат сите можности. Не е лесно, ни најмалку не е лесно да глумиш дека си храбар, дека можеш и дека најсилно веруваш, дека не се плашиш, но зарем имаме некогаш друг избор. Можеби пак ќе поминам низ овој пат некој ден, во спротивна насока, со наведната глава и неуспех, ама тогаш барем ќе можам да кажам дека сум се обидела, дека јас сум го дала мојот максимум. 
Не сакам работите да ги оставам на судбината, зарем да чекам, има ли време за чекање? Не сакам ниту да зачекорам по стапките на сите окулу мене, тој пат е изоден од многу луѓе. Верувам во себе, знам дека има нешто внатре во мене што го носам цел живот и кое вреди. Знам и дека можам многу повеќе и затоа толку силно сум решена да го направам овој чекор. Нема време за колебање. Ова сум јас, една и единствена, неповторлива. Нема да дозволам нечии сенки да ме затворат во теминина, бидејќи она што го носам во себе зрачи. Ќе се борам, бидејќи вредам. Почнувам. Сега. Посакајте ми среќа!