Monday, April 2, 2012

Hachiko

После неколку канења и обиди да го гледам Hachiko.A.Dogs.Story., секако неуспешни, решив веќе еднаш да видам што се крие зад тоа куче. Сите ми велеа како филмот е многу убав, дека е тажен, дека плачеле на него и дека треба да го гледам. По природа не сум по плачливи фимови и до сега не сум плачела на филм ама на овој за чудо пуштив солза. Нема да кажам дека е убав и да ве замарам за тоа што се работи во него и што како, кој мисле дека треба да го погледне ќе го погледне, кој не сака, не сака. Поентата не ми беше ниту филмот ниту кучето, сакам нешто друго да кажам. Кучето чекало повеќе од девет години и пак не се откажало, се прашувам дали јас некогаш ќе се откажам. Што е полошо да чекаш некого и да се надеваш дека ќе се појави, или да чекаш некого кого знаеш дека никогаш нема да се појави? Знам дека го нема, знам дека никогаш повеќе нема да се појави, знам дека никогаш повеќе нема да размениме ниту еден збор, ниту една мисла, ниту поглед, но сè уште го чекам да се појави таму некаде. Луѓето мислат ако се смееш и кажуваш шеги си заборавила се, не насетуваат дека секое дел од твоето тело го очекува него, во секој момент, насекаде. Секогаш кога погледнувам кон неговиот  двор очекувам да се појави, да ми се насмее и да ми каже нешто паметно како што само тој умееше, секогаш кога одам низ улица очекувам тој да помине со автомобилот и да ме повози, кога одам на кафе го очекувам и него да влезе и да ме почасти пијачка како секогаш, но него го нема. Никогаш повеќе нема да го има, но јас го чекам со секое отварање на вратата, со секој вик на улицата, со секој ден. Никогаш нема да престанам, не дека не сакам, не можам. Сум се обидела, но не оди. Тој е тука, тој не е мртов, се буни нешто во мене и секогаш ќе се буни, и сега и по десет години. Ние само знаеме дека нашите најмили не се меѓу нас, но не можеме да прифатиме дека никогаш повеќе нема да ги видиме. Никогаш повеќе...