Monday, April 30, 2012

Волкот и Црвенкапа


                Седеше на двоседот, маската му беше симната, светлината што влегуваше од малиот прашлив прозорец му го осветлуваше лицето, но сепак оставеше мала покривка на сомнеж. Но нејзините очи не можеа да го видат тоа, беа премногу вљубени, а тој беше овде да ѝ земе сè што има. Беше крадец, лажго, и очигледно беше добар во тоа. Можеше да ја гледа во очи и да ја лаже, тоа не беше никаков проблем, можеше раскажувајќи ѝ приказни за добра ноќ со една рака да ѝ го празни џебот, може да ја соголи додека таа мислеше дека напредува, тони а тој ја убедува дека се качува кон врвот. Најстрашно е што таа му веруваше, му веруваше слепо и само он беше во право и само он знаеше сè. Никого не слушаше, веруваше дека тој е нејзиниот спас и само тој знае може да ја спаси и дека веќе чекори по патот кој води кон излезот, незнаејќи дека само сè враќа назад.
                -Зошто ја носеше маската? – го праша плашливо, не сакаше да го разлути
                -Поради тебе, да не ме забележат соседите и потоа да озборуваат, а озборувањата им годат само на славните.
                -Зошто одеше толку тивко, на прсти?
                -Не сакав да те разбудам, ако спиеш?
                -Како можам да спијам сред бел ден?
                -Никогаш не се знае, можеби си имала главоболка па си легнала, не сакав со мојот тропот да те вознемирам.
                -Што тражи тој пиштол во твоите раце?           
                -Тоа е само поради заштита, не можам да дозволам некој да те повреди. Се заколнав пред Бога дека ќе те штитам и нема да дозволам ни влако да ти недостига.
                -Зошто раката ти беше во купот пари?
                -Сакав да ги преместам на сигурно место, овде се премногу на ризик, секој крадец прво овде би ги побарал, морам да се грижам за твојата иднина, не смеам да те оставам така. Знаеш дека ти си ми сè, за тебе би сторил сè што сакаш, не можам да си го замислам животот без тебе, без твојата насмевка и тие прекрасни очи.  Секоја твојта солза мене ме пече, кога ти си тажна јас не сум мирен. Се што е твое за мене е свето.
                Таа  ја наведна главата.
                -Се срамам. –рече таа тивко.
                -Нема зошто? Пред мене можеш да кажеш сè?
                -Помислив дека си сакал ... ах глупости, заборави. Важно е дека си сега овде и се грижиш за мене. –рече таа и му се фрли во прегратки.
                Тој цврсто ја притисна до него и ја бакна во челото, да знае дека не е сама, додека погледот му остана закован во купот пари.